„Како пролет ни засветли - светлото Господово и божествено воскресение, од земната кон небесната Пасха преведувајќи не. Со неа, пак, ни сјае светлозарниот спомен на сеславниот Маченик Георгија, што светло го извршуваме, за да се удостоиме за божествената благодат од Спасителот Христа“ (светилен на Утрена на св. вмч. Георгиј Победоносец).

 

Радоста на Воскресението Христово е присутна низ сиот наш живот, зашто тоа е и единствената надеж за нашата победа над смртта и владетелот на смртта. Но, таа радост особено се чувствува во овие Воскресенски денови, кои ги исполнуваат нашите срца и души со неописливо чувство и свесност за жртвата Христова, за Неговата љубов кон нас бедните и за местото што Господ го подготвил за оние кои со вера, надеж и љубов Му пристапуваат и Го љубат. Оваа година, на вториот и третиот ден од Воскресението Христово, се совпадна и прославувањето на великиот духовен воин - на светиот Ѓорѓи Победоносецот, еден од најпрославуваните светии меѓу нашиот народ. Откако го прославивме споменот на светиот Ѓорѓиден претходно, на 07.05.2024 година, на третиот ден од Воскресението Христово, свечено одбележавме уште еден настан со долга традиција, настан што на сите нас ни ги исполнува срцата со радост, а тоа е свечената литија - еордија во Струга. Како и секоја година, прославата на овој ден започна во утринските часови, во храмот „Св. вмч. Ѓорѓи“ во Струга, со света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоереј-ставрофорите Никола Христоски, Илија Танаскоски и Александар Димоски, протоерејот Васко Голабоски, свештеникот Христијан Костоски и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. 

 

Во попладневните часови, во дворот од храмот „Св. вмч. Ѓорѓи“, беше отслужена Вечерна богослужба, на којашто чиноначалствуваше Митрополитот Тимотеј, во сослужение на Нивните Преосвештенства Епископот Дремвитски Давид и Епископот Антаниски Партениј, архимандритот Нектариј, протоереј-ставрофорите Никола Христоски и Александар Димоски, свештеникот Христијан Костоски, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Марко Спасовски. По завршувањето на Вечерната, беше отслужен парастос за сите прано упокоени ктитори, свештенослужители, служители и сите оние кои помагале во овој свет храм, а по завршувањето на парастосот, неизбројниот верен народ, предводен од архиереите, свештенството и монаштвото, носејќи ги светите мошти на светителот Ѓорѓи, и чудотворните икони на светиот и на Мајката Божја, тргна низ улиците на Струга, за на сите да им ја објави веста за Воскресението Христово, вест за која и светиот вмч. Ѓорѓи и сите маченици и светии не ги штедеа и своите животи, земајќи реален удел во тоа Воскресение. Свечената литија беше прекрасно украсена, почнувајќи од многубројните дечиња облечени во традиционални македонски носии, до парадниот коњ, прекрасните звуци од оркестарот „Македонија“, завршувајќи со радосниот украс на лицата на сите учесници - отсјајот на воскресенската радост. Светителските миошти оваа година ги носеа: Јован Јаулески, Цветко Аврамоски, Виктор Кочоски и Симон Грданоски, а светителската икона: Гоце Илчески, Александар Китески, Бошко Карадакоски и Танче Спироски. Почит и благодарност за сите кои несебично се потрудија за организирањето на оваа литија, за свештенството од Струга, за монаштвото од Бигорски, Рајчица и Пречиста, и за сите добронамерни верници кои активно беа вклучени и пред и за време на литијата за се да помине во најдобар ред. Митрополитот Тимотеј, пак, како наш неуморен духовен водач и постојан проповедник, и овој пат се потруди и не ја испушти приликата да му се обрати на верниот народ со пригодна беседа, којашто ви ја пренесуваме во целост.

 

Митрополит Тимотеј

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Драги браќа и сестри,

Христос воскресе!

Скапа е во очите на Господа смртта на Неговите светии (Пс. 115, 6). Овие зборови, изговорени од старозаветниот пророк и цар Давид, ни даваат повод да кажеме неколку збора за животот и маченичкиот подвиг на светио Георгиј Победоносец, чиј спомен денеска светата Црква го прославува, а и на кого е посветен овој свет храм.

Сите светии во месецословот светат со духовна светлина за духовно просветлување на луѓето, така како што светат небесните ѕвезди на небесниот свод и ја распространуваат својата светлина во текот на ноќта по планините, полињата и морињата, и им ги покажуваат патиштата на бродовите, возовите и авионите. Оваа аналогија не е моја. Ја направил големиот житиеписец Симеон Метафраст. Јас, пак, денеска ќе земам неколку мисли од житието на св. Георгиј, за да го задржам вашето внимание на овој Божји угодник. Зашто како што ѕвездите од небото го осветлуваат целиот поднебесен свод, и ја озаруваат земјата, и ги осветлуваат сите патишта, така Божјите угодници од небесниот свод ги осветлуваат патиштата на севкупниот човечки род. И покрај тоа што не им ги знаеме имињата на сите поради нивното мноштво, ние ја ползуваме нивната светлина, без разлика дали тие се наоѓаат во нивните гробови или во некои недостапни места. Сепак, нивната сила во поднебесните предели е неограничена, и ние се восхитуваме на славата со која Бог ги прославил преку вековите оние кои Нему Му угодиле.

Таква незаодна ѕвезда е и овој голем Божји светија, великиот маченик Георгиј. Овој Божји угодник на сите ни е добро познат со своите добродетели, а уште повеќе е познат како голем маченик и страдалник за името Христово. Иако имал големи воени позиции, од него се барало да се откаже од Христа, но св. Георгиј повеќе сакал да избере страдање и мачеништво, отколку да се откаже од својот Господ Бог. Така и маченички го завршил својот живот, жртвувајќи ја својата младост, блескавата воена кариера, богатството и сите останати благодети од овој свет, и само заради името Христово и верата православна. Но, затоа, пак, Бог го прославил, и иако се поминати толку векови, неговото име постојано се прославува по сите континенти и меѓу сите народи.

Ние сега се наоѓаме во светиот храм, на местото каде присуствува Бог. Кога Светиот Дух ќе се допре до човековото срце, тоа постанува свјатаја свјатих. Вревата од овој свет, и нашите страсти, гревови и гревовни помисли тука се умртвуваат и во нашето срце постанува голема тишина. Тогаш ние можеме да Го почувствуваме во нашите срца Исуса Христа, но само доколку живееме според Неговите зборови. Ако помеѓу животот и молитвата има прекин, тогаш молитвата не е вистинска и ние сме лажливци. За да биде нашата молитва вистинска, ние сме должни да се учиме да бидеме искрени и да зборуваме правда. За да биде нашата молитва – молитва на Вистината, потребно е таа Вистина да постане стремеж преку целиот наш живот и во сите наши дела, зборови, помисли, и нашиот збор да не се разидува со нашите дела. Да се молиме во дух и вистина, значи да се молиме не само со зборовите од молитвата туку тоа да го чувствуваме во срцата и да проникне во умот. Многупати, читајќи го молитвеното правило, ние не разбираме што сме читале, за што сме се молеле и кон Кого сме се обратиле. Затоа е потребно да ги читаме внимателно молитвите напишани од светите отци, и тогаш тие нема да ни бидат туѓи. Тие ќе постанат дел од нашата душа. Да се молиме значи сиот свој живот да го посветиме за добивање на Светиот Дух, и да се оддалечуваме од сето она што може да ја оскверни нашата душа. Да се молиме со духот, значи да го пробудиме нашиот заспан дух и да го доживееме уште тука воскресението од мртвите. Господ вели: Но, иде време и веќе дошло кога вистинските поклоници ќе Му се поклонуваат на Отецот во дух и вистина, зашто Отецот сака такви да бидат оние кои Му се поклонуваат (Јн. 4, 23). Таквите молитвеници од овој свет се драгоцени пред Бога како пронајдено злато помеѓу парчиња земја и камења.

Некои во недоумение прашуваат: ако нашето срце е храм Божји, тогаш потребно ли е да се посетуваат храмовите и зошто? Но, во храмот таинствено присуствува и Самиот Господ. Во храмовите на мистичен начин и симболично преку свештените обреди се доживуваат сите настани од Светото писмо. На празниците во храмовите ние ги доживуваме сите тие големи собитија кои го возродиле и спасиле човештвото. Ние, пребивајќи во храмовите, со својот дух активно учествуваме во сите настани коишто ги доживеала Црквата. Затоа и св. Јован Златоуст, обраќајќи се од амвонот, вели: Вие не сте подалеку од Исуса Христа од оние кои Го виделе за време на Неговиот земен живот и се допирале до Неговите алишта.

И ние, денеска, кои се наоѓаме во дворот на овој свет храм, а прославувајќи го св. вмч. Георгиј, да се обратиме со искрена молитва кон него. Светиот Георгиј да се моли на Господа Бога за зацврстување на нашата вера, вера пропратена со добри дела, па и ние нашиот живот да го поминеме во молитва и со добри дела. Така да измолиме милост Божја за спасение на нашите души и Царство небесно. Амин.

Св. Ѓорѓи – вечерна и Еордија

Храм „Св. Ѓорѓи“ Струга

07.05.2024 г.

 

 

eord2024 1

eord2024 2

eord2024 3

eord2024 4

eord2024 5

eord2024 6

eord2024 7

eord2024 8

eord2024 9

eord2024 10

eord2024 11

eord2024 12

eord2024 13

eord2024 14

eord2024 15

eord2024 16

eord2024 17

eord2024 18

eord2024 19

eord2024 20

eord2024 21

eord2024 22

eord2024 23

eord2024 24

eord2024 25

eord2024 26

eord2024 27

eord2024 28

eord2024 29

eord2024 30

eord2024 31

eord2024 32

eord2024 33

eord2024 34

eord2024 35

eord2024 36

eord2024 37

eord2024 38

eord2024 39

eord2024 40

eord2024 41eord2024 43

eord2024 44

eord2024 46

eord2024 47

eord2024 48

eord2024 49

eord2024 50

eord2024 51

eord2024 52

eord2024 53

 

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Мај 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
27 28 29 30 1 2 3
4 5 6 7 8 9 10
11 12 13 14 15 16 17
18 19 20 21 22 23 24
25 26 27 28 29 30 31