На 27.09.2022 година, денот кога го празнуваме празникот Водвижение на чесниот и животворен Крст - Крстовден, во манастирот „Св. вмч. Георгиј“ во Рајчица, Дебар, откако беше воздигнат знакот на спасението - чесниот Дрво, на Кое Христос нашиот Спасител го положи Својот живот за животот на сета вселена, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоерејот-ставрофор Никола Христоски, еромонасите Макариј, Еразмо, Ефросиниј и Григориј, свештеникот Миле Ангелоски, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ероѓаконот Силуан. По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, којашто интегрално ви ја пренесуваме. 

 

Митрополит Тимотеј


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.
Драги браќа и сестри,


Денеска прославуваме еден од големите Господови празници. Поточно го прославуваме издигнувањето на чесниот крст. Нашиот Спасител Господ Исус Христос во Евангелието според Марко вели: „Кој сака да врви по Мене, нека се одрече од себе, и нека го земе крстот свој и нека оди по Мене" (Мк. 8, 34). Честопати може да се слушнат прашања од наши верници за значењето на овие зборови. Што значи да се земе својот крст? Секој човек има свој крст и тој ќе го носи независно дали се согласува или се спротивставува. Својот крст не може да го оставиме на друг, ниту, пак, туѓиот крст да се земе на својот грб.


Токму овие зборови ни даваат повод да го разјасниме нивното значење, особено во однос на внатрешниот духовен живот. Кога Господ Исус Христос доброволно одел кон крстната смрт, повикал тројца ученици и отишол во Гетсиманската градина. Ги замолил учениците да не одат никаде додека Тој не се помоли. Молитвата на Господа гласи: „Оче Мој, ако е можно нека Ме одмине оваа чаша" (Мт. 26, 39). Потоа, повторно се помолил со зборовите: „Оче Мој, ако не може да Ме одмине оваа чаша, да не ја пијам, нека биде Твојата волја" (Мт. 26, 42).


Чашата за која зборува Христос е Неговото спасоносно страдање и смртта на крстот. Неговиот крст е единствен крст. Тој крст, само Тој бил повикан да го носи. Како човек Тој имал слобода на избор пред тој крст или пред таа чаша. Тој можел да го прими, но можел и да го отфрли. Неговата човечка волја можела да одлучи. Но, во крајна мера се потенцира волјата на Неговиот Отец, која Нему Му е позната. На крај, Тој ја прима на Себе волјата на Отецот и ја соединува Својата волја со волјата на Отецот и го прима крстот, односно страдањето. Ние тука гледаме дека крстот на Христос нѐ повикува да го носиме целокупното наше битие во согласност со волјата Божја. Тоа е нашиот животен пат, што Бог сака да го избереме. Патот кој сме повикани слободно да го избереме го остваруваме на тој начин што ја соединуваме нашата волја со волјата на Отецот и на Господа Исуса Христа. Се поставува прашањето: Каква е Божјата волја за нас и како ние да ја познаеме? Ова прашање постојано стои пред нас и потребно е да чувствуваме дека Бог постојано е пред нас во една или друга форма. И не е едноставно да се одговори на ова прашање. Ако некој ви каже дека лесно ја разбира волјата Божја – не верувајте му, зашто тој се прелагал. Да се знае волјата Божја за нас значи да се има ум Христов. Тоа значи да се разбере светот, да се знаат многу тајни, кои само Бог ги знае во Христа. Тоа познавање на целата полнота не припаѓа на секого од нас, туку само на избраните, облагородените и осветените. Но, ние не сме сосема лишени од сознание. Понекогаш ние можеме да чувствуваме определена увереност во дадена конкретна состојба. Ние знаеме или во крајна мера сме блиску до сознанието што сака Господ за нас. Во таков случај ние гледаме дека патот што Господ го подготвил за нас го подразбира нашето крстоносење. Тоа означува таков степен на разбирање, што нашата волја се разликува од волјата Божја, на тој начин што ние не сакаме да ја пиеме чашата што ни ја предлага Отецот небесен. Но, одеднаш доброволно и со слободна волја донесуваме решение да пиеме од неа, не гледајќи на сѐ што ќе ни се случува со целото наше битие.


Но, Господ Исус Христос укажува и вели: „Кој сака да оди по Мене нека се одрече од себе" (Мк. 8, 34). Што значи тоа да се откажеме од себе? Дали тоа е откажување од нашата вистинска личност? Ние знаеме дека сме создадени по образот Божји и не можеме да се одречеме од таа личност без да го разрушиме нашето сродство со Создателот. Но, од што сме повикани да се откажеме? Тоа е лажниот образ кој самите сме го создале или другите го создале за нас. Тоа е она од кое сме повикани да се откажеме, а не од образот Божји кој постои во длабочината на нашето суштество. Образот кој е создаден од нас или од другите е површен. Тој не е внатрешно длабоко во човекот и не е создаден од Бога.


Да се откажеме од себе и да Го следиме Христа значи да го најдеме во длабочината на структурата на нашиот живот нашето сопствено суштествување и да го примиме како дар од Бога. Тоа е длабока структура која ја искажува волјата Божја за нас. Тоа е всушност нашиот крст кој постои во нашиот живот и во нашите души. Од што се откажуваме кога ќе го најдеме тој крст во себе? Нам ни е дадена можност да го оставиме лажниот образ што сме го создале сами и да го најдеме образот создаден од Бога. Нам ни е дадена можност правилно да го разбереме носењето на својот крст. Нашиот живот да го измениме и да го прилагодиме според замислата Божја за нас.


Следењето на Христа значи да се осознае волјата Божја, односно со нашиот живот да го посведочиме богоподобието. Да се биде подобен, значи да се знае дека се дава и жртвува онака како што Бог жртвува слободно и безгранично. Тоа значи дека човекот треба да проштева и да биде готов во секој момент да помогне на секого. Да биде подготвен да проштева како што Бог проштева. Затоа сериозно да ги примиме овие Христови зборови. Да се запрашаме себеси што е крстот и каде е крстот кој како христијани сме повикани да го носиме. Да ги употребиме духовните сили што ни ги дал Господ за да го земеме својот крст. Тој ќе биде неразделен од нас во видливиот свет и во секојдневниот живот, како и во длабочините на нашето битисување. Ако го носиме со вера и надеж во Бога, тој ќе биде лесен и Христов крст. Тој ќе го понесе заедно со нас. Амин!

Крстовден
Манастир „Свети Георгиј Победоносец", Рајчица
27.09.2022 г.

 

krstovden-2022-022krstovden-2022-024krstovden-2022-025krstovden-2022-027krstovden-2022-028krstovden-2022-029krstovden-2022-030krstovden-2022-031krstovden-2022-032krstovden-2022-033krstovden-2022-034krstovden-2022-035krstovden-2022-036krstovden-2022-037krstovden-2022-039krstovden-2022-041krstovden-2022-042krstovden-2022-044krstovden-2022-046krstovden-2022-047krstovden-2022-048krstovden-2022-049krstovden-2022-050krstovden-2022-051krstovden-2022-053krstovden-2022-054krstovden-2022-055krstovden-2022-056krstovden-2022-058krstovden-2022-059krstovden-2022-060krstovden-2022-061krstovden-2022-062krstovden-2022-063krstovden-2022-064krstovden-2022-065krstovden-2022-066krstovden-2022-067krstovden-2022-070krstovden-2022-071krstovden-2022-073krstovden-2022-075krstovden-2022-076krstovden-2022-077krstovden-2022-079krstovden-2022-082krstovden-2022-083krstovden-2022-084krstovden-2022-089krstovden-2022-090 

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Март 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
23 24 25 26 27 28 1
2 3 4 5 6 7 8
9 10 11 12 13 14 15
16 17 18 19 20 21 22
23 24 25 26 27 28 29
30 31 1 2 3 4 5