6 ноември 2016


Дваесетта недела по Педесетница
Св. мч. Арета и 4299 мч-ци со него; св. Елезвој Етиописки; св. мч-чка Синклитикија; св. Атанасиј, патр. Константинополски

 

Промотивно слово
на Митрополитот Кумановско-осоговски Јосиф за I и II том Беседи
на митрополитот Дебарско-кичевски г.Тимотеј

 

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Ваши Високипреосвештенства, Ваше Преосвештенство - богомудри архиереи на Црквата Христова, високопреподобни отци, пречесно свештенство и во Христа ѓаконство, преподобни монаси и монахињи, возљубени и богољубиви браќа и сестри. 

Добро е позната спасоносната улога на Православната црква и на нејзината ерархија во историјата на човештвото.

Затоа, угодно му беше на Духот Свет, кој сè соединува во Христа, и кој ја устројува Црквата како ерархиска институција, односно како Тело Христово, како вистински Утешител, на Собранија да посветува нови епископи, но исто така на собранија и да ja излива изобилно својата благодат. Зашто, каде што се двајца или тројца, собрани во Негово име, таму е и Духот Утешителот.


Затоа, со особена радост и задоволство, а пред сè со благодарност кон Бога, се одважив да одговорам на племенитиот предлог на нашиот домаќин, Високопреосветениот Митрополит дебарско-кичевски и администратор Австралиско-сиднејски г.Тимотеј, и да говорам на ова собрание после Собранието. А поводот е голем! Собрани сме овде, во Охрид, со двоедина радост, за одбележување на триесет и пет годишнината од неговата архиерејска служба и издавањето на неговите собрани беседи, кои се плод на неговото долгогодишно и од Бога благословено пастирствување.

Sports News | NIKE RUNNING SALE


Размислувајќи како достојно да го започнам ова мое претставување на делото на Митрополитот Тимотеј, се навратив на првата беседа на Богочовекот Христос, која ги омеѓува Стариот и Новиот Завет. Беседа на Словото која одекнува до крајот и почетокот на времето: „Покајте се, зашто се приближи царството Небесно" , односно: „Времето се исполни и царството Божјо наближи, покајте се и верувајте во Евангелието" . Овие неколку зборови на почетокот од спасителната мисија на Спасителот, можат да ни послужат како недвосмислено мерило за испитување на секоја проповед што ја слушаме, доколку сакаме да бидеме послушни на Апостолот, кој нè поучува да ги испитуваме духовите . А токму со овој дух на повик кон спасителното преумување и благата радост што ни доаѓа од царството Небесно, се запечатени беседите на Високопреосветениот Митрополит Тимотеј, грижливо собрани и објавени во книгите што се наоѓаат пред нас. Токму затоа имаме смелост смирено да посведочиме дека преку овие животоносни беседи, пред нас се иконизира личноста на Епископот како добар пастир и како верен учител и мистагог, којшто на Христовото прашање „Ме љубиш ли?" не само трипати, ами трипати по трипати одговара потврдно, и бива преблагословен да го води стадото Христово . Да го води на плодни пасишта и тихи води, пастир кој го пасе стадото по патот на правдата заради името Божјо.


Се чини дека без оглед на тоа дали Владиката Тимотеј беседи во недела, или на празник, или при некои други прилики, благиот татковски тон со кој се обоени неговите зборови, постојано потсетува на верноста на зборовите на св. апостол Петар: „пасете го Божјото стадо, што го имате, надгледувајќи го не присилно, туку драговолно и според Бога; не заради неправедна корист, туку од добро срце. И не како да управувате со народот, туку давајќи му пример на стадото".


Зaтоа, народот во реки притекнува, во рој како пчели во кошница, онаму каде што богослужи и жртвопринесува и беседи овој Митрополит, чија триесет и пет годишнина од неговата служба радосно ја одбележуваме денес.


Во духот на Отците кои повелаат дека претстојателите треба секој ден, а особено во денот Господов да го поучуваат клирот и народот со зборови на благочестието , читаме како тој ги охрабрува членовите на Црквата да се подвизуваат и преуспеваат во добродетелта, да го градат своето спасение во Црковната наука и да не ѝ робуваат на слабоста на незнаењето. За ова постојано како пример ги предложува хоровите светителски и маченички, славниот Претеча и Крстител Господов, а најмногу Пресветата, Пречиста и Преблагословена Богомајка. Верни и благовистинити се Господовите зборови дека од преполнето срце зборува устата на пастирот чиј што глас го слушаат овците негови, и го познаваат, и одат по него , зашто го знаат неговото сведоштво на верата на Црквата, запечатено од Духот на вистината.


И самиот јас, како Епископ на Црквата Божја што пребива во кумановско-осоговскиот крај, од опит знам колку свештена, светотаинска и страшна, дури и за ангелите, е епископската служба на која Бог благоизволи да нè постави. Служба, за која Синот Човечки, рече дека не дојде за да Му служат, туку Тој да послужи и да ја даде душата Своја за откуп на мнозина , или, според зборовите на блажениот Софрониј Нов од Есекс, ја преврте пирамидата на човештвото, поставувајќи се Себеси како Глава на самото дно. Навистина, епископскиот јарем понекогаш се чини претежок, доколку човек мудрува по тело, но неизмерно е лесен и благ доколку појде до Христа, и Му го довери своето бреме . За ваков слуга на Словото го знаеме авторот на овие книги, кого го гледаме како проповеда на Литургија, како оди и како домаќин осветува црква и крстилница, за по неколку дена со татковска радост да се обрати на промоција на нова книга или аудио запис, а сè во слава на Бог Троица. Необично чудо, неизречена сила, страшна тајна - тоа е таинството на свештенството преточено во животот на авторот, кој сите должности и грижи за спасението на оние што му се доверени ги совршува со помош на благодатта Божја.


Не би згрешиле, доколку речеме дека ако погледнеме во книгите, ќе ни се открие уште една димензија на ликот на Високопреосветениот Митрополит Тимотеј, а тоа е ликот на добриот слуга кој усрдно работи на довереното му лозје, верен и неуморен делатник во домостројот на Домостроителот, кој не само што не го закопува талантот што му е доверен, туку напротив, освен доверените му пет таланти, спечалува уште други пет, за што ќе влезе во радоста на својот господар . Тој не застанува додека не го исполни евангелскиот максимализам, и секому не му стане сè, та по каков и да биде начин да спаси некого . Од почетоците на неговото архиерејско служење во 1981 година, па до 2009, до кога се собрани беседите во првите два тома од овој опус, го следиме неговото неуморно благовестење дека воскресна Господ, Кој смртта ја умртви , го следиме неговото деноноќно служење на Бога и Божјиот народ, возрастувањето во смирението и уподобувањето во светоста на Оној Кој е свет.


Верувам дека ќе се согласите, дека триесет и пет години е повеќе од доволно широк временски период, за да може да се оформи објективен суд за делото и животот на еден епископ, овенчан со една конкретна епархија. Притоа, должност ми е само накратко да нагласам, дека прославата на овој јубилеј не претставува торжество на некаква статична историска прослава, чија цел е нејзино запишување во минатото, туку напротив, восклик на уште еден копнеж кон царството на Царот на славата. Црквата на Живиот Бог не е археолошко, архитектонско ни градежно студио, ниту пак, уметничка работнилница, туку Тело Христово. Точно е дека таа пребива во историјата, но времето го мери од другата страна, односно – иднината го исполнува минатото во сегашноста. И токму затоа, секој работник на нивата Господова, а особено Епископот, својата служба ја изградува почнувајќи од самата Тајна на Црквата, од Светата Евхаристија која, според зборовите на св. Григориј Палама, го возглавува севкупниот Домострој на спасението.


Затоа, фактот дека повеќето од богодоличните беседи искажани во Духот Свет, сместени во овие книги, се изречени среде Тајната на Црквата, околу Господовата Трпеза, односно на Божествена Литургија, не треба воопшто да нè изненади. Каде би можел верниот народ, во вечна и постојана радост да се причестува со Словото и да му се даде да ги знае тајните на царството Божјо, ако не околу Оној преку Кого го добива дарот на восиновување ? И кој, ако не Епископот, како икона Христова, ќе им го објасни и преподаде словото на Христовата вистина? Зашто, Епископот е видлива глава на Црквата на земјата, во заедницата на Христа и народот Божји собрани на едно место. Токму затоа народот Божји, собран секоја недела, на празник, во постите, може кон Бога да повика „Авва, Оче", но и собран околу својот Епископ како Христова икона, слушајќи Го Писмото да се очисти пред големата Тајна над тајните . И секој збор на Епископот, верните го примаат како откровение. Секоја беседа, како да доаѓа од Христа. Извира од Христа, и се враќа во Христа, заедно со преобразените срца на оние што ја примаат, и пристапуваат да се причестат не само со слово, туку и со самите Тело и Крв Христови. Такви се беседите што ни се предадени во овие книги.


Во светот обременет со душегубни идеологии и политичко - комерцијални слогани, Христовото благовестие пренесено и протолкувано во книгите што се пред нас, на многумина ќе им делува како нешто ново и непознато, но истовремено и старо, старомодно, чудно, па дури и скандалозно. Затоа, за некои, христијанската наука е лудост, за други, пак, соблазна, како што вели Апостолот . И самиот Христос, преку параболата за сејачот , нè предупредува дека не секое посеано семе дава плод: дел паѓа покрај патот и го газат и колваат, друг дел се суши на камен, а трет, пак, се задушува во трње. Сепак, дел од семето ќе падне и на добра, плодна земја, и ќе вроди стократен плод.


Сејачот на овие беседи, Владиката Тимотеј, не клони во духот, туку загледан со вера во ветувањето Христово, продолжува неуморно да Го објавува Сонцето на правдата, за оние кои дотогаш во мрак пребивале, да бидат озарени со светлината на познанието . Бивајќи до крај послушен на Пастироначалникот, неговите беседи пак и пак ја следат и исполнуваат Христовата заповед: „И во кој град влезете, говорете им: 'Се приближи до вас царството Божјо'" . Тие не се обездушен и обезличен памфлет на некакво светско умување и шпекулации, туку напротив: живо сведоштво за она што се чуло, што со очи се видело, се разгледало и што со раце се опипало за Словото на животот во свештениот литургиско-подвижнички простор на Црквата Христова.


А Епископот што ни се открива зад овие редови, е налик на епископот за кого што пишува светиот свештеномаченик Игнатиј Богоносец, кога на Филаделфијците им пишува: „не преку човек ја стекна службата, ниту преку гордост, туку во љубовта на Бога Отецот и Господа Исуса Христа, и кој е во склад со заповедите Господови... Затоа, душата моја ја пофалува неговата вера во Бога, познавајќи ја дека е добродетелна и совршена, ја пофалува неговата постојаност и неговата негневливост во секоја кротост на Живиот Бог" .


Ќе го привршам ова мое промотивно слово како што и го започнав, со смирена благодарност кон нашиот домаќин, по чиишто молитви денес се собравме тука, благодарност за неговата служба и за неговото дело со кое се удостоивме денес да се збогатиме и со кое во иднина ќе се поучуваме. Благодарност и кон сите вас, верни чеда, тихуватели и служители на Дебарско-кичевската епархија, за вашето гостољубие со кое нè пречекавте во градот крај прекрасното Бело Езеро. А благодарност, пред сè, и слава, и чест, и поклонение Му приличи на Триипостасниот Бог, Отецот, Син и Свет Дух, сега и секогаш, и во вечни векови. Амин!

 

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Април 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
30 31 1 2 3 4 5
6 7 8 9 10 11 12
13 14 15 16 17 18 19
20 21 22 23 24 25 26
27 28 29 30 1 2 3