„Си воскреснал од мртвите, Животе на ситем и ангел светол им викаше на жените: Престанете со солзите, благовестете им на апостолите, повикајте пеејќи: Воскресна Христос Господ, Кој благоволи, како Бог, да го спаси родот човечки“ (седална воскресна стихира, глас 8-ми, во Недела на Утрена).
На 01.10.2023 година, во Седумнаесеттата недела по Педесетница, и на празникот на Сите македонски светии, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоерејот-ставрофор Никола Христоски, свештениците Димче Азески и Ѓорѓи Блажевски и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски, изврши осветување на храмот „Преп. мч-чка Параскева (Петка) Римјанка“ во село Требеништа, општина Дебрца, Охрид. Храмот започна да се гради во 2014 година, по иницјатива на Слободан и Благоја Дуклески од с. Требеништа, како и со заложбите на Црковниот одбор од селото. Истиот се изгради со донациите на локалното население, на требенишката дијаспора, како и на сите добронамерни верници. По осветувањето, беше отслужена и првата света Литургија во новоосветениот храм, а по завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниот народ со пригодна беседа, којашто интегрално ви ја пренесуваме.
Митрополит Тимотеј
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри,
САС на МПЦ-ОА уште од 1967 г., односно уште кога е прогласена автокефалноста, го вовел празникот на Сите македонски светии, кој се прославува во Првата недела од Октомври. Денес се прославуваат сите светии кои живееле и дејствувале во македонската земја, а посебно оние кои се непознати за нас. Одредени Божји угодници како што се свети Климент, Наум, Еразмо, преподобните подвижници и многубројни маченици од Македонија се прославуваат во посебни денови со посебни служби во нивна чест. Во оваа недела се прославуваат заедно сите оние кои живееле свето и го словеле словото Божјо на нашите предци. Самиот празник ни наложува да кажеме неколку збора за светиите Божји. Светиите се учесници во славата Божја. Светите апостоли Го виделе Спасителот во Својата слава при преображението на гората Тавор. Со Него ги виделе и старозаветните пророци. Од тука можеме да видиме дека во вечниот живот славата на светиите ќе биде слична на Христовата слава. „Ќе бидат слични на Него зашто ќе Го видат каков што е“ (1 Јн. 3, 2). При Неговото преображение, лицето Му светело како сонце. Така, тогаш и праведниците ќе заблескаат како сонце во царството на нивниот Отец (Мт. 13, 43). Апостолите виделе само мал дел од Божјата слава, односно онолку колку што можеле да видат. Но, сепак тие почувствувале толку голема радост и сладост, па замислете каква е радоста што во идниот век ја наследуваат сите Божји угодници, кога ќе Го видат Бога в лице (1 Кор. 13, 12).
Добротата и светоста на светиите ќе се јави при воскресението, односно при второто Христово пришествие. Во пролетта се развиваат лисјата на дрвјата и цветовите на растенијата и дрвјата се разубавуваат јавно и видливо за сите. Сите можат да го видат нивниот прекрасен изглед. Слично, и при воскресението ќе се објави добротата и убавината на светиите која сега се крие длабоко во нив. Оваа убавина и доброта ќе се јави во нивните тела и ќе стане слична на најубава облека. Така, нивните тела ќе станат слични на прославеното тело на Господ Исус Христос.
Светиите со целата своја душа и со сето свое битие се стремеле кон царството Божјо. Уште во Стариот завет пророците повикувале кон царството Божјо. По нив кон Бога повикувале апостолите и нивните наследници, црковните пастири и учители и сите Божји угодници. Овие луѓе не само што повикувале туку и самите брзале преку жедниот дух кон овој повик. Затоа тие не се стремеле кон никакви овоземни богатства и почести. Овие нешта ги сметале за ништожни. Затоа можеле да ги поднесат затворите, мачењата, па дури и смртта без страв. Нивниот единствен стремеж било царството Божјо (Дела 14, 22). Поради тоа и луѓето кои биле повикувани, кога го гледале нивниот стремеж кон небесниот повик и самите тргнувале по нив. Така, по нивниот пример последувале многумина кои ја сочиниле Црквата.
Во светото Евангелие се вели: „Кој не го земе крстот свој и не оди по Мене, не е достоен за Мене“ (Мт. 10, 38). Преку овие зборови можеме да го разбереме значењето на крстот. За одењето по Него, Господ не зборува само еднаш, туку повеќепати. Во една прилика на богатиот младич му рекол: „Ако сакаш да бидеш совршен, оди, продај го имотот свој и раздели го на сиромаси, и ќе имаш сокровиште на небото; па дојди и врви по Мене!“ (Мт. 19, 21). Нашиот народ многу добро ги разбрал овие зборови, значењето на крстот и следењето на Христос. Поточно, крстот ги означува сите наши беди, незгоди, непријатности и животни маки. Има многу крстови дадени на луѓето и секој го носи својот крст. Тоа погледнато во реалниот живот може да се сведе на следното: еден има болна жена, а друг болно дете. Третиот има здрави деца, но тие не сакаат да учат. Четвртиот има недоразбирање со сопругата, петтиот со родителите итн. Со други зборови, нема човек кој не носи некаков крст на плеќите. Но, на секого Господ му дава крст според неговата сила. Нема потежок крст од она што можеме да носиме. Но, доколку не сакаме да го носиме крстот што ни е даден, тоа сведочи за нашата слаба вера во Бога. Оние што го носат својот крст, како вистински крстоносци одат храбро по Христа. Тие не се подвиткуваат носејќи го крстот, зашто знаат дека Господ им дава крст според нивната сила. Слични се на праведниот Јов, кој наоѓајќи се на смртна постела и исфрлен на буниште бил убедуван од другите да похули на Бога. Но, тој постојано без роптање ја прифаќал волјата Божја и го благословувал името Господово. Луѓето кои се слични на него со трпение го носат својот крст.
Но, христијанинот што ќе го избере другиот пат – широкиот, одбива да го носи својот крст. Тој Го повикува Бога со зборовите: „Господи, Господи!“, но не ја исполнува Неговата волја и не живее според Неговите зборови. Словото Божјо како да не е напишано за таквиот човек. Таквиот човек го носи името христијанин но живее како незнабожец, угодувајќи на себеси, а не на Бога. За таквиот Господ вели дека не е достоен за Него. Тој оди по Него, но не го носи својот крст.
Што им ветува Господ на оние што одат по Него и го носат својот крст? Дали тие не поднеле маки, непријатности и страдања? Дали тие што Го љубат Бога и Го почитуваат, очекуваат само страдања и носење на крстот? Се разбира дека Господ бара големи откажувања за да одиме по Него. Тој дури бара и да се откажеме од најблиските, ако е потребно, за да бидеме достојни за Него. Наградата Господ ја дава на оние што го носат животниот крст. Верата треба да ги засили сите што се ослабени. Ако зборовите Христови не нѐ уверуваат доволно, да си спомнеме за тоа дека денеска ги прославуваме сите наши светии. Слично на нас и тие го носеле својот крст, но го носеле до крајот на својот живот и без роптање. За таквиот подвиг и верноста на Христа наследиле вечен и блажен живот во царството Божјо каде го гледаат лицето Господово. Сите наши светии да ни помогнат за и ние да го избереме Христовиот пат. Да го носиме својот крст достоинствено и да измолиме спасение за нашите души. Амин!
Недела на Сите македонски светии,
Осветување на храм „Св. Петка“ Требеништа
01.10.2023 г.