„Колку што Пресветиот Дух ти даде да претскажуваш, сечесни пророче Илија, си претскажал за доаѓањето на Синот Божји, и не си погрешил, себлажени. Нему ние Му пееме: Боже на нашите татковци, благословен си“ (песна од канонот на Утрена на св. пророк Илија).
Празникот на светиот пророк Илија и на светите Пречистански преподобномаченици Евнувиј, Пајсиј и Аверкиј, како и на празникот на нашата држава - славниот ден Илинден, и оваа година беше свечено одбележан и прославен во манастирот „Пресвета Богородица - Пречиста“ во Кичево. Празнувањето започна на 01.08.2024 година, во вечерните часови, со празнична вечерна богослужба, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоереј-ставрофорот Никола Христоски , еромонахот Ефросиниј, свештеникот Александар Матески и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Вечерната богослужба, беше отслужен Парастос за покој на душите на сите борци кои ги дале своите животи во одбрана на нашата Црква и Татковина.
Торѓествата продолжија утредента, на 02.08.2024 година, со отслужување на света архиерејска Литургија, на којашто чиноналаствуваше Митрополитот Тимотеј, во сослужение на протоереј-ставрофорот Никола Христоски, еромонахот Ефросиниј, свештеникот Александар Матески и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата беше осветено празничното коливо, а беше прочитано и Илинденското послание, испратено до сите верни чеда од Архиепископот Охридски и Македонски и на Јустинијана Прима г.г. Стефан, заедно со членовите на САС на МПЦ-ОА. Истото ви го пренесуваме во целост.