На 12.10.2014 година, во Осумнаесеттата недела по Педесетница, и на празникот на преподобниот Киријак Отшелник и на светиот Теофан Милостив, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на протоереј Митре Попоски, свештениците Никола Христоски, Ристе Наумоски и Љупчо Бакрачески и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски, изврши осветување на новиот храм „Св. Козма и Дамјан" („Св. Врачи") во с. Враништа, Струшко. Храмот започна да се гради во 20009 година, а ктитор на истиот е Новко Плаќаноски од с. Драслајца, Струга. Изградбата беше помогната и со донациите на локалното население и од сите верници од пошироката околина. Откако храмот беше осветен, веднаш беше отслужена света архиерејска Литургија, на која Митрополитот Тимотеј се обрати кон мноштвото верни со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме.

trace affiliate link | New Releases Nike

Митрополит Тимотеј

Во името на Отецот, Синот и Св. Дух!
Драги браќа и сестри!

Уште на нашите прародители Адам и Ева, после сторениот престап за кој биле истерани од рајот, им било наложено со пот и мака да го заработуваат својот леб. Оваа заповед Божја го следи севкупниот човечки род до денес. Кај најголем дел од луѓето, од раѓањето па сè до смртта, постои борба за спечалување на поголемо богатство. Многумина се трудат да спечалат за одржување на нивниот живот и на нивните семејства, односно онолку колку што е неопходно за опстојување во овој свет. Но, има и такви кои што се трудат да создадат имот и богатства и за своите деца, па дури и за своите внуци. Затоа постои една народна поговорка која вели: „Никој не е среќен и задоволен во овој свет". Се поставува прашањето: која е причината за сето тоа? Одговорот на ова го наоѓаме во денешното свето Евангелие кое го слушнавме на светата Литургија.

Еднаш, нашиот Спасител, Господ Исус Христос, проповедал на брегот на Генисаретското езеро и откако влегол во коработ, му рекол на апостол Петар: „Заплови во подлабокото и фрлете ги мрежите свои за лов! Но, Симон му одговори и рече: Наставниче цела ноќ се трудевме и ништо не уловивме, но поради Твојот збор ќе ја фрлам мрежата" (Лк. 5, 4-5). Пленот бил толку голем што рибарите без помош на останатите рибари не можеле да ги извлечат мрежите.

Христос проповеда на брегот на езерото на собраниот народ. Рибарите, пак, преокупирани со своите секојдневни маки, напразно се труделе цела ноќ да уловат риби, но, без успех. Сега, повторно ги подготвуваат мрежите за одново да пробаат. Ним целиот живот им поминува во мака, тага, грижа за да спечалат нешто за одржување на животот, како на својот, така и на нивните семејства. Животот е тежок и горчлив. Но, особено е тежок животот на рибарите, бидејќи потребна е борба со силни ветрови, бранови и бури. Рибарите се надеваат на своето знаење стекнато од искуството, како и на нивната вештина; но, сето тоа е залудно: ловот е мал и од него едвај се живее.

Во секоја работа и пред секое започнување на одредено дело, човекот треба да се надева на Божјата помош. На рибарите токму тоа им недостасувало. Со Божјата помош и благослов, Симон Петар ги фрла мрежите и се случува чудо. Успехот бил над сите човечки очекувања.

Напразно е секој човечки труд без Божји благослов. Без вера и надеж во Бога, и барање на Неговата помош, човекот нека не се надева на успех. Ништо не се случува без Неговата света волја. Псалмопеачот Давид тоа многу добро го согледал и сфатил па затоа вели: "Ако Господ не ја изѕида куќата, залудно ќе се трудат градителите нејзини; ако Господ не го запази градот, залудно ќе бдее стражата" (Пс. 126, 1). Тоа значи дека сè што се ѕида со вера во Бога и се темели на Божјата вистина и правда успешно ќе се соѕида и ќе остане трајно, бидејќи е соѕидано на цврста и стабилна подлога. Црквата Христова е подигната на цврст темел и неа не можат да ја надвладеат адските пакости.

Првите три века од нашата ера незнабожечките цареви безмилосно ја гонеа Христовата Црква. Членовите на Црквата ги мачеа, затвораа и убиваа. Тоа мало стадо Христово постана големо. Христијанството со Божјата благодат се прошири по целиот свет. Но, да се запрашаме каде е славата, власта и неизмерното земно богатство на гонителите на Црквата? Нивните дворци лежат во правот на заборавот, додека пак пештерите и катакомбите каде христијаните се собирале и се молеле, скриени и засолнети од гонителите, и денеска се живи сведоци за силата на Христа и на Божјата благодат. Но, исто така, сведочат и за лошите дела на безбожните цареви.

Каде е силата и величината на римската империја? Каде е Наполеоновото царство и царствата на останатите земји завојувачи? Каде се тие царства кои се подигнати на основа на човечката суета, на рушење на послабите и солзи на немоќните и мали луѓе? Сето тоа денес е само прав и пепел. Само понекаде во некој музеј ќе се најде по некој елемент за да сведочи за овие суети на овие злочинци и освојувачи. Од историјата на светот знаеме дека пропаднале многу силни земни царства. Христовото, пак, Царство и неговите дворци - храмовите и манастирите, опстојуваат со Божјата помош пред забот на времето и пред сите искушенија во овој свет. Стојат како живи сведоци дека она што се ѕида со Божја помош и благослов е вечно и непропадливо.

Ние денеска се собравме во овој новоизграден и новоосветен храм посветен на светите бесребреници Козма и Дамјан. Овие двајца браќа ја посведочиле својата вера во Христа со тоа што ги положиле нивните животи за верата и учењето на Црквата. Лекарствата што ги давале преку разните лековити билки, а со силна вера и надеж во Божјата помош, помагале на секој што им се обраќал и ја барал нивната помош. Таа силна и непоколеблива вера во Бога им давала сила да можат да прават безброј чуда и да го проповедаат Евангелието Христово. Затоа Бог и нив ги прославил, па нивното име да се слави многу векови. Токму овој храм подигнат во нивна чест ќе сведочи за силата, тврдината и непоколебливоста на Христовата Црква, која опстојува повеќе од две илјади години. Таа ги преживеала сите бури и страдања, проповедајќи го спасителното слово на христијаните.

Ја користам оваа прилика, на црковниот одбор, како и на сите донатори, помагачи и приложници, да им искажам искрена благодарност за вложениот труд и средства во изградбата на овој свет храм. Светиот храм, пак, нека биде место за молитва, место за миење на нашите души и срца од секакви нечистотии, за да можеме измиени и очистени да се соединиме со Христа и да спечалиме вечен и блажен живот сега и во сета вечност. Амин!

12.10.2014 година
Осумнаесетта недела по Педесетница
храм „Свети Врачи", с. Враништа

vrankoz2014

vrankoz2014 2

vrankoz2014 4

vrankoz2014 6

vrankoz2014 8

vrankoz2014 10

vrankoz2014 12

vrankoz2014 14

vrankoz2014 16

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Мај 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
27 28 29 30 1 2 3
4 5 6 7 8 9 10
11 12 13 14 15 16 17
18 19 20 21 22 23 24
25 26 27 28 29 30 31