„Агницата Христова и ќерка, со песни да ја прославиме сега, Марија вечно споменуваната, која се покажа како египетска овца, и сета нивна прелест ја избегна, и како единствен совршен цвет на Црквата се принесе, со воздржување и молитва над мерата на човечката природа. Затоа единствениот Седржител ги возвиси и животот и делата на Марија преславната“ (икос на Утрена на Петта недела од Великиот пост).

 

На 29.03.2015 година, во Петтата недела од Великиот пост, посветена на преподобната Марија Египетска, во храмот „Св. Никола Геракомија“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Василиева Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, свештениците Никола Христоски, Љупчо Симиџиески, Владо Недески и Љупчо Бакрачески и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верните со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме.

Asics footwear | BAPE adidas Superstar Green Camo GZ8981 Release Date - SBD

 

Митрополит Тимотеј

 

Во името на Отецот и Синот и Св. Дух. Амин!
Драги браќа и сестри!

 

Нашите прародители беа создадени и поставени во рајската градина да господарат со неа, и со сè она што беше од Бога создадено. Но, поради нивната непослушност кон својот Создател, ја изгубија таа благодатна состојба и беа истерани од Едемот. Покрај тоа што беа истерани, тие платија за нивниот грев со смрт, бидејќи „плата за гревот е смртта" (Рим. 6, 23).

 

Бог, на најразлични начини се обидуваше во долгата историја, да го врати човечкиот род на правиот, вистинскиот пат. На патот за којшто беа создадени нашите прародители. Поради тоа им испраќаше праведници, пророци, учители и цареви, коишто со нивните зборови, поуки и живот, укажуваа на погрешните патишта и бараа човештвото да го отфрли гревот. Бараа да се врати на вистинските вредности, но, за жал, човечкиот род се повеќе тонеше во беззаконија и се оддалечуваше од Божјата правда и од Самиот Бог. Во еден временски период гревот толку многу се намножи, што Бог испрати потоп и го уништи најголемиот дел од човечкиот род. Човечкиот род, пак, го продолжи и го сочува преку праведниот Ное, којшто беше зачуван преку прочуениот Ноев ковчег. Во Новиот Завет, овој Ноев ковчег ја симболизира Христовата црква. Ковчег кој нè носи по разбрануваното житејно море. 

 

Кога се исполни времето, и кога никакви поинакви средства не помагаа да се спаси човечкиот род, Бог Го испрати Својот Единороден Син, Господ Исус Христос. Оној, Кој прими тело преку св. Дева Марија, и беше сличен на нас луѓето во сè, освен во гревот. Он, поживеа во овој свет, учеше, проповедаше, правеше безброј чуда и на крај се жртвуваше и Себеси. Беше распнат на Голгота и го искупи целиот човечки род од вечната смрт. Он, со Својата пречиста Крв и со Своето пречисто Тело, даде откуп за севкупниот човечки род.  

 

Господ Христос, ја основа Својата света Црква и во неа востанови свети тајни и молитвословија, кои, пак, им се даваат на христијаните за спасение и за вечен живот. И покрај тоа што Господ Исус Христос, направи сè што е неопходно за нашето спасение, ние, луѓето, не се спасуваме по автоматизам, со самото тоа што сме крстени и што се нарекуваме православни христијани. Бог од нас бара активност, труд, искажување на нашата слободна волја, и да покажеме дека навистина сакаме и се трудиме да бидеме спасени. Бог повторно ја отвори рајската градина. Па сите што веруваат и живеат според законот Божји, да си ја вратат првобитната состојба. Односно, состојбата којашто ја имале нашите прародители пред падот. Но, Бог не ги отстрани чуварите, односно ангелите коишто ги постави на рајските порти, и коишто постојано стражарат и пазат, недостојни и неправедни души да не можат да влезат во Едемската градина.  

 

Наоѓајќи се во последната недела од Великиот пост, светата Црква, како грижлива мајка којашто се труди да ги изведе на вистинскиот пат своите чеда, ни изнесува примери кои можат да ни послужат за исправување на нашиот живот. Господ е Многумилостив и Човекољубив. Он е милостив Татко Кој е подготвен во секое време, Своите чеда да ги прегрне, да им прости и да ги награди како најсакани Свои рожби, бидејќи „Бог е љубов" (1. Јован 4, 8). Но, Бог, исто така ја почитува и нашата слободна волја. Затоа, Он никого, по автоматизам, ниту осудува ниту, пак, спасува. Секој еден од нас е кројач на својата судбина. Нема грев и престап, злочин и какво било друго прегрешение, коешто човекот може да го направи а Бог не може и нема да го прости. Но, само доколку за истите, човек искрено и вистински се кае и бара прошка за тоа што го сторил. 

 

Историјата на светата Православна црква изобилува со многу примери, особено во житијата на светиите, како големи грешници се покајале, биле помилувани, спасени и прославени. И оваа недела, која е посветена на св. Марија Египетска, нè поучува и нè охрабрува, нас, луѓе од крв и месо, коишто сме сите грешници, да се угледаме на неа. Да се угледаме на нејзината храброст и одлучност да ги отфрли сите сласти на овој свет, со коишто долго време се задоволувала. Знаеме дека таа била блудница, но, откако Го засакала Христа и светата Црква, поминала 40 години во пост и молитва во Јорданската пустина. И уште додека била жива во овој свет, била облагодатена со Божјата сила, и едноставно не одела на земјата туку лебдела над жешкиот песок. Измиена од секој грев, ја предала својата душа на Бога, а нејзиното тело, пак, е најдено после една година, нераспаднато во Јорданската пустина.

 

Преку овој пример, нашата св. Црква, нè повикува да го исползуваме овој временски период за покајание, пост и молитва. Да ги отсечеме сите наши слабости, страсти, гревови и престапи. Да ги засакаме правдата, милосрдието, љубовта и да правиме добри дела. Па така, и ние да се очистиме од сите наши престапи и достоинствено да се соединиме со Господа Бога во светата Евхаристија. А таа, пак, нека ни послужи за наше спасение и вечен живот, сега и во сета вечност. Амин!

 

 

Петта недела од Велигденскиот пост, посветена на св. Марија Египетска
29.03.2015
храм „Св. Никола Геракомија" - Охрид

 

pettanedvp2015 1

pettanedvp2015 2

pettanedvp2015 3

pettanedvp2015 4

pettanedvp2015 5

pettanedvp2015 6

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Јули 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
29 30 1 2 3 4 5
6 7 8 9 10 11 12
13 14 15 16 17 18 19
20 21 22 23 24 25 26
27 28 29 30 31 1 2