„Пак ни дојде летниот спомен на Атанасија, кој го носи името на бесмртноста, златотечниот Нил, кој со нови надоаѓања нè наводнува со нови златострујни наноси на бесмртноста, и ни ги дава плодовите на нераспадливоста, со врвното благовестење: Нè учи да се поклонуваме на неразделна Троица, ни точи божествени учења, ги напојува мислите на верните, и се моли за душите наши“ (стиховна стихира на Слава... на Вечерна богослужба на свети Атанасиј Велики).

 

На 15.05.2016 година, во Неделата на мироносиците и на празникот на свети Атанасиј велики во манастирот „Св. Атанасиј Велики“, метох на манастирот „Св. Наум Охридски“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, игумен на манастирот, протоерите Никола Христоски и Димче Ѓорѓиески и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме.

Nike Sneakers | Marki

 

Митрополит Тимотеј

 

Во името на Отецот и Синот и Св. Дух.

Христос воскресе!

 

Драги браќа и сестри,

Наоѓајќи се во овој Пасхален, радосен период, светата Црква, оваа недела, ја посветува на светите жени мироносици. Нашиот Спасител Господ Исус Христос, за време на тригодишното словење на словото Божјо, покрај дванаесетте и седумдесетте апостоли, имал и други ученици коишто Го следеле и Го слушале и кои учествувале во разните чуда и проповедите кои Он ги правел и искажувал. За време на Неговото страдање и најодданите апостоли, како што бил св. ап. Петар, се откажале од Него. Се откажале велејќи дека не Го познаваат и дека не знаат што им зборуваат. Евангелието нè поучува дека тие се разбегале и се откажале од Христа, заради страв од Јудеите. Крај крстот, во најтажниот и најтрогателен момент, останала само Неговата света мајка, ученикот што го милуваше и жените мироносици. Во светото Евангелие се спомнуваат повеќе Марии. За тоа има различни толкувања и теолошки мудрувања, но, најважна е пораката што светата Црква ни ја укажува и ни ја упатува на сите нас. А тоа е нивната непоколеблива вера, нескршливата храброст и одданоста кон својот Учител. Се вели дека во неделата рано наутро, жените мироносици, отишле на гробот со миро да го помазаат Телото Христово. Христос бил погребен набрзина на Велики Петок, и тие немале можност достоинствено да Му се оддолжат, според еврејскиот обичај за погребение на сакан и близок човек. Одејќи кон гробот, се запрашувале кој ќе им го оттргне гробниот камен. Меѓутоа, кога пристигнуваат таму, наоѓаат ангел како седи пред отворен и празен гроб. Ангелот им соопштува: „Зошто Го барате Живиот меѓу мртвите? Он не е овде, а воскресна" (Лк. 24, 5-6).


Господ Исус Христос, заради нивната силна и непоколеблива вера ги удостојува најпрво воскреснат да им се јави на жените мироносици, заповедувајќи: „Отиди при браќата Мои и кажи им: се враќам при Својот Отец и вашиот Отец, при Својот Бог и вашиот Бог" (Јн. 20, 17). Он ја наградува нивната вера, а преку тоа, сите нè поучува дека треба да бидеме цврсти, непоколебливи во нашата вера кон Христа, кон Неговата света Црква, и да ги исполнуваме Неговите свети заповеди. Кон таа света вера во Воскреснатиот Господ Исус Христос се вбројуваат и безброј Божји угодници. Покрај апостолите и жените мироносици, тука се и големите ерарси и учители на нашата света Црква и вера. Денеска, заедно со споменатите жени мироносици, го прославуваме и св. Атанасиј Велики.


Овој Божји угодник, уште како младо момче бил просветлен од Христовата наука и го посветил севкупниот свој живот на Црквата Божја. Како ѓакон, ќе учествува на Првиот вселенски собор, 325 година во Никеја, давајќи голем прилог во разобличувањето на аријанската ерес и во зацврстувањето и исповедањето на православната вера. Тој ќе биде еден од авторите на првиот дел од Символот на верата, каде што се исповеда учењето за Господа Исуса Христа, односно за Второто Лице од Света Троица, за Богочовекот. Тој ќе претрпи и разни прогонувања, но, секогаш останувајќи цврст столб на православието. Заради тоа Црквата ќе го одликува со достоинство Велики.


И ние денеска, наоѓајќи се во овој манастир, посветен на св. Атанасиј, да се обратиме со искрена молитва кон св. Атанасиј и кон жените мироносици. Тие да измолат милост Божја за нас, за да ни ја зацврсти верата православна, да ни ја умножи љубовта, па да можеме да живееме според принципите и начелата што ги учи нашата света Православна црква и вера. Па така, да спечалиме милост Божја, а преку тоа и вечен и блажен живот, сега и во сета вечност. Амин!


Христос воскресе!

 

Недела на жени мироносици и св. Атанасиј Велики
15.05.2016 год.
Манастир „Св. Атанасиј Велики" – с. Љубаништа, Охрид

 

сватанлет2016 1сватанлет2016 2сватанлет2016 3сватанлет2016 4сватанлет2016 5сватанлет2016 6сватанлет2016 7сватанлет2016 8сватанлет2016 9 

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Мај 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
27 28 29 30 1 2 3
4 5 6 7 8 9 10
11 12 13 14 15 16 17
18 19 20 21 22 23 24
25 26 27 28 29 30 31