На 12.06.2025 година, Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква - Охридска архиепископија, раководен од Светиот Дух, на својата редовна седница во полн состав, едногласно и еднодушно го избра Неговото Високопреподобие Архимандритот Георгиј (Ѓорѓевски) за иден Митрополит на Дебарско-кичевската епархија со седиште во Охрид. Откако се навршија шест месеци од блаженото упокојување на Митрополитот Тимотеј, ете дојде и денот кога сиот верен народ, предводен од свештенството од нашата света Епархија добива нова надеж и радост во лицето на еден од најпочитуваните професори на Богословскиот факултет, архимандритот Георгиј. Професорот, под чија палка поминаа многумина од нас, сиот свој живот го посвети за доброто на нашата света Црква, почнувајќи од неговите ученички, студентски и постстудентски денови, па сѐ до неговата заложба и подвиг за Црквата и државата како амбасадор на Р. Македонија во Ватикан. Архимандритот Георгиј е еден и од најреспектираните луѓе во нашата Црква, а без сомнеж можеме да кажеме дека беше уште повеќе ценет и од нашиот покоен Митрополит Тимотеј, кој за него секогаш зборуваше со огромна почит, со зборови на пофалба и со чувство на гордост што Црквата и државата имаат еден таков човек. Токму затоа и се јави огромна радост и восхит кај сиот верен народ од нашата Епархија, кој со биење на камбаните го поздрави изборот на Светиот синод. Ете токму затоа и Светиот Дух така ги раководеше нашиот Архиепископ Охридски и Македонски г.г. Стефан и другите архиереи да ја донесат оваа мудра одлука и да го испратат идниот Митрополит Георгиј во нашата Епархија, а со тоа да ни ја обноват надежта дека оваа Епархија ќе продолжи по својот нагорен духовен и творечки пат. Во продолжение ви пренесуваме и кратка биографија за новоизбраниот Митрополит Георгиј, како и официјалното соопштение од САС на МПЦ-ОА. Многупочитуван новоизбран Митрополиту Георгиј, со нетрпение го очекуваме Вашето доаѓање во нашата Епархија, а Господ нашиот Бог, нека Ви дава сила да ги претрпите сите искушенија на најтешката епископска служба, да Ви дарува мудрост и љубов, та многулетно да нѐ раководите сите нас за спасение на нашите души, за доброто на Македонската црква и на нашата Македонија. На многаја лета!   

Повеќе...

„Ослепен со духовните очи, приоѓам кон Тебе, Христе, и како слепиот од раѓањето, со покајание Ти викам: Ти си пресветлата светлина на оние кои се во темнина“ (кондак на Утрена во Шестата недела по Пасха - на Слепиот).

 

На 25.05.2025 година во Шестата недела по Пасха - Неделата на Слепиот, и на празникот на св. Епифаниј Кипарски и на св. Спасе и Спаса Вишенски, а по повод шест месеци од блаженото упокојување на Митрополитот Тимотеј, во ман. „Св. Климент и Пантелејмон“ на Плаошник во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Преспанско-пелгониски и Администратор Австралиско-новозеландски г. Петар, во сослужение на архимандритите Нектариј и Сергеј (од Српската православна црква), протоереј-ставрофорите Никола Грамбозов, Никола Христоски и Игор Никовски, протоерејот Васко Голабоски, свештениците Димче Азески, Саше Костадиноски и Александар Матески, еромонахот Никодим и протоѓаконите Николче Ѓурѓиноски, Драган Ѓеоргиевски, Александар Димитријов и Драган Иванов. На Литургијата молитвено присуствуваше и Неговото Блаженство Митрополитот Скопски и Архиепископ Охридски и Македонски и на Јустинијана Прима и Администратор Дебарско-кичевски г.г. Стефан, како и Неговото Вискокопреосвештенство Митрополитот Повардарски г. Агатангел, и Нивните Преосвештенства Епископот Антаниски г. Партениј и Епископот Велички г. Никола. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Петар се обрати со пригодна беседа, а потоа беше отслужен и Прастос за покој на душата на блаженоупокоениот Митрополит Тимотеј, а на парастосот началствуваше Архиепископот Стефан, во сослужение на Митрополитите Петар и Агатангел. На крајот беше отслужена и трисагија на гробот на Митрополитот Тимотеј. Бог Господ да ја всели неговата душа таму каде што почиваат праведниците, а тој заедно со Авраама и сите праведници нека се молат за нас, та и ние чесно и достојно да го изодиме Христовиот пат и да ја заслужиме венчата награда. Вечнаја памјат, Владико! 

Повеќе...

„Богоносни отци, работници на лозјето Христово, сејачи на благочестието, ревносно го побаравте словенскиот народ и го најдовте како загубената драхма, којашто ја прими Човекољубецот Исус и Спасител на душите наши, радувајќи се заедно со ангелите“ (хвалитна стихира на Утрена на св. Кирил и Методиј).

 

На 24.05.2025 година, денот кога го прославуваме споменот на светите браќа Кирил и Методиј, Сесловенските просветители, во ман. „Св. Климент и Пантелејмон“ на Плаошник во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Блаженство Митрополитот Скопски и Архиепископ Охридски и Македонски и на Јустинијана Прима и Администратор Дебарско-кичевски г.г. Стефан, во сослужение на архимандритот Сергеј од Српската православна црква, протоереј-ставрофорите Никола Христоски, Ристе Ристевски и Кирил Јованоски, игуменот Агатон, еромонахот Никодим, свештеникот Васил Михајлоски и протоѓаконите Александар Димитријов и Драган Иванов. По завршувањето на Литургијата, Архиепископот Стефан се обрати кон верниот народ со пригодна беседа. Архиепископот Стефан, заедно со свештенството од нашата Епархија, присуствуваше и на свечената академија по повод денот на Сесловенските и Македонски просветители, организиран од Владата на РСМ, а академијата се одржуваше во катедралниот храм „Св. Софија“ во Охрид. На академијата со пригоден говор се обрати Архиепископот Стефан, како и Претседателот на Владата на РСМ, проф. д-р Христијан Мицковски, а присутните ги поздрави и Ректорот на УКИМ, проф. д-р Биљана Ангелова.     

Повеќе...

„Благородна нива Христова си бил, Георгие, обработена со маченички подвизи и, како преславно богатство, Судијата те положи во небеските ризници, поради твоите извонредни успеси“ (песна од канонот на Утрена на св. вмч. Георгиј).

Воскреснатиот Христос и оваа година благослови и ни даде можност уште еднаш да земеме учество во еден од најторжествените настани во нашата Епархија - свечената струшка литија - еордија, на која илјадници верници од сите краишта, со радост и велелепие го величаат Воскреснатиот Спасител, како и нашиот постојан застапник пред Севишниот Бог - великомаченикот и победоносец Георгиј. Според обичајот, најпрво во утринските часови, во храмот „Св. вмч. Ѓорѓи“ во Струга, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Блаженство Митрополитот Скопски и Архиепископ Охридски и Македонски и на Јустинијана Прима и Администратор Дебарско-кичевски г. г. Стефан, во сослужение на  Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф, архимандритот Нектариј, протоереј-ставрофорите Никола Христоски и Александар Димоски, протоерејот Васко Голабоски, еромонахот Исак, свештениците Ристе Наумоски, Христијан Костоски и Васил Михајлоски и протоѓаконите Николче Ѓурѓиноски, Александар Димитријов и Драган Иванов. Наѓата, пак, Епархија, на овој свечен ден се збогати со уште еден свештенослужител, во лицето на магистрираниот теолог Ѓорѓи Наумоски, кој од раката на Архиепископот Стефан беше ракоположен во ѓаконски чин. Од името на Епархијата му го честитаме чинот на Ѓорѓи со желби и молитви за верно и достојно служење на Севишниот Бог. По завршувањето на Литургијата, Архиепископот Стефан се обрати кон верниот народ со пригодна беседа.

Повеќе...

„Дојдете сите вие што го славите сепразничното, светло и славноВоскресение, пак да го празнуваме светлото торжество на маченикот Георгија, и со пролетни цветови, како непобедлив, да го овенчаме, та, по неговите молитви, да примиме избавување од неволјите и од гревовите“ (хвалитна стихира на Утрена на св. вмч. Георгиј - Ѓурѓовден).

На 06.05.2025 година, денот кога го прославуваме споменот на светиот великомаченик и победоносец Георгиј, во храмот „Св. вмч Ѓорѓи“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Блаженство Митрополитот Скопски и Архиепископ Охридски и Македонски и на Јустонијана Прима и Администратор Дебарско-кичевски г.г. Стефан, во сослужение на Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Тетовако-гостиварски г. Јосиф, архимандритот Нектариј, протоерејот-ставрофорите Никола Христоски, Ристе Ристевски и Сашо Богданоски и протоѓаконите Николче Ѓурѓиноски, Александар Димитријов и Драган Иванов. По завршувањето на Литургијата беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а Архиепископот Сефан се обрати кон многубројниот верен народ со пригодна беседа.

Повеќе...
Страница 1 од 294

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Јуни 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
1 2 3 4 5 6 7
8 9 10 11 12 13 14
15 16 17 18 19 20 21
22 23 24 25 26 27 28
29 30 1 2 3 4 5