Надградувањето на знаењето во областа на верските, литургиските и доктринарните учења е должност на секој еден член на Црквата Христова, но тоа особено важи за духовните водачи на верниот народ - свештенството. Затоа и нашата Дебарско-кичевска епархија, со благослов на нашиот Високопреосвештен Митрополит Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, се труди барем еднаш годишно да организира свештенички семинар, на кои свештениците ќе го дополнат своето знаење во вистините на верата. Како и претходните години, така и оваа, свештенството од нашата Епархија се собра во едно од нашите многубројни светилишта, а оваа година тоа беше манастирот „Св. вмч. Ѓорѓи“ во Кнежино, Кичево. Настанот започна на 06.09.2021 година, кога во вечерните часови беше отслужена Вечерна богослужба, на која чиноначалствуваше Митрополитот Тимотеј, во сослужение на протоерејот-ставрофор Никола Христоски, свештениците Горан Ставрески и Александар Димоски, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Марко Спасовски. Утредента, на 07.09.2021 година, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Митрополитот Тимотеј, во сослужение на протоерејот-ставрофор Никола Христоски, протоерејот Стевчо Тошевски, свештениците Горан Ставрески и Александар Димоски, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Марко Спасовски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон присутните со пригодна беседа, којашто подолу во целост ви ја пренесуваме.

 

 

Потоа, во прекрасната Кнежинска трпезарија беше организиран и свештеничкиот семинар, на кој оваа година имавме двајца предавачи. Најпрво се обрати д-р Александар Атанасов, професор во МПБ „Св. Климент Охридски“ во Скопје, кој говореше за делото на блаженоупокоениот Архиепископ Охридски и Македонски г. Доситеј и улогата на Комисијата за верски прашања во возобновувањето на Охридската архиепископија во лицето на Македонската православна црква. На втората, историско-литургиска тема, говореше свештеникот Александар Димоски, кој даде кус историски осврт и поттикна размислување за тоа дали свештенството треба трипати да пие од Евхаристиската Чаша. Двете теми пробудија голем интерес кај свештенството, и се отвори и кратка дискусија. Од името на Епархијата и Митрополитот Тимотеј, најпрво им се заблагодаруваме за одвоеното време и трудот на двајцата предавачи, како и на сите свештениците кои дојдоа на семинарот и кои во позитивна атмосфера дискутираа на двете теми. Во продолжение ви ја пренесуваме беседата од Митрополитот Тимотеј. 

 

Митрополит Тимотеј


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри!


Нашиот Спасител Господ Исус Христос на гората на блаженствата ја искажал суштината на Неговата наука, имајќи го како цел спасението на човечкиот род. Еврејскиот народ како избран народ бил горд, сметајќи дека е почестен од Создателот да биде истакнат над останатите народи. Со оваа мисла Го очекувал Месијата и Избавителот што Бог ќе Го испрати за да го спаси. Поради нивната гордост, Евреите започнале да си Го претставуваат Месијата и Спасителот како земен цар кој ќе дојде за да ги избави од римското ропство и ним ќе им ги покори сите останати народи. Очекувале Господ да ги нахрани со најубава храна послатка од маната со која биле хранети во пустината. Очекувале да господарат над останатите народи, да се облекуваат во свила и порфир и на тој начин да го остварат своето Израелско царство. Но, Господ Христос во Својата беседа за блаженствата целосно ги побива нивните очекувања и заблуди. Тој кажал дека Неговото царство не е земно, туку небесно. Кажал и дека треба да се изменат и преобразат и од земното да преминат кон небесното, духовното, чесното и светото.


Во денешното Евангелско четиво кое е продолжение на блаженствата, Господ Христос им се обраќа на апостолите, а преку нив и на сите христијани и на сите следбеници на Неговата наука. Во оваа беседа Тој им вели: Вие сте солта на земјата. Ние ја знаеме важноста на солта. Таа ја чува храната од расипување, а истовремено ја прави и вкусна за јадење. Со нејзиното растопување во храната, таа не ја менува суштината на храната туку само и дава вкус. Доколку солта е расипана, таа не служи за ништо и се исфрла. Во духовна смисла, во Христовата беседа, ова значи дека доколку апостолите го изгубат својот лик и престанат да бидат пример за христијаните во следењето на Христа, тие ќе ја изгубат својата улога и ќе бидат отфрлени. Ова отфрлање ќе ги доведе и до вечни страдања.


Во Евангелието слушнавме како Христос им вели на апостолите: Вие сте светлина на светот. Ние знаеме дека светлината е симбол на животот, радоста, денот, а темнината, пак, е симбол на ноќта, стравот и страдањето. Самиот Господ Исус Христос за Себе вели: „Јас Сум Светлината на светот" (Јн. 8, 12) Таа светлина ја означува Евангелската наука и Евангелските начела на љубов, милосрдие, кротост, воздржливост и други добродетели кои го красат секој христијанин. Тие треба да бидат усвоени, прифатени и според нив да се живее. Со тоа, ќе потврдиме дека сме Христови ученици и вистински христијани. Преку овие зборови Господ Христос ги поучува апостолите, а преку нив и нас христијаните дека сме должни со нашиот живот и со нашите постапки да сведочиме за Христа како добри луѓе. Преку тоа ќе Го проповедаме Христа и пред останатите. Така и тие ќе Го засакаат Христа и ќе Го прослават нашиот Отец Небесен.


Христос им вели на Јудејците дека не дошол за да го наруши Мојсеевиот закон, туку за да го исполни. Со тоа сакал да им каже дека погрешно го разбирале значењето на Законот, онака како што им го толкувале нивните учители. Тие го делеле Законот на важни и неважни одредби, но оддавале многу поголемо значење на она што немало суштинско значење. Христос им укажува што навистина е важно, исполнувајќи го целиот Закон, но не онака како што го толкувале фарисеите, туку како што бил вистински даден од Бога. Христос го исполнил Законот до последна јота, додека фарисеите го исполнувале само надворешно и формално – фарисејски. Во суштина, го воделе Израилот на погрешен и погубен пат. Затоа Христос вели: „И така, оној кој ќе наруши една од тие најмали заповеди и така ги научи луѓето, најмал ќе се нарече во царството небесно; а оној што ќе ги исполни и поучи, тој голем ќе се нарече во царството небесно" (Мт. 5, 19). Со овие зборови, Господ Христос ги критикува јудејските водачи кои го делеле Законот на важни и помалку важни одредби. За нив важни биле обрезанието, пазењето на саботата и сл. Овие за нив биле суштествени заповеди, а останатите – небитни. Но, Христос вели дека не постои таква поделба и секој што ќе го наруши Законот ќе биде виновен и ќе даде одговор пред Отецот небесен.


И ние кои денеска се наоѓаме во овој свет манастир и сме собрани на свештенички пастирски семинар, да се поучиме од овие зборови на светото Евангелие упатени до христовите апостоли, а преку нив и до сите нас свештенослужители, па и до целиот народ. Со овие зборови сме повикани да бидеме светлина на светот. Да се потрудиме Христовата светлина да ја примиме во нашите срца и души. Евангелската наука да нѐ прероди и облагороди. Со нашите животи и постапки да Го сведочиме Господа Христа. Така луѓето ќе ги видат нашите добри дела и ќе Го прослават небесниот Отец. Амин!

Пренос на мошти на апостолите Вартоломеј и Тит
(Свештенички семинар)
Манастир „Свети Георгиј Победоносец" Кнежино
07.09.2021 год.

 

seminar2021 1seminar2021 2seminar2021 3seminar2021 4seminar2021 5seminar2021 6seminar2021 7seminar2021 8seminar2021 9seminar2021 10seminar2021 11seminar2021 12

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Април 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
30 31 1 2 3 4 5
6 7 8 9 10 11 12
13 14 15 16 17 18 19
20 21 22 23 24 25 26
27 28 29 30 1 2 3