На 12.06.2025 година, Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква - Охридска архиепископија, раководен од Светиот Дух, на својата редовна седница во полн состав, едногласно и еднодушно го избра Неговото Високопреподобие Архимандритот Георгиј (Ѓорѓевски) за иден Митрополит на Дебарско-кичевската епархија со седиште во Охрид. Откако се навршија шест месеци од блаженото упокојување на Митрополитот Тимотеј, ете дојде и денот кога сиот верен народ, предводен од свештенството од нашата света Епархија добива нова надеж и радост во лицето на еден од најпочитуваните професори на Богословскиот факултет, архимандритот Георгиј. Професорот, под чија палка поминаа многумина од нас, сиот свој живот го посвети за доброто на нашата света Црква, почнувајќи од неговите ученички, студентски и постстудентски денови, па сѐ до неговата заложба и подвиг за Црквата и државата како амбасадор на Р. Македонија во Ватикан. Архимандритот Георгиј е еден и од најреспектираните луѓе во нашата Црква, а без сомнеж можеме да кажеме дека беше уште повеќе ценет и од нашиот покоен Митрополит Тимотеј, кој за него секогаш зборуваше со огромна почит, со зборови на пофалба и со чувство на гордост што Црквата и државата имаат еден таков човек. Токму затоа и се јави огромна радост и восхит кај сиот верен народ од нашата Епархија, кој со биење на камбаните го поздрави изборот на Светиот синод. Ете токму затоа и Светиот Дух така ги раководеше нашиот Архиепископ Охридски и Македонски г.г. Стефан и другите архиереи да ја донесат оваа мудра одлука и да го испратат идниот Митрополит Георгиј во нашата Епархија, а со тоа да ни ја обноват надежта дека оваа Епархија ќе продолжи по својот нагорен духовен и творечки пат. Во продолжение ви пренесуваме и кратка биографија за новоизбраниот Митрополит Георгиј, како и официјалното соопштение од САС на МПЦ-ОА. Многупочитуван новоизбран Митрополиту Георгиј, со нетрпение го очекуваме Вашето доаѓање во нашата Епархија, а Господ нашиот Бог, нека Ви дава сила да ги претрпите сите искушенија на најтешката епископска служба, да Ви дарува мудрост и љубов, та многулетно да нѐ раководите сите нас за спасение на нашите души, за доброто на Македонската црква и на нашата Македонија. На многаја лета!   

 

o.georgij

 

Биографија на новоизбраниот Митрополит Георгиј (Ѓорѓевски)

 

Неговото Високопреподобие игуменот Георгиј (Ѓорѓевски) – новоизбран митрополит Дебарско-кичевски, е роден на 24 јули 1968 година во Скопје, како второ дете во благочестивото семејство на Душан и Даница. По завршувањето на основното образование во 1982 година, се запишува во Македонската православна богословија „Свети Климент Охридски“ во Драчево и како дел од деветнаесетта генерација богослови матурира во 1986 година. Високото богословско образование го продолжува на Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски” во Скопје, каде и дипломира; а во октомври 1990 година се враќа во Богословијата во Драчево и во текот на следните три години ги предава предметите: Свето писмо на Стариот и Новиот завет, Црковнословенски јазик, Старогрчки јазик, Латински јазик, Црковно пеење и Теорија на музиката.

Во 1993 година започнува со последипломски студии на Источниот институт во Регенсбург – Германија, а следната година заминува за Рим, Италија, каде што во 1996 година магистрира; потоа и докторира во 2000 година на одделот за Библиски студии при Теолошкиот факултет на Понтификалниот Универзитет „Грегоријана“ во Рим – Италија.

После враќањето од последипломските студии во 1999 година, две години предава во Богословијата (Свето писмо Стариот Завет, Црковнословенски јазик и Старогрчки јазик); а од 2001 година е професор на Богословскиот факултет „Свети Климент Охридски” во Скопје, по предметите Вовед и Егезегеза на Светото писмо на Стариот завет и Библиска историја со археологија.

Од 2000 до 2010 година ја извршува должноста шеф на Кабинет на Архиепископот, а од 2000 до 2007 година е и секретар на Американско-канадската православна епархија.

Во периодот од 2010 до 2014 година ја извршува функцијата амбасадор на Република Македонија при Светата Столица во Рим.

По завршувањето на мандатот, повторно се враќа како професор на Богословскиот факултет, а во периодот од 2016 до 2023 година во два мандати е декан на Факултетот.

Активно учествува во работата на Македонското библиско здружение, а од 2020 година ја извршува должноста генерален секретар. Тој е вклучен во завршниот дел при подготовката на ревидираното издание на Светото писмо во 2006 година, а воедно е и координатор на преведувањето на Новиот завет (2023) и Псалмите (2024) од оригиналните јазици. Член е и на комисијата на Македонската Православна Црква за превод на Богослужбеното Евангелие (2008).

За време на школувањето во Богословијата неколку години е уредник на списанието „Млад богослов“, додека за време на студиите на Факултетот е уредник на студентското списание „Православен благовесник“. Од 2002 до 2006 година е главен уредник на „Православен пат“, од 2016 година е уредник на Годишниот зборник на Православниот богословски факултет, а од 2025 година е претседател на уредувачкиот одбор при Факултетот. Автор е на неколку книги и повеќе научни трудови.

Од странските јазици, активно ги говори италијанскиот и англискиот јазик, а се користи и со германскиот и францускиот јазик.

Замонашен е на 27 мај 2025 година во манастирот „Св. вмч. Георгиј“ – Криви Дол во Скопје. За јероѓакон е ракоположен на 28 мај 2025 година, на празникот на светите Гаврил Велички и Ахил Преспански; а за јеромонах на 29 мај 2025 година, на празникот на Вознесението Христово. На 8 јуни 2025 година, на празникот Педесетница е произведен во игуменски чин.

 

 

Соопштение од Светиот архијерејски синод

Светиот архијерејски синод (САС) на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија (МПЦ – ОА), на својата редовна седница во полн состав, одржана на 12 јуни 2025 година, разгледа повеќе прашања и настани поврзани со животот на нашата Света Црква. Светиот синод ги разгледа и ги усвои годишните извештаи од епархиите на МПЦ – ОА во татковината и дијаспората, а неколку свештенослужители удостои со повисоки црковни чинови.

Светиот архијерејски синод, исто така, го разгледа и предлогот на Претседателот на САС на МПЦ – ОА, Неговото Блаженство Архиепископ Охридски и Македонски г.г. Стефан, за избор на иден Митрополит на упразнетата Дебарско-кичевска епархија. 

Раководен од Светиот Дух, Светиот архијерејски синод едногласно и еднодушно го избра Неговото Високопреподобие архимандритот г. Георгиј (Ѓорѓевски) за Митрополит на Дебарско-кичевската епархија при Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија. Достоен!

Наречението на новоизбраниот Митрополит Дебарско-кичевски ќе се изврши на 12 јули 2025 година, на Петровден, во храмот „Св. Климент Охридски и Св. Пантелејмон“ на Плаошник, а епископската хиротонија и интронизацијата за Митрополит Дебарско-кичевски ќе се изврши на 13 јули 2025 година, на Павловден, во Соборниот храм на Охридските архиепископи „Св.  Софија“ во Охрид.

Од канцеларијата 
на Светиот архијерејски синод на
Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Јуни 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
1 2 3 4 5 6 7
8 9 10 11 12 13 14
15 16 17 18 19 20 21
22 23 24 25 26 27 28
29 30 1 2 3 4 5