„Огледало Божјо си бил, Григорие, оти она што е по образ Божји си го сочувал, откако умот за господар на телесните страсти си го поставил, а и она што е по подобие си го примил. Поради тоа си бил и дом на Света Троица“ (песна од канонот на Втора недела од Великиот пост).

Светата православна Црква ги посветила сите недели од Великиот пост на некој голем настан, кој бил од големо значење за верниците, или, пак, на некој од големите богослови и подвижници, кои се покажале вистински Божји луѓе и служители на божествените тајни. Оваа Втора недела од Великиот пост му е посветена на великиот богослов свети Григориј Палама, кој ја победи Варлаамовата гордост, побивајќи го неговото погрешно учење.

Во оваа Втора недела од Великиот пост, на 08.03.2015 година, во капелата посветена на светиот Григориј Палама, во манастирот „Св. вмч. Георгиј“ во Рајчица, Дебар, беше отслужена света архиерејска Василиева Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Партениј, свештеникот Никола Христоски, еромонасите Доситеј, Макариј, Еразмо и Ефросиниј, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ероѓаконите Порфириј и Силуан. По завршувањето на Литургијата, беше осветено коливото, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон верните со пригодна беседа, која во целост ви ја пренесуваме.

 

Best Nike Sneakers | New Releases Nike

Митрополит Тимотеј

Во името на Отецот и Синот и Св. Дух. Амин!
Драги браќа и сестри!

Човекот е создаден да Го слави и да Го прославува својот Создател, односно Бога. Но, поради престапот на нашите прародители, ја изгубил таа благодатна состојба и е истеран од рајот. На човекот наложено му е со пот и со мака да го заработува својот леб. Но, милостивиот Бог се смилува и повторно му даде можност на човечкиот род да си ја поврати првобитната благодатна состојба, состојба која ќе ја здобие преку прославувањето и величањето на својот Создател. За тоа се потребни труд, пост, молитва и подвизи. А како најдобар период, токму за овие подвизи, е Големиот, односно Велигденскиот пост.

И нашиот Спасител, Господ Исус Христос, пред да го започне извршувањето на искупителното дело, се повлекол 40 дена во пустината во пост и молитва. Најпрво го победил искушувачот, кој се обидувал на најразлични начини да Го прелаже и да Го натера да отстапи од извршување на искупителното дело. Како што знаеме од светото Евангелие, искушувајќи Го Господа Христа, демонот:    „... Го одведе на една висока планина и Му ги покажа за миг сите царства во светот. И Му рече ѓаволот: ’Тебе ќе Ти ја дадам сета оваа власт и нивната слава, зашто мене ми е предадена, и ја давам кому што сакам. Ако Ти ми се поклониш, сето тоа ќе биде Твое‘. Но Исус му одговори и рече: ’Бегај од Мене, сатано, зашто напишано е: На Господа, твојот Бог, поклонувај Му се и единствено Нему служи Му!‘ “ (Лука 4, 5 – 8).

Наоѓајќи се во постот на светата Четириесетница, треба да нагласиме дека светата Црква најмногу внимание посветува на спасението на човековата душа. Самиот Господ Исус Христос доаѓа во овој свет, прима човечко тело, живее со нас, јаде и пие, лекува, а на крај и пострадува. Преку тоа, нè учи дека ние, како христијани, сме должни да го негуваме и телото и неговите потреби. Но, во никој случај да не даваме предност на телото пред душата. Човекот е создаден како психосоматско битие, па затоа човекот е должен да се грижи и за двете, и за душата и за телото. За да го постигнеме спасението, потребни ни се и облеки, и храна, и пиење, и куќа и многу други нешта, но, вечното спасение е попотребно и без него сето останато е ништо. Оној којшто има спасение, тој има сè. А кој нема спасение, тој нема ништо. „Зашто, каква полза е за човек ако го придобие целиот свет, а на душата своја и напакости?“ (Мат. 16, 26).

Пример, којшто нè поучува, а и нè повикува кон оваа цел, како Христови верници и следбеници, е и св. Григориј Палама, на кого светата Црква му ја посветува оваа Втора недела од Великиот пост.

Овој Божји угодник е роден во Цариград и потекнува од високо благородничко семејство. Неговиот татко, на крајот на 13 и почеток на 14 век, бил сенатор и влијателен човек на византискиот двор. Св. Григориј ги изучил сите можни високи школи од тоа време. Уште од својата младост не го привлекувала световната служба и слава на византискиот двор, каде што сите, по некој природен тек, го очекувале. Откако ги завршил овие високи школи, се повлекол на Св. Гора, каде што со пост, молитва и во молчание се подвизувал и ја очистувал својата душа. Растејќи на духовен план, тој  постанал општо познат, како голем мислител и молитвеник.

Во тоа време ќе се појави едно погрешно еретичко учење, кое ќе го проповеда и ќе го учи еден калабриски монах Варлаам. Тој учел погрешно, дека не постои нетварна светлина, туку дека тоа е повеќе некоја си халуцинација на одредени луѓе. Луѓе кои не се доволно просветени и на кои такво нешто им се причинува. Тогаш, св. Григориј Палама, и покрај тоа што бил на Св. Гора, се јавува со своето учење и со своите пишани трудови, каде што го побива ова погрешно еретичко учење, проповедано од Варлаам и од други. Некои, пак, од оние што погрешно учеле, биле и учители на св. Григориј.

Св. Григориј експлицитно објаснува дека постои и може да се доживее нетварната светлина, истата онаа  којашто ја виделе апостолите Петар, Јаков и Јован, за време на Христовото Преображение. Но, за да се доживее и истата да се види, возможно им е само на луѓе кои се длабоко проникнати во мистиката и во созерцанието на Бога. Луѓе кои се со очистени срца и души, и телесно и душевно. Само тие ќе можат да ја доживеат и да ја видат таа нетварна светлина. Не можат да ја видат оние коишто сакаат само на интелектуален начин да ја доживеат. Не се духовно просветлени, очистени и облагодетени, а сакаат без подвиг, пост и молитва да ја доживеат и видат. За таквите ова е недостапна светлина, како што е недостапна и за нас, коишто сме оптоварени со земни страсти и кои сме духовно непросветлени и неосветлени.

Наоѓајќи се и ние во време на овој Велигденски пост, да се поучиме од животот, од подвизите и од делата на овој голем свет учител на светата православна Црква, од предводникот и од учителот на исихазмот, односно на тихувањето. Та и ние преку пост, молитва и созерцание за духовните нешта, да се обидеме да ги очистиме нашите срца и души од секакви овоземни нешта, кои нè привлекуваат кон минливи и времени вредности. Да ги насочиме нашиот ум, нашата мисла и нашите дела кон повозвишени цели. Да ги насочиме кон светост, кон правда, кон љубов и кон правење на добри дела. Па да можеме и ние да се доближиме до таа нетварна светлина и така да спечалиме вечен и блажен живот за нашите души сега и во сета вечност.

По молитвите на св. Григориј Палама, Бог нека ги услиша нашите молитви, така нека биде. Амин!

Втора недела од Великиот пост - Недела на св. Григориј Палама
08. 03. 2015 год.
Манастир „Св. вмч. Георгиј“ - Рајчица

nednasvgrigpal2015

nednasvgrigpal2015 2

nednasvgrigpal2015 4

nednasvgrigpal2015 6

nednasvgrigpal2015 8

nednasvgrigpal2015 10

nednasvgrigpal2015 12

nednasvgrigpal2015 14

nednasvgrigpal2015 16

nednasvgrigpal2015 18

nednasvgrigpal2015 20

nednasvgrigpal2015 22

nednasvgrigpal2015 24

nednasvgrigpal2015 26

nednasvgrigpal2015 28

nednasvgrigpal2015 30

nednasvgrigpal2015 32

nednasvgrigpal2015 34

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Јули 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
29 30 1 2 3 4 5
6 7 8 9 10 11 12
13 14 15 16 17 18 19
20 21 22 23 24 25 26
27 28 29 30 31 1 2