На 09.03.2011 година, во првата среда од Великиот пост, во храмот „Св. Богородица – Каменско“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија на предосветени дарови. На Литургијата чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на архимандрит Нектариј (Најдоски), свештеник Димче Азески и ѓакон Николче Ѓурѓиноски. На литургијата присуствуваше многуброен народ, а на многумина од нив, кои држеле тридневен пост од секаква храна и пиење (тримир), им беше дадена света вода – агиазмо. По завршувањето на Литургијата беше извршена групна исповед на свештенството од нашата епархија и беше одржан состанок на кој се разгледуваа повеќе прашања и проблеми. Митрополитот Тимотеј пред присутните верници се обрати со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме:
latest Running | Asics Onitsuka Tiger
Во името на Отецот и Синот и Св. Дух!
Драги браќа и сестри!
Со милоста Божја го започнавме и големиот Велигденски пост. Светата црква за време на светата четириесетницa ни предлага подвиг, но истовремено и помош за нашиот пост да биде плодороден. Ние, овие денови во оваа Прва седмица, го слушавме покајниот канон на преподобниот Андреј Критски. Сето тоа што црквата го прави не е случајно. Сето она што светата Црква ни го предлага, тоа нас нè поттикнува, нè инспирира и нè води кон спасение.
Во наше време често пати може да се слушне дека постот нема некое посебно значение, туку дека тоа е симболично јавување. Но, Господ вели поинаку: „На тој камен ќе ја изградам Црквата Своја, и вратите на пеколот нема да ја надвладеат“ (Мт. 16, 18). Црквата е столб и тврдина на Вистината. Таа ни го предлага постот и токму заради тоа појавата на постот заради нас е многу важна.
Самиот збор пост се употребува во разни јазици со различни значења. Кога човек ќе добие некоја задача, тој си поставува свој пост согласно својата должност. Тоа можат да бидат обврски во војската, во одбраната, во медицината и слично. Тогаш тој е должен ништо да не работи по своја волја, туку да го исполнува законот и прописот на одредената задача. Доколку тој го нарушува законот и уставот, тогаш настапува безредие и пропаст на таа установа. Светата Црква ни го пропишува постот и ние сме должни да го слушаме нејзиниот устав, зашто Црквата нè води од земјата на небото. Бог е глава на црквата, а Светиот Дух ги води луѓето во Царството Небесно.
Ние овие два дена го слушавме канонот на свети Андреј Критски кој нè потсетува на севкупната историја на гревопаѓањето на луѓето, почнувајќи од праотецот наш Адам кој според својата непослушност го нарушил законот Божји и бил оттргнат од можноста да општи со Бога и го изгубил своето ангелско достоинство. Но, заради нашето поучување ни се даваат и примери на праведниците, на Авраама и Ноја и пророкот Мојсеј. Подржувајќи ги праотците од Стариот завет ние сме должни да бидеме внимателни во односот кон Бога. Во канонот на свети Андреј Критски можеме да видиме дека луѓето по својата невнимателност го нарушиле законот и погрешиле. Само кога Израилскиот народ бил ревносен во исполнување на законот Божји, само тогаш бил хранет од Бога, а кога го нарушувал законот Божји тој трпел многу мака, беда и страдања. Нешто слично ние гледаме во Новозаветната црква, односно кога луѓето по своја негрижа отпаѓале од Бога тогаш тие паѓале во тешки престапи и гревови. Ако ние со вас го анализираме целокупниот наш живот од почетокот на нашето создание и внимателно се преанализираме: сите свои дела, постапки, зборови, помисли, однос кон Бога и кон ближните, тогаш ние ќе се измориме од спомени и соединувајќи се со нив.
Тоа сознание за гревот е неопходно за нас. Тоа значи дека нашиот пост поминува правилно и дека ние со него ќе добиеме плодови за време на овој пост. Имено, тоа сознание ни е неопходно кога ние стоиме пред Бога и си спомнуваме за севкупното наше минато. Неопходно е нашата совест да пресуди во нас и да ја оддели во нашата душа правдата од неправдата. И многу често се случува правдата во нашиот живот повеќе да не ја наоѓаме, а наоѓаме многу често горка невистина, зло и различни пороци. Но, потребно е да се трудиме и колку е можно поусрдно во овие дни на Великиот пост да пристапуваме со каење и со осознавање на нашите престапи и гревови. Само тоа е спас за нас. Ако човек е обвинет за престапи доаѓа кај земниот судија и прима оправдание докажувајќи ја својата невиност, а кога доаѓа пред Бога човек прима простување и оправдување само тогаш кога тој во сè се покорува, осознавајќи ја и признавајќи ја и својата најмала вина и најмало грешно дело, па дури и гревовни чувства и мисли. И колку подлабоко проникнеме во својата душа, толку повеќе ќе бидеме оправдани од нашиот Спасител Господ Исус Христос.
Со внимателност да се трудиме да ги поминеме овие денови на постот и со помош Божја да го дочекаме и светлосниот и радосниот празник на Христовото воскресение. Доколку овој пост ни изгледа многу строг и тежок, а е препишан од страна на Црквата, тогаш драги верници обратете се за совет до вашите свештеници и разрешете ги сите нејаснотии. Затоа и Господ ги поставил пастирите преку кои Он раководи со својата црква.
Благодатта Божја нека биде секогаш со вас. Амин!
Митрополит Тимотеј
Прва среда од Великиот пост
09.03.2011 година, храм „Св. Богородица-Каменско“ Охрид