„Јоаким и ана со твоето свето раѓање, Пречиста, се ослободија од срамот на бездетноста, а Адам и Ева - од распадливоста смртна. Затоа и празнуваат луѓето твои, избавени од гревовната вина, кога ти пеат: Неплодна (жена) раѓа Богородица и, на Животот наш - Хранителката“ (кондак на Утрена на Рождетсво на Пресвета Богородица).
Торжествената прослава на Рождеството на Мајката Божја беше крунисана на 21.09.2021 година, во манастирот „Пресвета Богородица Пречиста“ во Кичево, со света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоереј-ставрофорите Никола Христоски и Илија Димитриевски, свештениците Горан Ставрески, Александар Матески и Павел Крцоски, еромонахот Еразмо, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Марко Спасовски. По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Мал водосвет и беше осветено коливото, а беше прекршен и празничниот колач. Потоа, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниот народ со пригодна беседа, којашто ви ја пренесуваме во целост.





