На 19.01.2015 година, на празникот Свето Богојавление на Господ Бог и Спасител наш Исус Христос, во храмот „Успение на Пресвета Богородица во Сиденхам, Мелбурн, беше отслужена света архиерејска Василиева Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски и Администратор на МПЦО во Австралија, во сослужение на повеќе свештенослужители. По завршувањето на Литургијата беше извршен и чинот на Голем (Богојавленски) водосвет, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, која подолу во целост ви ја пренесуваме.
Sport media | 【国内5月2日発売予定】ナイキ ウィメンズ エアマックス ココ サンダル 全4色 - スニーカーウォーズ
По завршување на Литургијата, Митрополитот Тимотеј го положи и освети камен-темелникот за изградба на нов македонски културен центар при храмот „Успение на Пресвета Богородица" во Сиденхам, Мелбурн, Австралија. Од името на Епархијата и нашиот Митрополит, на сите наши Македонци во Мелбурн им го честитаме почетокот на овој прекрасен потфат и се молиме на Бога што побрзо и успешно да го завршат.
Митрополит Тимотеј
Во името на Отецот и Синот и Св. Дух. Амин!
Драги браќа и сестри!
Нашата света Православна црква, денес прославува еден од големите Господови празници. Поточно, денес го чествува светото Богојавление, односно крштевањето на нашиот Спасител Господ Исус Христос. Во раната црква, поточно во првите векови, овој празник се прославувал заедно со раѓањето на Господ Исус Христос од св. Дева Марија и од Светиот Дух, но, во исто време и Неговото крштевање од Јован во реката Јордан. Од третиот век, на Запад, Божик започнува да се прославува одделно, а во Источната црква од IV век. Потоа, пак, ќе се воведе и одделен ден, кога ќе се чествува денешниот празник.
Ние денеска ги слушнавме зборовите од светото Евангелие за овој настан. Се вели дека Исус дошол на реката Јордан, кај Јован, за да се крсти. Во тоа време мноштво народ доаѓал кај овој Божји пратеник, да биде крстен од него во реката Јордан. Но, во таа огромна маса на луѓе, Јован го забележува, како Месијата на светот се приближува кон него тивко и без никакви особени знаци. Воден од Духот Свет, Јован Го препознава и се вознемирува, бидејќи знаел дека Он е Месијата, долго очекуваниот од многу генерации и за Кого што пророкувале пророците. Кога Христос изразува желба да биде крстен, Јован се обидува да Го разубеди. Му вели дека нема потреба, дека Он нема лични гревови, но, на тоа Христос му одговара: „Остави го сега тоа, зашто нам ни претстои да ја исполниме секоја правда" (Мат. 3, 15). Тогаш Јован, послушен на волјата Божја, Го остава Христа да биде крстен во реката Јордан. Го крштева и покрај тоа што знаел дека Он нема никакви гревови, дека нема од што да се мие и очистува и дека неговото крштевање има само симболично значење, луѓето да се очистат и измијат. Сам Јован им проповедал на луѓето: „Јас ве крштевам со вода; но иде посилен од мене, Кому не сум достоен да Му ги одврзам ниту ремчињата на обувките Негови: Тој ќе ве крсти со Дух Свети и со оган"(Лука 3, 16). Но, треба да кажеме, не дека Господ Исус Христос се крстил од Јован во реката Јордан за да ги очисти гревовите, како што веќе рековме Он нема гревови, туку Он постапил така, да го открие патот кон вечниот живот на секој еден од нас и заради тоа што со Неговото Божествено присуство ги осветил Јорданските води.
Кога Господ Исус Христос излегува од Јорданските води, кои, пак, биле оптоварени од влегувањето на гревовите на луѓето, мноштвото луѓе забележале пројавување и присуство на глас Божји Кој велел: „Овој е Мојот возљубен Син во Кого е Мојата волја"(Матеј 3, 17). Исто така, Го виделе и Духот Свет како слегува врз Неговата глава во вид на гулаб, а додека, пак, Синот Божји, Господ Исус Христос се крштева во реката. Затоа овој празник се нарекува Богојавление. Бог ни се јавува, и тоа не како во Стариот Завет за време на јавувањата на Мојсеј, кога се слушале громови и молњи. Сега, пак, Бог, ни се јавува во Три Лица, и тоа, Отецот, Синот и Духот Свет. И сите Три Лица на Св. Троица, не се три богови, туку Еден Триипостасен Бог. Бог се објавува себеси, за да им објави на луѓето ново откровение за Седржителот. За тоа дека Бог е Еден во Три Лица, и дека Бог Отецот е невозможно да го видиме, но, можеме да го слушнеме неговиот глас. Додека, пак, Бог Син се јавува како вооплотено Слово Божјо. Светиот Дух, пак, Кој присуствувал при создавањето на светот, присуствува и учествува во животот на секој еден од нас и ја благословува секоја започната работа.
Господ Исус Христос дошол на реката Јордан кај Јован како Човек Кој излегува на проповед и Кој чуствува дека има потреба да земе благослов од постар и да побара помош од Светиот Дух. Светиот Дух се наоѓа на Него, односно врз Неговата глава, за да Го зацврсти во Неговата претстојна мисија, во Неговата проповед, како и пред претстојните Голготски страдања и крсната смрт, а сè поради човечкиот род. Во овој момент, единството на Светата Троица се пројавува во највисок степен.
Крштевањето на Господ Исус Христос не било обично случување, нешто коешто поминало и се памти од луѓето, туку тоа го поставува темелот и почетокот на светата тајна Крштение, кое, пак, се извршува врз секој еден од нас кој верува во Христа. Без оваа св. тајна не е возможно да се биде член на Црквата Христова. И ние, кога го прославуваме крштевањето на Господ Исус Христос во Јорданските води, си спомнуваме и за нашето сопствено крштение, кое ни го открива патот кој води кон вечниот живот. Преку крштението ние се соединуваме со Бога, постануваме членови на Црквата. Преку оваа св. тајна, ние влегуваме во Црквата Христова и можеме да ги ползуваме и останатите св. тајни. Пред сè светата Евхаристија, преку која се соединуваме со Бога, и тоа не само духовно, туку и телесно преку причестувањето со Телото и Крвта Христови. Со Своето присуство на Јорданските води, Он истите ги осветил. Во чест на овој настан ние денес ќе осветиме вода, која ќе ни послужи да ја почувствуваме Божјата благодат. Денес да принесеме молитви, Светиот Дух да слезе врз нас и на оваа осветена вода, како што слегол врз Христовата глава кога Он се крштевал. Да се помолиме да ги очисти сите наши гревови и да не очисти од сите телесни и душевни нечистотии. Па така, благодатта на Светиот Дух да ги допре нашите срца, па нашиот живот да се преобрази и да се обнови. А водата што ја осветивме нека ни биде голема светиња и извор на жива вода која нè води во вечен и блажен живот. Амин.
Богојавление
19. 01. 2015 год.
храм „Успение на Пресвета Богородица" – Мелбурн