„Реките со чудеса, Богородице, кои течат од од твојот сечесен ковчег како од рајот и кои им излеваат благодети на оние кои те почитуваат верно, го напојуваат лицето на земјата. Затоа те воспеваме, и верно те фалиме, и со благодарност постојано викаме: Радувај се, единствена надеж на оние кои те воспеваат!“ (седален на канон на Утрена на празникот Полагање на чесната риза на Пресвета Богородица во Влахерна).

 

Една година по преосветувањето на манастирскиот храм „Пресвета Богородица Захумска“ - Заум во Трпејца, еве Господ благослови повторно да го прославиме востановениот манастирски празник Полагање на чесната риза на Пресвета Богородица во Влахерна. Празнувањето на Мајката Божја, започна ден претходно, на 14 јули 2024 година, во вечерните часови, со Празнична вечерна богослужба, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на свештеникот Александар Матески и ѓаконот Марко Спасовски. Празнувањето продолжи на 15 јули, со света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Митрополитот Тимотеј, во сослужение на протоерејот-ставрофор Никола Христоски, свештениците Александар Матески, Љупчо Бакрачески и Роберт Илијевски и ѓаконот Марко Спасовски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, којашто ви ја пренесуваме во целост.

 

Митрополит Тимотеј

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Драги браќа и сестри,

Нашата света Црква денес прославува еден од Богородичните празници. Поточно, го прославува празникот Полагање на риза на Пресвета Богородица во храмот Влахерна во Цариград. Светата Мајка Божја ни се појавува како пример за постојано пребивање во молитва. Нејзиниот севкупен живот бил исполнет со молитва. Тоа ни го советува и св. ап. Павле: Бидете постојани во молитвата (Кол. 4, 2). Се поставува прашењето зошто е потребно да се биде постојано во молитва? Затоа што молитвата е патот кон Бога. Без молитва не е можно да се доближиме кон Бога, не е можно да се општи со Бога и да се поврземе со Него. Тој што не се моли е далеку од Бога, а тоа значи дека е далеку и од спасението. Зашто единствениот пат кон спасението е соединувањето со Бога. Бог е единствен извор на сите вистински добра – вели св. Игнатиј Брјанчанинов. Молитвата е мајка и глава на сите добродетели, средство и состојба на општење на човекот со Бога. Таа ги позајмува добродетелите од Изворот на добротата – од Бога, и му ги дарува на човекот кој во моментот се грижи да стапи во општење со Бога. Патот кон Бога е молитвата. Изодувањето на совршениот пат е различен и малкумина се молат правилно и постојано. За да се научиме да се молиме на Бога правилно, потребно е да се научиме да се молиме постојано. Така, за да бидеме со Бога и да се спасуваме потребно е да се научиме да се молиме правилно.

Што значи да се молиме правилно? Најпрво, тоа значи да се молиме со внимание. Вниманието е душа на молитвата. Без внимание молитвата е мртва, исто како што е  телото без душата. Светите отци учат дека кога ние се молиме должни сме да го заклучиме својот ум во зборовите на молитвата, за да ги разбереме зборовите што ги изговараме со нашите усни. Човечкиот ум има силна склоност кон расеаност, има желба според својата природа да скита по улици, раскрсници и по целиот свет. Затоа нашите мисли за време на молитвата често се одвлекуваат и се префрлаат од еден предмет на друг, и стануваат зафатени со тоа што им е угодно само не со молитвата. Задачата е во тоа да се врати нашиот ум во нашиот дом, т.е. во себе, во својата душа, и да го натераме да се занимава само со молитвата.

За да се постигне таа цел неопходно е постојано внимание и многу усилби и труд. Ако човекот се труди, тогаш неговата молитва малку по малку постанува повнимателна, односно умот започнува да учествува во молитвата и се заклучува во нејзините зборови. И по мерата  на тоа колку учествува умот, во неа започнува да учествува и срцето човечко. Тоа е првиот знак на правилна молитва и на молитвено растење, и искачување на друг степен во молитвата. Тогаш се исполнува она важно правило на преп. Никодим Светогорец:  Не само со зборови е потребно да се молиме туку и со умот, и не само со умот туку и со срцето, за умот јасно да види и да разбере што се произнесува со зборовите и срцето да почувствува што се помислува со умот. Сето тоа е сегашната молитва, но доколку нема ништо од ова,, тогаш молитвата не е совршена или воопшто не е молитва. Така, првото правило се состои во тоа да се научиме да се молиме внимателно.

Покрај ова прво скалило, на скалата на молитвата има и други степени. Уште еден многу важен степен е смирението, бидејќи се вели дека без смирение не е возможно општење со Бога. Се разбира, има и многу други скалила, но за денеска доволно е да размислуваме и да ги усвоиме овие.

Да се обратиме кон Пресветата Богородица, чиј спомен денеска го празнуваме, таа да нѐ поткрепи во нашите молитви, па и ние да се молиме со внимание. Да ја разбереме  молитвата и со умот и со срцето, и да растеме духовно од сила во сила. Така да постигнеме заедништво со Семилостивиот Бог, сега и во сета вечност. Амин.

                          Полагање на риза на св. Богородица во Влахерна

Ман. „Пресв. Богородица“ – Заум, Охрид

15.07.2024 г.

 

polagriz2024 1

polagriz2024 2

polagriz2024 3

polagriz2024 4

polagriz2024 5

polagriz2024 6

polagriz2024 7

polagriz2024 8

polagriz2024 9

polagriz2024 10

polagriz2024 11

polagriz2024 12

polagriz2024 13

polagriz2024 14

polagriz2024 15

polagriz2024 16

polagriz2024 17

 

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Декември 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
30 1 2 3 4 5 6
7 8 9 10 11 12 13
14 15 16 17 18 19 20
21 22 23 24 25 26 27
28 29 30 31 1 2 3