„Богородица слушна јазик што не го знаеше, кога Архангелот ѝ ги пренесе зборовите на радосната вест. Затоа таа со вера го прими поздравот и Те зачна Тебе, предвечниот Бог. Поради тоа и ние, радувајќи се, Ти викаме: Боже, Кој се воплоти од неа неизменливо, мир на светот дарувај му, а на душите наши - милост голема“ (стихира на Господи повикав... на Вечерна на Благовештение).
Великиот Архангел Гавриил денеска ја објавува најрадосната вест за човечкиот род - Оној Кој е предвечен, денес неизменливо се воплотува од Пречистата, за да го спаси човекот од оковите на смртта. Денес Светиот Дух ја осени Дева, која од името на сиот човечки род се принесува како жртва и зема учество во домостројот на спсението. Затоа и ние радосно пееме: Радувај се, Благодатна, Господ е со тебе, Кој има голема милост.
На овој за сите нас радосен ден, на 07.04.2015 година, во катедралниот храм „Св. Софија“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Златоустова Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на протоереј-ставрофор Сашо Богданоски, протоереј Димче Ѓорѓиески, свештениците Никола Христоски, Димче Азески, Владо Недески, Љупчо Бакрачески, Роберт Илијевски и Миле Алексоски, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Сашо Целески. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон своето верно стадо со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме.
url clone | Nike Shoes, Sneakers & Accessories
Митрополит Тимотеј
Во името на Отецот и Синот и Св. Дух!
Драги браќа и сестри!
Старозаветниот цар Соломон бил даровит човек. Човек обдарен со многу способности. На истиот му било дозволено, според Божјата волја, да ги проучи сите можни земни и небесни нешта. Се разбира, она што е достапно за човечкиот разум. Откако проучил и согледал сè, на крајот заклучил дека нема ништо ново под сонцето.
Но, светата Православна црква денеска прославува нешто ново. Нешто кое не му било познато на светот и векот. Денеска, Црквата го прославува празникот Благовештение. Денот кога светиот Архангел Гаврил, во потценетиот и презрениот Галилејски град Назарет, ѝ се јавува на св. Дева Марија говорејќи ѝ: „Радувај се, благодатна! Господ е со тебе! Благословена си ти меѓу жените!" (Лука 1, 28). Оваа млада девојка, слушајќи ја веста, се збунила. Се збунила дека ќе роди Син, и во таква психичка состојба го прашува Архангелот: „Како ќе биде тоа кога јас не знам за маж? Ангелот ѝ одговори и рече: Светиот Дух ќе слезе на тебе и силата на Севишниот ќе те осени; па затоа и роденото ќе биде свето и ќе се нарече Син Божји" (Лука 1, 34 – 35). Овој избран сад Божји, ја презентира својата покорност и понизност преку зборовите: „Еве ја слугинката Господова; нека ми биде според зборовите твои!" (Лука 1, 38).
На денешен ден, се случува невообичаено чудо. Чудо, какво што не памети историјата. Синот Божји, Словото Божјо, Второто Лице од Света Троица, Оној Кој е учесник уште во предвечниот совет на Бога при создавањето на светот и на сè во него, денес прима човечко тело. Бог се вочовечува. Промислата Божја, од преголема љубов на Бога Отецот кон создадениот човечки род, одлучува, преку Словото Божјо истиот да го спаси од погибел. Затоа Господ Христос прима човечко тело. Тело во сè еднакво како нас луѓето, освен во гревот. Живее во оваа долина на плачот, проповеда, учи, избира Свои ученици и следбеници и прави безброј чуда. Но, сè со цел, да го повика човечкиот род да се поправи и да се врати на правиот пат. На патот кој води кон спасение.
За овој празник, светата Православна црква испеала многу химни, песни и пофалби. Но, ќе издвоиме една којашто вели: „Возвестувај земјо радост голема, небеса фалете ја Божјата слава" (Ирмос од 9-та песна). Преку овие зборови на црковниот поет, светата Црква нè учи, дека целокупното творение, земно и небесно, го благовестува и го прославува ова големо чудо. Чудо, претходно невидено во историјата на светот.
Во тропарот на денешниот празник се вели дека денес е почеток на нашето спасение. За овој празник, низ вековите, чезнееле многу генерации. Очекувале да дојде Месијата и да го избави човечкиот род од пропаст и од грев. За овој празник, цели 10 векови, пророкувале старозаветните пророци. На денешен ден се објавува голема тајна. Тајна која многу векови била сокриена од човечкиот род. Таа тајна е воплотувањето на Синот Божји.
На денешниот празник, за прв пат во историјата на човештвото, ангел Божји, како пратеник на Севишниот, ѝ зборува на св. Дева Марија. Ја поздравува со зборовите: „Радувај се, благодатна! Господ е со тебе!" (Лука 1, 28). Преку овие зборови, воопшто, жената како создание, добива значење во искупителната и спасителна улога на човечкиот род. Св. Дева Марија, како девојка, е чинител или еден од главните садови, којашто била подготвена, со нејзината чистота и светост, во нејзината утроба да Го смести Несместливиот. Оној Кој е поширок од вселената, Словото Божјо. Од историјата ние знаеме дека пред христијанството, жената била потценета и се третирала како слугинка на мажот. Со раѓањето на Господа Христа и со улогата на св. Дева Марија, женскиот пол, во историјата на човештвото добива поинакво значење. Добива право на граѓанство, на еднаквост со мажот во сите сфери во општиот живот. Еднаквост во општествениот и личниот живот. Како од минатото така и од сегашноста, знаеме дека има многу успешни жени кои се истакнале и дале голем придонес во науката, во културата, во техниката, во книжевноста и во сите други останати области. Но, незаменлива улога, што не може никој да ја надмине и да ја замени е нејзината мајчинска улога. Улога којашто единствена може, и ја има таа благодат, да раѓа и да го умножува и продолжува човечкиот род. Една жена може да поседува и да реди секакви успеси. Но, ако го нема раѓањето на деца, таа не може да биде мајка, а преку тоа не може да биде ни успешна ни докажана вистинска жена. Бидејќи нејзината превасходна цел и задача во еден благословен брак е, да го продолжува родот човечки.
Да се вратиме на зборовите на Архангел Гаврил упатени кон св. Дева Марија: Радувај се благодатна! Нема вистински христијанин, кој не би се задржал со восхит и со трепет на ова големо собитие, воплотувањето на Синот Божји. И истото, религиозна душа, го созерцава со страв и со восхит. Таа просто не знае на што да се чуди повеќе. Дали на тоа што Бог постанал човек, односно Бог примил човечко тело, или, пак, тоа што човекот се издигнува кон совршенство, за да се соедини со Бога. Денешниот празник, нè поучува и нè опоменува, дека нам, како луѓе грешни, преку благодатта Божја, Црквата ни дава можност да се искачиме до небесните висини. Да се искачиме онаму од каде што слегол Синот Божји. Но, да знаеме, дека никој со сопствени сили и подвизи, со пост и молитва, не ќе може да се издигне до оние височини кон коишто тежнее нашата душа, доколку ја немаме Божјата благодат.
И ние денес, наоѓајќи се во овој свет храм, посветен на Премудроста Божја, и наоѓајќи се, пак, во страсната седмица, да го искористиме периодот, кога светата Црква нè упатува кон поревносно молење и посетување на светите богослужби. Бидејќи, според волјата Божја, овој празник се совпаѓа и како почеток на нашето спасение. Но, во исто време, и како завршеток на искупителната мисија на нашиот Господ Исус Христос на Голгота со Неговото распнување, принесувајќи се како непорочна жртва за спасение на човечкиот род. Да се потрудиме во овие страдални денови, да размислуваме повеќе за нашите престапи, постапки, и за оддалечувањата од патот кој нè води кон спасение. Да ги отсечеме сите слабости, страсти и приковувања кон овоземните сласти кои, пак, нè оддалечуваат од целта, односно нè оддалечуваат од спасението. Па така очистени и измиени, духовно и телесно, и препородени со Божјата благодат, да Го пречекаме и да Го прославиме со чисти срца и души Воскреснатиот Христос. Па да можеме и ние со црковниот пејач да воскликнеме: „Возвестувај земјо радост голема, небеса фалете ја Божјата слава".
Благовештение
07. 04. 2015
Храм „Св. Софија" – Охрид