„Денес неплодната врата се отвора, и пред неа врви божествената врата девствена. Денес благодатта почнува да раѓа плод, кој на светот му ја објавува Божјата Мајка, со чија помош се собираат небесните и земните, за спасение на душите наши“ (стихира на Господи повикав... на Голема вечерна на празникот Рождество на Пресвета Богородица). 

 

Во светиот ден на Рождеството на Мајката Божја, земниот престол на Бога, Кој почива на разумни престоли, и оваа година торжествено беше прославен на сите места во нашата Епархија. Прославата на празникот на Рождеството на Божјата Мајка започна на 20.09.2023 година, со посета на манастирот „Рождество на Пресвета Богородица“ во с. Г. Манастирец, Македонски Брод, каде беше отслужен Акатист на Мајката Божја, на којшто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоерејот-ставрофор Никола Христоски, еромонахот Ефросиниј, свештеникот Зоран Ставрески и ѓаконот Марко Спасовски. Празнувањето продолжи во вечерните часови во манастирот „Пресвета Богородица“ - Пречиста во Кичево, со Празнична вечерна богослужба, на којашто чиноначалствуваше Митрополитот Тимотеј, во сослужение на Неговото Преосвештенство Епископот Антаниски г. Партениј, архимандритите Доситеј и Кирил, протоерејот-ставрофор Никола Христоски, еромонахот Макариј, свештениците Горан Ставрески, Љупчо Бакрачески, Александар Матески, Павел Крцоски и Драган Шуминоски, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски, ѓаконот Марко Спасовски и ероѓаконите Порфириј и Силуан. Со Божји благослов, овој наш свет манастир, на оваа празнична вечерна богослужба, доби уште еден свој вреден работник на Божјата почва, во лицето на искушеничката Николина Петреска од Охрид. Со благослов на својот духовник, и по поминати седум години искушенички живот, Николина беше потстрижана во монашки чин од раката на Митрополитот Тимотеј, и го доби монашкото име Теодосија. На сестра Теодосија од името на целата Епархија ѝ посакуваме исполнување на своите завети, добра служба на Севишниот Бог, и беспрекорно служење на нашата света црква, а за доброто на сите и за спасение на нејзината душа. По завршувањето на Вечерната богослужба, Митрополитот Тимотеј се обрати кон неизбројниот верен народ со пригодна беседа, којашто ви ја пренесуваме во целост.

 

Митрополит Тимотеј


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри,


Во денешниот тропар, прославувајќи го најголемото и серадосно собитие во домостројот на нашето спасение – рождеството на Богомајката, воспеваме: твоето рождество Богородице Дево, радост ѝ возвести на сета вселена.


Како ние да не се радуваме, како да не торжествуваме, кога денеска го прославуваме почетокот на севкупната светска радост. Токму затоа и светата Црква нѐ повикува кон торжество и радост. Овој ден е Господов и затоа радувајте се луѓе! Со раѓањето на Божјата Мајка се отвора нов период во историјата на човештвото. Со раѓањето на Преблагословената настапило тоа време кое со нетрпение го очекувале сите старозаветни луѓе и за кое пророците пророкувале.


Раѓањето на Богородица му ја возвестува на светот големата радост дека настапило времето на исполнување на ветувањата Божји. Тоа се ветувањата за спасение на паднатото човештво и за доаѓањето на Искупителот – Синот Божји, Кој со Својата смрт и Воскресение го разрушува царството на гревот, проклетството и смртта, и го победува ѓаволот, а го отвора патот за оние коишто го сакаат Царството Божјо. Раѓањето на Преблагословената Дева Марија му ја возвестува на светот таа света радост дека во паднатиот човечки род се појавила чиста, непорочна и света Дева, која се удостоила да постане живеалиште на Самиот Бог. Да постане Мајка на Создателот на целиот свет, на Царот на небото и земјата. Божјото небо на земјата се роди – така пее светата Црква. Според својата чистота, таа е превознесена и препрославена над сите созданија, не само земни туку и небесни, постанувајќи почесна од херувимите и неспоредливо пославна од серафимите, Царица на ангелите и на луѓето. Имено, со овој радосен ден, со рождеството на Богомајката, му се открива на светот предвечниот совет на Пресветата Троица за спасението на човечкиот род.


Затоа и светата Црква ги повикува своите верни чеда кон радост и торжества. Овој ден е Господен, воспева таа, радувајте се луѓе. Светата Богомајка се јавува како духовна скала по која Бог се јави на земјата и со луѓето поживеа. Се исполнило ветувањето дадено на првородителите - семе од жена ќе ја уништи главата на змијата. Како да не се радуваме кога преку Неа, преку Пресветата Дева Марија, слегол кај нас на земјата Самиот Бог, Спасителот на светот – Господ наш Исус Христос.


Родителите на Пресветата Дева Марија биле многу побожни и праведни, но немале пород и поради тоа биле презрени од луѓето. Се сметало дека се многу грешни, па затоа Бог не им дава пород. Но, тие, и покрај тоа што биле стари, се молеле на Бога да им го тргне тој срам од пред луѓето, со ветување дека доколку добијат дете ќе го посветат да служи на Бога. Така и се случило. Кога биле згаснати сите телесни страсти, ангел им јавува дека нивната молитва е услишана и ќе добијат пород. Веднаш по слушнувањето на оваа радосна вест, отишле во Ерусалимскиот храм да Му заблагодарат на Бога, а кога се родила нивната ќерка ѝ дале име Марија.


Таква е содржината на денешниот празник. Благодатното житие на праведните Јоаким и Ана се јавува како неопходен праобраз за секој христијанин, затоа што честопати Господ не ги исполнува веднаш нашите молби и барања. Некогаш претрпуваме и маки и болки пред да дојде радоста и милоста Божја. Господ претходно го испитува срцето на човекот, дали тоа срце е праведно. Тоа постепено се очистува како златото во печка, преку страдање и трпение, и после тоа испитување, Господ му испраќа на оној кој просел благословен плод, а на ожалостениот голема утеха.
Така педесет години Господ ги подготвувал прародителите Јоаким и Ана да бидат удостоени да бидат родители на Пресветата Дева Марија. Педесет години ги очистувал пред да ја зачнат Марија, Мајката Божја. Било потребно нејзините родители да се ослободат од човечките телесни страсти, за да се зачне не од страстите туку од молитвата и содејството на силата Божја. Затоа и се раѓа такво чисто суштество, а тие се удостоени да се наречат Богоотци.


Сите родители знаат дека нема поголема радост од тоа да се има деца. Уште поголема радост е кога тие се чесни, работливи, трудољубиви, а, пак, нема поголеми потешкотии од тоа кога се болни, несреќни и сл. Особено мајките се подготвени да направат сѐ за да им биде подобро на нивните деца. Затоа и нема ништо поголемо од мајчиното страдање. Но, во тоа страдање мајките не се оставени сами, тие ја имаат најголемата помошница и застапница, Пресветата Дева. Таа ги преживеала болките и страдањата повеќе од сите мајки, тогаш кога стоела пред Крстот на својот Син и Бог. Затоа и Бог ја поставил пред својот Престол Небесен. Толку високо е оценета пред Господа љубовта мајчинска.


Па и ние кои сме собрани во овој свет манастир, да ја прославиме Пресветата Дева Марија и нејзините родители, и да просиме милост од Господа, па Он Кој ја поставил толку високо пред Својот Престол љубовта мајчинска, да биде близок и на нашите срца. Да просиме и да се молиме секогаш, а особено вечерва кога ја прославуваме Богомајката и нејзните родители. Во овој радосен и спасителен ден да ги собереме сите книги и песни во чест на Богомајката и од сето срце да воскликнеме – те величаме Пресвета Дево и ги почитуваме светите твои родители и сеславното твое рождество. Амин.

Рождество на Пресвета Богородица - вечерна
Манастир „Пр. Богородица Пречиста“ Кичево
20.09.2023 г.

 

malabogvec2023 1malabogvec2023 2malabogvec2023 3malabogvec2023 4malabogvec2023 5malabogvec2023 6malabogvec2023 7malabogvec2023 8malabogvec2023 9malabogvec2023 10malabogvec2023 11malabogvec2023 12malabogvec2023 13malabogvec2023 14malabogvec2023 15malabogvec2023 16malabogvec2023 17malabogvec2023 18malabogvec2023 19malabogvec2023 20malabogvec2023 21

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Јули 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
29 30 1 2 3 4 5
6 7 8 9 10 11 12
13 14 15 16 17 18 19
20 21 22 23 24 25 26
27 28 29 30 31 1 2