„Христе Боже, Кој на крстот се прикова со разбојници и со Твојата рана природата човечка ја исцли, не презирај ме мене, кој паднав во рацете на духовни друмски разбојници, и кој сум соблечен од нив од добродетели и сум тешко ранет. Ниту еден од преподобните не можеше да ме исцели, зашто сум полу мртов. Бидејќи остатокот од животот ми е многу краток, надеж имам само во Тебе, Кој им даваш живот на мртвите. Но, раните превиткај ми ги со Твојата добрина, единствен Човекољупче“ (стихира на стиховни на Утрена во Петок од петтата седмица од Великиот пост).
На 27.03.2015 година, во Петокот од петтата седмица од Великиот пост и на празникот на преподобниот Бенедикт Нурсиски, како и по повод именденот на монахот Бенедикт, старешина на манастирот „Пресвета Богородица“ во с. Г. Манастирец, Македонски Брод, беше отслужена света архиерејска Литургија на претходноосветени дарови, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на свештеникот Никола Христоски и еромонахот Ефросиниј. По завршувањето на Литургијата, беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниот народ со пригодна беседа, која во целост ви ја пренесуваме.
Running sports | NIKE HOMME
Митрополит Тимотеј
Во името на Отецот и Синот и Св. Дух!
Драги браќа и сестри!
Се наоѓаме во петтата недела од Великиот пост. Во овој временски период, одреден за пост, светата Црква, особено, нè повикува да посветиме поголемо внимание на нашето спасение. Како што знаеме, човекот е составен од тело, но, исто така и од душа. Затоа, човекот е најсовршеното создание, коешто е создадено од нашиот Семилостив Бог. Но, исто така, како совршено битие, човекот има обврска да се грижи и да се труди подеднакво и за телото, но уште повеќе, и за својата бесмртна душа. Ние се грижиме, и со право се трудиме, нашето тело да го одржуваме во пристојна состојба, здраво, облечено и нахрането. Сето тоа е добро а и полезно. Но, исто така, имаме обврска да ја негуваме, да ја храниме и да ја чистиме и нашата бесмртна душа. Душата којашто обитава во нашето тело, како што вели св. ап. Павле.
Светата Црква, преку светите отци, посветува огромно значење, и можеби најголемо, токму на ова прашање, а тоа е, спасението на човековата душа. И Самиот Господ Исус Христос, во светото Евангелие, ја истакнува важноста и големината на човечката душа кога вели: „Зашто, каква полза е за човек ако го придобие целиот свет, а на душата своја $ напакости?" (Мат. 16, 26).
Уште во III век, одделни ревносни христијани, ќе почнат да му посветуваат посебно внимание на спасението на нивните души. Тогаш, ќе се појави монаштвото, и тоа во два вида, општожитејно и еремитско. Кога бројот на монасите многу ќе се умножи, монаштвото ќе добие и правни регулативи. Односно, како да се раководат монасите и како да живеат. Во тој поглед, особено се важни трудот и делата на св. Василиј Велики. Тој, во IV век, ќе напише монашки правила. Овие правила, светата Православна црква и денеска, во главно, ги почитува и ги практикува во монашките заедници, со некои дополнувања и одредени спецификации од еден до друг манастир. Како на Исток, така, монашкиот живот, се развивал и на Запад.
Денеска, светата Црква го прославува св. Бенедикт Нурсиски. Роден, од богати родители, во Централна Италија во 480 година, во денешниот град Норча, во регионот Умбрија. Уште како млад, го почувствувал Божјиот повик. Почувствувал дека треба својот живот да Го посвети на Бога. Се повлекол во една пештера во непосредна близина на сегашниот град Субиако, шеесетина километри источно од Рим. Откако бил замонашен од некој монах, се подвизувал во строг испоснички живот. Монахот, којшто го замонашил, се грижел за него, носејќи му ја неопходната храна во пештерата. Овој млад човек, со својот испоснички и подвижнички живот, се прочул многу брзо. Формирал 12 манастири, со по 12 браќа во секој еден од нив. Својот живот го завршил во средината на VI век во манастирот Монтекасино, на југот од регионот Лацио, во Средна Италија. Манастир, којшто и денес постои и кој бил основан од него.
Св. Бенедикт за неговите следбеници и браќа монаси го зел за мото Ora et labora, односно молитва и работа. Тој напишал монашко правило за неговата заедница. Во Западната црква и денес постои монашки ред, кој го следи тоа правило и тие монаси се нарекуваат бенедиктинци.
Но, да се задржиме на мотото на овој Божји угодник, молитва и работа. Монашкиот позив, и изборот за ревносно служење на Бога, не значи дека треба да го презреме овој свет и грижата за нашето опстојување. Туку, напротив, потребно е да се трудиме, преку пот да го заработуваме лебот и да го негуваме и одржуваме садот на Светиот Дух. Но, исто така, мотото не ја запоставува ниту бесмртната душа. Затоа советува молитва, бидејќи, пак, молитвата, постот, бдението, богослужението и созерцанието се духовна храна за бесмртната душа. И кога ќе се направи една разборита урамнотеженост помеѓу работа и молитва, не само монахот, туку и секој верник, и секој што е крстен, може да оди по патот кој води кон спасението. А тоа, пак, на сите христијани, ни е зададената цел.
Прославувајќи го денеска овој Божји угодник, да се обратиме со искрена молитва кон светата мајка Божја, на којашто $ е посветен овој свет манастир, како и на св. Бенедикт, чијшто спомен го прославуваме, тие да бидат наши молитвеници пред Севишниот Господ Исус Христос. Та Он, да ни го просвети умот, па и ние, како чеда на светата Црква, да го примиме со искреност мотото молитва и работа. И со цврсто убедување, и не само да ја научиме умствено, туку да ја измолиме Божјата благодат, за да можеме и да ја практикуваме, да живееме и да правиме добри дела. И така да се надеваме на Божјата милост и да спечалиме вечен и блажен живот.
Ја користам оваа прилика, од името на браќата свештенослужители, како и од вас овде присутните верници, на старешината на овој свет манастир, отецот Бенедикт, да му го честитаме именденот. Да му посакаме крепко физичко здравје, па да може да го практикува и да го остварува мотото на неговиот покровител молитва и работа, та уште повеќе духовно да се утврди, и да продолжи како добар домаќин во градење, возобновување и утврдување на овој свет манастир. Уште еднаш му посакуваме секое добро од мајката Божја и од св. Бенедикт. Амин!
Св. Бенедикт Нурсиски
27. 03. 2015
Ман. „Пресвета Богородица" – с. Манастирец, Бродско