„Откако Исус, вистинското мислено Сонце, ве испрати во целиот свет како светлозарни молњи, боговидци апостоли, со светлината на вашите божествени проповеди, го истера мракот на прелеста и ги просветли оние кои во мракот на незнаењето беа жестоко држани. Затоа молете Го и нам да ни испрати просвештение и милост голема“ (стихира на Господи повикав... на Вечерна во Среда од првата седмица на Великиот пост).
На 20.03.2024 година, во Првата среда од Великиот пост, во храмот „Успение на Пресвета Богородица“ - Каменско во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија на претходноосветени дарови, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоерејот-ставрофор Никола Христоски, свештениците Димче Азески и Васил Михајлоски и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањњето на Литургијата, беше извршен чинот на светата Тајна покајание за свештенството од нашата Епархија, а потоа беше одржано и редовното годишно свештеничко собрание. Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниот народ со пригодна беседа, којашто ви ја пренсуваме во целост.
Митрополит Тимотеј
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри,
Еве денеска, според поредокот на нашата света православна Црква, ја отслуживме првата Преждеосвештена Литургија во овој Велигденски пост. Треба да знаеме дека секој пост е простор и подвиг за борба. Ние настапуваме против непријателот – ѓаволот, за да освоиме од него, ако не можеме сѐ, тогаш барем еден дел од нашата територија. За каква територија станува збор? За територијата на нашата душа. Таа територија е окупирана од непријателот за време на паѓањето на нашиот праотец Адам. До неговото паѓање непријателот немал пристап до душата на човекот и немал над неа никаква власт. Адам бил свет и совршен, па затоа тој бил и цар на сѐ создадено. Но, после паѓањето, непријателот положил власт врз душата на Адама и бил окупиран и фрлен во ропство. Со раѓањето сите луѓе примаат душа заробена од непријателот. Преподобен Макариј Велики вели: По паѓањето на Адама, во душата на секој човек живее тајно и сокриено зло, кое го наведува човекот да прави грев, а луѓето мислат дека тоа го прават по свој разум и по своја волја. На крај, душите на разни луѓе се окупирани од непријателот на различни степени. Тоа е затоа што секој од нас, покрај првородниот грев, има и лични гревови и ги умножува, а со тоа и на непријателот му дава вистинска власт над својата душа.
Така, смислата на постот е во тоа да се извојува од непријателот, ѓаволот, дел од нашата душа. За да се постигне тоа потребно е да ја очистиме душата од гревот и од духовните нечистотии, затоа што преку нив ѓаволот прима власт над душата. Во време на постот потребно е да се потрудиме со Божја помош да се избавиме од зависта, злопамтењето, гневот, раздразливоста, прејадувањето и опивањето, и од сите други похоти и страсти. Ако сакаме да се избавиме од тие страсти и со тоа да избавиме од ропство дел од нашата душа, на тоа место и на таа територија, каде порано царувале гревот и лошите навики, ќе се насели благодатта Божја. Според зборовите на преп. Макариј, Царот Христос, ќе го испрати непријателот, односно ѓаволот, на други места, т.е. ќе го исфрли од тоа место и ќе го врзе, а таму ќе испрати полк од свети духови, односно свети ангели.
За да се извојува од ѓаволот дури и најмало делче на нашата душа, потребна е упорна борба. Кога живееме спокојно, без никаква грижа за нашите души, ништо не се случува. На сите ни е познато дека победа без борба нема. Не напразно во евангелието се вели дека Царството Божјо со сила се зема, и силните ќе стигнат до него. Имено, со таква цел и се воспоставени црковните пости, за да можеме и ние да се бориме, да победиме и да одземеме од ѓаволот дел од неговата власт над нас. Оној човек кој го пости секој пост според своите сили и води духовна борба, постепено се ослободува од власта на демонот. Неговата душа малку по малку се преосветува и постанува место каде престојува Светиот Дух, односно постанува храм Божји. За тоа ни е потребна и неопходна таа духовна борба, зашто сме повикани да постанеме такви храмови. Затоа е потребно да ги вложиме сите наши сили и подвизи, а особено во овој Велигденски пост. Светата Мајка Божја да ни биде на помош достоинствено да го испостиме постот и да ја поминеме светата Четириесетница во молитва и љубов кон Бога и кон ближните, та порадосни да го дочекаме и светлото Христово воскресение. Амин.
Прва среда од Велигденскиот пост
Храм „Пресвета Богородица“ - Каменско – Охрид
20.03.2024 год.