„Како два светилника го просветчлувате она што е под небото; движени од Духот, богоносци, сета твар ја обиколувате, и оние кои лежат болни на постела ги посетувате, и од неволји избавувате“ (песна од канонот на Утрена на празникот на светите бесребреници Козма и Дамјан).

 

На 14.07.2023 година, на денот кога си спомнуваме на светите бесребреници Козма и Дамјан, кои биле мачени во Рим, во храмот „Св. Козма и Дамјан“ во Пештани, Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоереј-ставрофорите Ристе Ристевски и Александар Димоски, свештениците Атанас Казанџиски, Димче Азески и Сашо Целески и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, којашто ви ја пренесуваме во целост.

 

Митрополит Тимотеј


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри,

Ние како православни христијани честопати ги упатуваме нашите искрени молитви во нашите храмови и во нашите домови кон различни Божји угодници. Па, така, често се обраќаме и до светите духовни браќа Козма и Дамјан, лекари и бесребреници. Во нашиот секојдневен живот, поднесувајќи некоја молба кај некој државен орган, честопати бараме некој заеднички пријател да ни помогне, да ургира кај задолжениот службеник за решавање на нашето молбено барање, да го реши што е можно побрзо и полезно за нас. Со други зборови, бараме посредништво за нас пред одговорната власт, како подносители на молбата. Така стојат работите и во духовниот живот. Ги упатуваме молбите кон Бога, а, истовремено, молиме некој наш светител Божји, како праведник и угодник, тој да Го моли Бога за нас, за да ни се даде сѐ што сме молеле. И така со нивното посредништво да се исполни нашето барање. Се обраќаме до Божјите угодници, бидејќи за време на нивниот земен живот ја исполниле волјата Божја и добиле љубов од Бога, и вечен и блажен живот во заедница со Бога, па веруваме дека со нивното посредништво Бог ќе ја исполни и нашата молба.


Многумина во своите молби кон Бога се обраќаат и кон св. бесребреници Козма и Дамјан, тие да се молат за нив на Бога, како наши заштитници пред Бога. Потребно е накратко да се запознаеме и со нивниот живот на земјава. Овие Божји угодници се родени во Рим и уште од малечки биле воспитани од нивните родители во христијанската вера. Уште од мали нозе биле научени на Богољубие, човекољубие и правдољубие. Ги изучиле тогашните медицински науки. Како лекари го посветиле севкупниот живот во служба на Бога и на луѓето, како кон свои браќа. Поради нивниот висок морал и добродетелен живот, добиле како дар од Бога благодат и моќ да ги лекуваат луѓето од сите болести, и тоа не толку со медицински средства колку со полагање на своите раце над болни и со молитва кон Бога. Бог со Својата семоќ и преку посредништвото и молитвата на овие лекари, а и преку цврстата вера на болните, ги лекувал.


За својата лекарска помош и работа не примале никаков хонорар или награда, па затоа и се наречени лекари – бесребреници, но и поради чудесните исцелувања и чудотворци. Овие двајца бесребреници наследиле голем имот од нивните родители. Тие живееле од приходот на тој имот, но и делеле на сите на кои им била потребна помош, па затоа и стекнале голем углед и почит од своите сограѓани во Рим.


Во тоа време во Рим владеел царот Карим, незнабожец и голем непријател на христијаните. По негова наредба, Козма и Дамјан биле фатени од војниците и доведени пред царот на судење. Царот барал од нив да принесат жртва пред лажните богови, а овие не само што одбиле да го направат тоа туку и исповедале дека веруваат само во Христа и го убедувале дека неговата вера е лажна и дека неговите богови се мртви ракотворби од луѓе, а Бог на Козма и Дамјан е Творец на светот и човекот. На чудесен начин дури и самиот цар бил излекуван од нив, а со тоа го принудиле на некој начин да се откаже од својата лажна и многубожечка вера и да го прими христијанството. Ослободени од судот продолжиле со својата лекарска работа, лекувајќи секакви болести без награда. Но, кај месните лекари се јавила завист, па дури и омраза, затоа што двајцата браќа лекувале бесплатно, па на некој начин им била загрозена и позицијата на останатите лекари кои што живееле од својата работа. Таа омраза особено се јавила кај нивниот учител, и тој на еден лукав начин ги намамил да отидат во планина за заедно да собираат лековити билки. Таму ги убил и едниот и другиот, и тие го завршиле својот живот како жртви на завист од својот учител.


Поради нивниот Богоугоден живот, Бог ги наградил со вечен и блажен живот во небесното Царство. Да се обратиме денеска и ние со молитви кон Бога, а, истовремено, и со молитви кон светите бесребреници Козма и Дамјан за нивна помош и посредништво пред нивниот и наш Бог. Свети бесребреници Козмо и Дамјане, големи угодници и чудотворци, молете Го Бога за нас, Он да нѐ излекува и ослободи од сите наши болести, тешкотии и маки, и да најдеме милост пред Бога за спасение, и вечен и блажен живот. Амин.


Свети Врачи
Храм „Св. Козма и Дамјан“ - Пештани
14.07.2023 г.

 

svvraclet2023 1svvraclet2023 2svvraclet2023 3svvraclet2023 4svvraclet2023 5svvraclet2023 6svvraclet2023 7svvraclet2023 8svvraclet2023 9svvraclet2023 10svvraclet2023 11svvraclet2023 12

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Јули 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
29 30 1 2 3 4 5
6 7 8 9 10 11 12
13 14 15 16 17 18 19
20 21 22 23 24 25 26
27 28 29 30 31 1 2