„Украсена со неискажлива храброст, богомудра, напарена со најсветли зраци, радосно стоиш пред престолот на твојот Создател, преподобна, каде што е гласот на оние кои празнуваат, богомудра Параскево“ (песна од канонот на Утрена на преп. мајка Параскева - света Петка).

 

На 27.10.2021 година, денот кога го прославуваме споменот на преп. мајка Параскева - света Петка, во храмот „Св. вмч. Ѓорѓи“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоереј-ставрофорите Никола Христоски, Сашо Богданоски и Игор Никовски, свештеникот Ѓорѓи Блажевски, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Марко Спасовски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, којашто во целост ви ја пренесуваме.

 

Митрополит Тимотеј


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри!


Живеејќи во овој свет, ние живееме на преминот кон оној свет. Бидејќи овој свет е привремен и служи за пристапување кон идниот, човек се раѓа овде, не за да остане тука, туку за да помине низ него како низ привремено училиште кое треба да нѐ подготви за идниот свет. Колку и да се трудиме да останеме во овој свет засекогаш, сепак, никој не успева во тоа. Секој мора да отиде во другиот свет. Во овој свет луѓето ја учат азбуката на Вистината, а во идниот ја запознаваат целата Вистина. Но, кога луѓето се обидуваат да го претворат овој свет во прав и да го прогласат за последна станица на душата и телото, тогаш што ли мисли Господ за таквите луѓе? Страшниот суд е последна станица на која ќе отпатува секоја душа и секое тело, а оние кои го прогласуваат овој свет за последна станица на телото и душата за Бога се вистински безумни. Бог нив ги нарекува нелуѓе. За таквите луѓе јасно и отворено Господ зборува во денешното Евангелие, а уште појасно и поотворено зборува преку животот на света Петка. Во денешното Евангелие, Господ ги разделува луѓето во две групи: мудри и луди. Секој од нас мора да припадне на едната или на другата група, зашто нема трета група. Кој е мудар, а кој луд во очите на Господа Христа, ќе дознаеме ако преку животот и делото на света Петка го објасниме денешното Евангелие. Тогаш кога ќе дојде царството небесно, десетте девојки ќе ги земат своите светилници и ќе излезат да Го пресретнат Младоженецот. Што значи тоа „тогаш"? Тоа е оној момент во кој со мерката на оној свет се мери овој свет. Ако го направиме тоа ќе видиме дека секој човек влегува во овој свет со светилник. Тој светилник е душата која му ја дал Бог на секој човек, а отсјајот е светлината на Господа Исуса Христа Кој стои на границата на двата света и „го осветлува секој човек што доаѓа во светот" (Јн. 1, 9). Преку гревот на прародителите, во светот влегла страшната темнина, односно гревот. Затоа човекољубивиот Бог го испраќа човекот со светилник во таа темнина. Душите човечки се светилници. Кого го бараат во темнината на овој свет? Го бараат многуочекуваниот Младоженец, Господа Исуса Христа и Него излегуваат да Го пресретнат. Душите влегуваат во овој свет и излегуваат во пресрет на Младоженецот. Смислата на човечкиот живот на земјата е со светилникот даден од Бога да помине низ тунелот на гревот и да Го најде Господа.


Пет од девојките кои се споменуваат во Евангелието биле мудри, а пет неразумни. Мудрите зеле масло во светилниците, а безумните само светилници без масло. Душата е светилник на телото, а маслото е благодатта на Светиот Дух и сите дела на благодатта. Тоа се верата, надежта, милосрдието, кротоста, богољубието, братољубието, смирението, трпението, постот, воздржанието и другите добродетели. Мудрите излегле во пресрет со запалени светилници, односно влегле во царството Божјо. За разлика од нив, петте неразумни девојки, кога дошле биле непознати за Младоженецот, зашто во овој свет не сакале да собираат добродетели, туку ги задоволувале своите мисли, желби и сладострастијата на овој век. Затоа и Христос им вели: не ве познавам за царството небесно!


Светото Евангелие е чудесно посведочено во животот на света Параскева-Петка. Тоа е потполно повторено и потврдено во неа. Светилникот на нејзината душа се разгорел како сонце и се покажал како поинакво сонце на Црквата. Подвизувајќи се непрестајно во благодатните подвизи, таа се одрекла од себе, од родителите и имотот и Го возљубила Христа повеќе од сѐ преку пустинскиот живот. Без никаква резервираност, таа се упатила кон Христа. Првиот подвиг на нејзината душа ја водел кон вториот. Го зела јаремот, односно крстот Христов на себе и се распнала себеси за светот. Вториот подвиг ја водел кон други подвизи – кон пост, молитва, бдение, солзи и на тој начин таа успеала да ги угаси страстите во себе и да се исполни со светлоста и бестрастието, постанувајќи мудра девојка. Сега, постојано се моли за нас заедно со сите Божји угодници.


Како заклучок, со еден збор, треба да се каже дека гревот и страста се лудило. Светоста, пак, и добродетелта се мудрост. Ако сакаме да се спасиме од гревовното лудило и да постанеме мудри во очите на Господа Христа, тогаш со сето срце и со сета душа треба да појдеме по света Петка и таа ќе не одведе во царството на Господа Исуса Христа. Тој да нѐ спаси по молитвите на преподобната. Амин!


Света Петка Епиватска
Храм „Св. вмч. Ѓорѓи" Охрид
27.10.2021 год.

 

petkovden2021 1petkovden2021 2petkovden2021 3petkovden2021 4petkovden2021 5petkovden2021 6petkovden2021 7petkovden2021 8petkovden2021 9petkovden2021 10petkovden2021 11petkovden2021 12petkovden2021 13petkovden2021 14petkovden2021 15

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Април 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
30 31 1 2 3 4 5
6 7 8 9 10 11 12
13 14 15 16 17 18 19
20 21 22 23 24 25 26
27 28 29 30 1 2 3