Почитувани верни чеда на Македонската православна црква - Охридска архиепископија, во продолжение ви ја пренесуваме беседата изговорена од Неговото Блаженство Митрополитот Скопски и Архиепископ Охридски и Македонски и на Јустинијана Прима г.г. Стефан, изговорена на денот на свечената канонизација на светите праведни Спасе Вевчански и Спаса Вишенска.

 

Стефан,

Архиепископ Охридски и Македонски[1]

         

СВЕТИТЕЛИТЕ – ПРИМЕР ЗА ПОДРАЖАВАЊЕ

           Како круна на созданието, човекот е создаден според Божјиот образ и подобие[2]. Оттаму, сеопштиот христијански повик е, станувајќи Негово подобие и сјаејќи со сѐ посилна светлина, сите да бидеме свети и да ја одразуваме славата Господова[3]. Следствено, светоста не само што не му е неприродна на човекот, туку е достигнување на неговата вистинска полнота.

          А за значењето и смислата на светоста, многу можеме да научиме ако ги земеме предвид етимолошките значења на зборот свет во еврејскиот, старогрчкиот и црковнословенскиот јазик. Имено сите тие ставаат акцент на различни аспекти на светоста, па, земени заедно, ни даваат широко објаснување за неа.

          Така, еврејскиот збор за светост – кадош (שׁדֹקָ), означува нешто што е тргнато настрана, отстрането од секаква профана употреба, нешто што е чисто и издвоено за Бога. Старогрчкиот збор за светост, пак, – агиос (ἅγιος), означува богопочитување, богопрославување, жртвопринесување, додека црковнословенскиот збор – свјат, означува светлина, а води потекло од индоевропски збор со значење: да расте, да цвета, да плодоноси.

           И, ете, земени заедно, значењата на овие три збора од древните јазици, ни покажуваат дека да бидеме свети значи да останеме чисти и непрофани, да бидеме со Бога, така што целиот живот ќе ни биде богопочитување и богопрославување, та, растејќи и процветувајќи во верата, да даваме добар плод и да бидеме светлината на светот[4].

           Нашата македонска земја и нашиот народ секогаш имале такви светли Христови следбеници, коишто се одзвале на повикот на светиот апостол Петар кој вели: По примерот на Светецот, Кој ве повика, и вие самите бидете свети во сите ваши постапки. Оти е напишано: ‘Бидете свети, бидејќи Јас сум свет[5], па својот живот го преобразиле во непрестајно славословие, со што се удостоиле не само со удел во Царството Божјо, туку и да бидат прославени и впишани во диптихот на светиите. Така, светоста во просторот на македонската земја дошол уште во самиот зародиш на христијанството, со мисијата на светиот апостол Павле, па продолжува преку знајните и незнајни ранохристијанските светии, па преку сесловенските просветители и нивните охридски ученици, па преку средновековните пустиножители, па преку мачениците од сите времиња, па преку преродбениците и, еве, трае и до наши дни. И во периоди кога сме биле подвластени и црковно и национално, и тогаш кога да се биде христијанин се губело и глава, и во времиња во кои да се служи на црковнословенски јазик и да се проповеда на мајчиниот јазик било забранувано и казнувано, ете, и тогаш нашиот народ се држел до својата вера и раѓал личности коишто ја живееле евангелската максима на богољубието и човекољубието, личности кои знаеле што е единственото потребно, кои знаеле кој е добриот дел, кој никому нема да му се одземе[6], па се удостоиле да станат живи садови на Светиот Дух.

          Слушнувајќи го во своите срца ангелскиот восклик: Светсветсвет е Господ Саваот! Целата земја е полна со Неговата слава,[7] христљупците, копнеат по неа и како некогаш Мојсеј, Му се обраќаат на Бога со зборовите: Боже покажи ми ја славата Своја[8], па нивните животи стануваат непрестаен духовен раст, до состојба на совршен човек, до мерата на потполната Христова возраст[9], до онаа состојба во која човекот што живее благодатен христољубив живот може да рече во своето срце, како што вели и светиот апостол Павле: Се распнав со Христа и ве   ќе не јас, туку Христос живее во мене[10].

           Ете – тоа се светиите! Тие се, како што вели еден современ светител, оние чијшто живот е христоживот, чиишто мисли се христомисли, а чиишто чувства се христочувства[11]. Светителите со своите подвизи и богоугодни дела, со своето богољубие и човекољубие поучувале и додека живееле овоземен живот, а поучуваат и по своето упокојување. Затоа и ги канонизираме! Канонизизирањето, значи, не е одлука со која Црквата произведува светители, туку е молитвено возгласување дека нивниот живот бил свет, дека тие се пример, правило, мерка, односно канон за подражавање од сите нас. Тие, додека се живи со својот пример се учители за многумина, а по упокојувањето постануваат учители за сите поколенија и со својот пример постојано влијаат на духовната и моралната преобразба кај луѓето во сите времиња. Така било секогаш, така е и во наше време и така ќе биде довека!

       Еве денес, пред црковната полнота објавените за светии: светите исповедници и праведни Спасе Вевчански и Спаса Вишенска, се прекрасен пример за такви небоземни личности, чијшто животен пат бил едно постојано охристовување, односно просвештение, преображение и обожение. Тие од најмала возраст, како што се вели во нивното житие, останале без родители кои биле убиени од османлиските завојувачи, па само Бог знае како дошле во манастирот Свети Спас, кој се наоѓал над селото Заграчани, Струшко. Бидејќи дечињата биле премали и преплашени од видените злосторства, не можеле самите да си ги кажат имињата, памонасите коишто ги прибрале ги завикале Спасе и Спаса, а и поради тоа што тие својот спас го нашле во манастир посветен токму на Вознесението на Спасителот, на Свети Спас. И манастирот не им останал само привремено прибежиште, туку им постанал возљубен дом, па „тие брзо се прочуле по подвигот и усрдното служење на Бога и ближните“[12]. По извесно време османлиите го обесчестиле манастирот, оставајќи го во урнатини, па Спасе и Спаса се нашле во нови и поголеми искушенија. Бегајќи од разбеснетите и злочестиви османлии Спасе се упатил во шумата на планината Јабланица, над Вевчани, каде си направил испосница, Спаса, пак, прибежиште нашла во една пештера над селото Вишни. Но и таму тие биле напаѓани, дури и мачени од иноверните поробители... Спасе поживеал долго, а Спаса, бегајќи од злочестивите османлии, паднала од една висока карпа и исповеднички го предала својот дух.

     Преданието што трае за нив од поколение на поколение во струшкиот крај, ја потврдува нивната светост, постигната преку нивното непоколебливо служење на Христа, преку нивното подвижништво и подготвеност да издржат сѐ заради Христа, Кој им давал поткрепа и сила[13]. Тие знаеле дека нема полза за човека ако го придобие целиот свет, а на душата своја ѝ напакости[14]. Затоа, и во маките, и во бедите, и во страдањата и во прогонствата, постојано и непоколебливо верувале во победата на Божјата правда и во победата на Божјата вистина – во победата на Христа!

       И бивајќи христоносци и крстоносци, тие навистина ја достигнале таа победа, па, еве, за нивните свети животи отсега не ќе си спомнува само помесното население, туку ним молитвени и пофални песни ќе им пее, житијата ќе им ги чита и пред нивните свети икони ќе се поклонува полнотата на Црквата.

        Свети Спасе и света Спаса, наши застапници пред престолот на Севишниот, молете Го Бога за вашите и наши Струга и Охрид, за вашата и наша Македонија, за вашата и наша Црква, за сите луѓе и за целиот свет! Амин!

[1] Слово на канонизацијата на светите исповедници и праведни Спасе Вевчански и Спаса Вишенска, во Катедралниот храм „Света Софија“ – Охрид, 9.6.2024 година.

[2] Сп. 1 Мојс 1, 26.

[3] Сп. 2 Кор 3, 18.

[4] Мт 5, 14.

[5] 1. Птр 1,15-16.

[6] Сп. Лк 10, 42.

[7] Иса 6, 3.

[8] 2 Мојс 33, 18.

[9] Ефес 4, 13.

[10] Гал 2, 20.

[11] Види Ава Јустин Поповић, „Предговор“, во Житија светих, за јануар.

[12] Виктор Недески, „Житие на преподобните Спасе и Спаса“, во Свети исповедници и праведни Спасе Вевчански и Спаса Вишенска, Канео, Охрид 2024, 23.

[13] Сп. Фил 4, 13.

[14] Мт 16, 26.

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Јули 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
29 30 1 2 3 4 5
6 7 8 9 10 11 12
13 14 15 16 17 18 19
20 21 22 23 24 25 26
27 28 29 30 31 1 2