„Денес, кога се роди Христос, небото и земјата се соединија; денес дојде Бог на земјата, а човекот се искачи на небото; денес, невидливиот по природа, заради човекот станува видлив по тело. Затоа и ние, славејќи да Му запееме: Слава на Бога во висините, а на земјата мир, што го дарува Твоето пришествие, Спасителу наш, слава Ти" (литиска стихира на Вечерна од Рождество Христово).
Running Sneakers | Mens ASICS GEL-Kayano 28 Running Shoe at Fitforhealth
Денес вселената се подготвува да Го прими Несместливиот и невидлив по природа, Кој заради преголемата љубов кон човекот и светот, стана видлив по тело, и понижувајќи Се, стана Човек, за човекот да може да стане Бог по благодат. Верниот народ тоа добро го знае, па затоа и храмот „Св. Петар и Павле" во Кичево, беше премал да го собере неизбројниот народ, кој дојде да се зарадува во предвечерието од Рождеството Христово. Во оваа бадникова вечер беше отслужена свечена Вечерна богослужба, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски Г. Тимотеј, во сослужение на протоерејот Стевчо Тошевски, свештениците Никола Христоски, Ристо Камбуроски и Александар Матески и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Вечерната богослужба, беа осветени бадниковите гранчиња, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниот кичевски народ со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме.
Митрополит Тимотеј
Во името на Отецот, Синот и Св. Дух. Амин!
Драги браќа и сестри!
Вечерва, се собравме во овој свет храм, во очи на Христовото рождество, или како што нашиот народ го нарекува Бадник. Човечкиот род бил создаден, да биде вечно во Божјата близина. Но, нашите прародители Адам и Ева, поради престапот, гревот и поради непокорноста, ја изгубиле оваа благодатна состојба. Биле истерани од рајот и им било наложено во пот и мака да го заработуваат својот леб. Но, Бог покажал голема милост уште во самиот почеток, ветувајќи им дека ќе го испрати Својот Единороден Син. Кој ќе ги избави од духовното ропство на гревот и повторно ќе воспостави сојуз помеѓу луѓето и Бога. Поминале многу векови. Родот човечки се множел, но, исто така, луѓето се оддалечувале и од Бога, и од правдата и од вистината, па, дури и од самите себе. Кога се исполнило времето, Бог Го испраќа Својот Единороден Син Господ Исус Христос, да се роди од св. Дева Марија, да поживее на овој свет заедно со луѓето, и на крај да се жртвува Себеси за избавување и откупување на гревот на севкупниот човечки род.
Токму тој настан, денес светата Православна црква го чествува. Господ Христос ќе се роди на натприроден начин, не по физичко спојување помеѓу маж и жена, туку св. Дева Марија ќе биде осенета од Светиот Дух, па и роденото од неа нема да е обичен човек, туку Богочовек. Оној што го создал светот и векот, денеска се покорува, се снижува и се вселува во утробата на Пречистата Дева, а сè со цел, да го спаси и да го избави човечкиот род од погибел. Како што знаеме, Христос нема да се роди во царски палати, во свила и во порфир, туку, напротив, ќе се роди во јасли, онаму каде што се хранела стоката. Земјата за Негова колевка ќе му принесе пештера, а ние, пак, луѓето, Пречистата Дева, како што се вели во една црковна песна. Ако сакаме да бидеме вистински следбеници на нашата света Православна вера и црква, раѓањето на Господа Христа, и нас како христијани, нè поучува на скромност, на одданост, на послушност, на Божјата волја.
Како Богочовек, Господ Исус Христос ќе поживее цели 30 години со Своите родители, без да покажува било какви Божествени дејствија. Он работел, му помагал на праведниот Јосиф. Се занимавал со дрводелство и со останатите работи коишто ги извршувале неговите старатели. Им помагал во сите овоземни обврски што можел да ги извршува еден човек, од самото раѓање па сè до зрела доба. Дури на Својата 30-та година, според Јудејскиот закон, Он ќе излезе на јавна проповед, да го слови словото Божјо. Но, и тогаш, скромноста, послушноста кон Бога Отецот, нема да ја напушти. Дури на крстните страдања, Он ќе Го моли Бога Отецот, да Го одмине оваа горка чаша доколку е можно, но, додавајќи, нека биде Твојата волја а не Мојата.
Раѓањето на Господа Христа е почеток на извршувањето на домостројот Божји за помирување помеѓу Бог и луѓето. Исто така, тоа е повторно отворање на рајските порти за секој христијанин којшто ќе поверува и кој ќе живее и работи, според волјата Божја. Со раѓањето на Господа Христа, започнува и се создава нов сојуз, нов завет, нова врска помеѓу луѓето и Бога. Бог слезе на земјата за луѓето да можат да се издигнат на небесните височини.
Тоа искачување не се остварува по автоматизам, со самото наше крштение или, пак, со нашето декларирање како христијани. Напротив, Господ од нас бара труд, одданост, верност, исполнителност, понизност, чесност и живеење благороден, чесен, христијански живот. Живот исполнет со молитва, пост, вера и надеж, за да испросиме благодат, односно енергија Божја, за да можеме да правиме добри дела и така да ја здобиеме Божјата милост. Та Христос најпрво да се роди во нашите срца, во нашите души, во нашите постапки, во нашиот живот, дури потоа ќе можеме да се надеваме на Божјата сила, која се дава на оние што имаат чисто срце.
Да се обратиме со искрена молитва кон Богомладенецот, Кој вечерва се раѓа во Витлеем. Нека ги озари нашите срца и души, та измиени и очистени и препородени, и ние заедно со ангелите да ја пееме рождественската песна слава на Бога во висините и на земјата мир и меѓу луѓето добра волја. Честит Бадник и уште порадосни и повесели да го прославиме и светлото Христово рождество. Амин.
Бадник
06. 01. 2015
храм „Св. Петар и Павле" - Кичево