
На 12.06.2025 година, Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква - Охридска архиепископија, раководен од Светиот Дух, на својата редовна седница во полн состав, едногласно и еднодушно го избра Неговото Високопреподобие Архимандритот Георгиј (Ѓорѓевски) за иден Митрополит на Дебарско-кичевската епархија со седиште во Охрид. Откако се навршија шест месеци од блаженото упокојување на Митрополитот Тимотеј, ете дојде и денот кога сиот верен народ, предводен од свештенството од нашата света Епархија добива нова надеж и радост во лицето на еден од најпочитуваните професори на Богословскиот факултет, архимандритот Георгиј. Професорот, под чија палка поминаа многумина од нас, сиот свој живот го посвети за доброто на нашата света Црква, почнувајќи од неговите ученички, студентски и постстудентски денови, па сѐ до неговата заложба и подвиг за Црквата и државата како амбасадор на Р. Македонија во Ватикан. Архимандритот Георгиј е еден и од најреспектираните луѓе во нашата Црква, а без сомнеж можеме да кажеме дека беше уште повеќе ценет и од нашиот покоен Митрополит Тимотеј, кој за него секогаш зборуваше со огромна почит, со зборови на пофалба и со чувство на гордост што Црквата и државата имаат еден таков човек. Токму затоа и се јави огромна радост и восхит кај сиот верен народ од нашата Епархија, кој со биење на камбаните го поздрави изборот на Светиот синод. Ете токму затоа и Светиот Дух така ги раководеше нашиот Архиепископ Охридски и Македонски г.г. Стефан и другите архиереи да ја донесат оваа мудра одлука и да го испратат идниот Митрополит Георгиј во нашата Епархија, а со тоа да ни ја обноват надежта дека оваа Епархија ќе продолжи по својот нагорен духовен и творечки пат. Во продолжение ви пренесуваме и кратка биографија за новоизбраниот Митрополит Георгиј, како и официјалното соопштение од САС на МПЦ-ОА. Многупочитуван новоизбран Митрополиту Георгиј, со нетрпение го очекуваме Вашето доаѓање во нашата Епархија, а Господ нашиот Бог, нека Ви дава сила да ги претрпите сите искушенија на најтешката епископска служба, да Ви дарува мудрост и љубов, та многулетно да нѐ раководите сите нас за спасение на нашите души, за доброто на Македонската црква и на нашата Македонија. На многаја лета!