„Сионе, Царот Твој Христос влегува во тебе, седнат на младо осле, за да ја разруши безумната измама идолска и да ги запре невоздржаните стремежи на сите народи, за да пеат: Сите дела (Господови), пејте Му на Господа“ (песна од Канонот на Утрена на Цветници).

 

Денеска Логосот Божји, седнат на бесловесно осле, доаѓа да ги ослободи луѓето од бесловесноста. Откако го воскресна четиридневниот Лазар од мртвите, доаѓа во Ерусалим на добороволно страдање, а дечињата го поздравуваа, викајќи: Осана на Синот Давидов; благословен е Кој доаѓа во името Господово, Царот Израилев. На тој начин, овие најмали, но и најчисти души, ја најавуваа Христовата победа над смртта. 

 

На 05.04.2015 година, на празникот Цветници, во манастирот „Пресвета Богородица - Пречиста“ во Кичево, беше отслужена света архиерејска Златоустова Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на протоерејот Стевчо Тошевски, свештениците Никола Христоски, Владо Недески и Александар Матески и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. Пред почетокот на Литургијата, беа осветени врбовите гранчиња, во спомен на гранчињата со кои малите деца Израилеви го пречекаа Спасителот на светот. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј им подели нафора на многубројните верници, а потоа се обрати кон нив со пригодна беседа, која во целост ви ја пренесуваме. 

Sports News | 【国内5月2日発売予定】ナイキ ウィメンズ エアマックス ココ サンダル 全4色 - スニーカーウォーズ

 

Митрополит Тимотеј

 

Во името на Отецот и Синот и Св. Дух.

Драги браќа и сестри!

 

Денеска светата Православна црква прославува еден од Господовите празници. Поточно, се прославува свеченото влегување на Господ Исус Христос во Ерусалим. Христос, многупати влегувал во Ерусалим, но, во временски период кога сеуште не ја извршувал искупителната мисија. Ние знаеме дека 30 години Христос живеел незабележително со своите родители. Живеел со св. Дева Марија и со нејзиниот обручник, праведниот Јосиф. Он им помагал во нивните секојдневни обврски. Христос му помагал на Јосиф во неговиот занает, кој, пак, бил дрводелец. Се вели дека со ништо не се разликувал од останатите луѓе, освен во Својата послушност и во исполнувањето на законите и прописите.

Откако ќе наполни 30 години, Он ќе ја започне Својата проповед и ќе му се објави на светот и на луѓето. Ќе им се објави дека Он е Синот Божји и дека е дојден да го спаси човечкиот род од погибел. Според еврејскиот закон, човек пред да наполни 30 години, немал право да биде учител и проповедник. Затоа и Христос, откако ќе наполни 30 години, започнува да учи, да проповеда, да прави чуда, да лекува болни и да создава Свои следбеници, односно апостоли и ученици.

Но, овој празник има посебно значење, бидејќи Христос сега влегува на свечен начин. Влегува како Месија, како Цар над царевите и Господар над господарите. Влегува онака како што го претскажувале старозаветните пророци. Влегува како победител, јавајќи на осле. А така влегувале само силни војсководци и победители, враќајќи се после извојуваните големи битки. Христос, пред тоа, го посетил Лазаревиот гроб во Витанија. Гробот каде што Лазар четири дена веќе лежел погребан. Он го воскреснал, и радосната вест за овој настан брзо се раширила. Веста дека Христос и мртви воскреснува, и тоа после четири дена, нешто што во историјата на еврејскиот народ, претходно не било познато.

Тие денови, од сите краишта на Јудеја и од другите места, Евреите доаѓале во Ерусалим за да ја прослават старозаветната Пасха. И кога слушнале за Христовото доаѓање во Ерусалим, огромна маса луѓе излегле да Го пресретнат и да Го дочекаат. Најголем дел од нив фрлале палмови гранчиња, ги соблекувале своите алишта и ги постилале по патот, онаму каде што требало да помине Христос. На тој начин ја изразувале својата почит, како кон свој Цар и Ослободител. А децата, пак, придружувани од возрасните, Му пееле радосна песна: „Осана! Благословен е Кој доаѓа во името Господово, Царот Израилев!" (Јован 12, 13).

И покрај тоа, што Христос бил така свечено дочекан, Он, влегувајќи во Ерусалим заплакал. Заплакал, бидејќи знаел дека овој ист народ, кој сега Го дочекува како Цар, по неколку дена ќе биде разочаран од Него. Ќе бидат разочарани бидејќи нивните очекувања нема да се остварат. Евреите очекувале земски цар. Цар кој ќе ги ослободи од Римското ропство и ќе воспостави Еврејско царство. А тие, пак, кои се покрај него, ќе бидат првенци и раководители во тоа нивно замислено земско царство. Но, Христос ни зборува за поинакво царство. За небесно и духовно царство. Затоа Он вели: „Моето царство не е од овој свет" (Јован 18, 36). Има повеќе толкувања, зошто Христос во овој свечен момент просолзил. Но, најголем број од светите отци, кои се задржале на толкување на овие свети места, се согласуваат дека Господ Исус Христос просолзил, бидејќи го видел градот Ерусалим и знаел дека после неколку години истиот ќе биде разрушен, како што Самиот вели: „Ниту камен на камен нема да остане овде, што не ќе биде урнат!" (Марко 13, 2). Исто така, плаче и за децата, кои во тој немил и пресметувачки конфликт, ќе бидат убиени. А преживеаните, пак, ќе бидат раселени по целиот свет.

Обичниот народ, а особено децата, искрено се радувале на сретнувањето и дочекувањето на Господа Христа. Но, првосвештениците, фарисеите и садукеите, односно водачите на Еврејскиот народ, биле исплашени од Господа Христа. Особено, биле исплашени од Неговата наука, со којашто Он ги разобличувал нивните фарисејски постапки и неморални дејанија. Затоа, тие чекале погоден момент, да го оттргнат народот од Христа и да го насочат против Него. Затоа, и оваа недела што настапува, неделата после овој свечен Христов дочек, почнуваат страшните и искупителни страдања на Господа Христа во Ерусалим.

И ние, коишто денес се наоѓаме во овој свет манастир, прославувајќи го овој историски библиски настан од животниот пат на нашиот Спасител Господ Исус Христос, да се поучиме од еврејските деца. Да отфрлиме од нашите срца и од нашите души секакво лукавство, секаков престап и секаков грев. Та со чисти срца и души да Го пресретнеме Господа Христа, и да Му воскликнеме како Ерусалимските деца: „Осана! Благословен е Кој доаѓа во името Господово, Царот Израилев!" (Јован 12, 13). Амин!

 

Влегување на Господ Исус Христос во Ерусалим – Цветници
05. 04. 2015
Манастир „Св. Богородица Пречиста" - Кичево

 

cvetnici2015 1

cvetnici2015 2

cvetnici2015 3

cvetnici2015 4

cvetnici2015 5

cvetnici2015 6

cvetnici2015 7

cvetnici2015 8cvetnici2015 9 

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Јули 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
29 30 1 2 3 4 5
6 7 8 9 10 11 12
13 14 15 16 17 18 19
20 21 22 23 24 25 26
27 28 29 30 31 1 2