„Кога изворот на Духот дојде на земјата, разделувајќи се духовно во вид на огнени реки, ги пороси апостолите просветлувајќи ги, и беше како облак кој освежува. Преку него ние ја примивме благодатта, преку огнот и водата. Светлината на Утешителот дојде и светот го просветли“ (седален на Утрена на Втор ден Духовден).

 

На 01.06.2015 година, на празнувањето на вториот ден Духовден, во катедралниот храм „Св.Софија“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на архимандрит Нектариј, протоереј-ставрофор Сашо Богданоски, протоереј Игор Никовски, свештениците Никола Христоски, Димче Азески, Горан Ставрески, Владо Недески и Љупчо Бакрачески, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Сашо Целески. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, која подолу интегрално ви ја пренесуваме.

Authentic Nike Sneakers | Nike

 

По завршувањето на Литургијата, беше промовирана и новата книга „Преполовение или Руса Среда“, дело на дипломираниот богослов Виктор Недески од Охрид. Книгата излезе со благослов на Митрополитот Тимотеј, а ја издава издавачката куќа „Канео“ при Дебарско-кичевската епархија Охрид. Промотор на истата беше свештеникот м-р Владо Недески. Од името на Епархијата му го честитаме ова првенче на Виктор Недески, со желба и молитви да ни приредува уште многу вакви душеполезни дела, а на сите верници топло им ја препорачуваме оваа книга, со цел да ги расчистат сите недоумици околу овој голем празник.  

 

Во продолжение ви ја пренесуваме беседата на Митрополитот Тимотеј.

 

Митрополит Тимотеј

 

Во името на Отецот и Синот и Св. Дух.

Драги браќа и сестри,

 

Вчера, нашата света Православна црква го прослави празникот Педесетница, или како што ние го нарекуваме, Духовден. Овој ден се прославува како роденден на Црквата Христова. Денеска, пак, вториот ден по Педесетница, го прославуваме Светиот Дух. Односно, Го прославуваме Третото Лице од Света Троица. Тоа ни дава повод, да се запрашаме и да размислиме за Светиот Дух. Да размислиме за Неговото делување, Неговото присуство и за Неговата сила во севкупниот живот на светата Црква, на космосот и на секој човек поединечно.

Ние знаеме дека во Светото писмо се вели: „Бога никој никогаш не Го видел" (Јован 1, 18). Но, исто така, имаме безбројни примери, како во Стариот, така и во Новиот завет, кога Бог во најразлични периоди и прилики ни се објавува. Но, ни се објавува онолку колку што можеме ние, со нашиот ограничен разум да Го воспримиме, а со тоа да Го спознаеме и сознаеме.

Ние, како разумни битија, можеме да го погледнеме сето она што нè окружува во овој свет. Небото, ѕвездите, растенијата, птиците и сè она што е создадено. Ќе заклучиме дека во светот, постои еден совршен Разум, Творец и Раководител на сè што постои. И ако не би постоел таков апсолутен Ум, од овој хармоничен свет би постанал еден сеопшт хаос.

Најразлични размислувачи, овој сеопшт Ум, во историјата најразлично Го нарекувале, но, ние, како христијани и верници Го нарекуваме Семоќен Творец на сè видливо и невидливо. А тоа е Семилостивиот Бог. Затоа во историјата, човечкиот ум си создал и оформил разни претстави за Бога. Некаде Го претставуваат како Старец, на други места како Философ, и во многу други претстави. Претстави, коишто, нашиот ограничен ум, не е во состојба да навлезе во неговата севкупна полнота. Па затоа, и Бог, не се спротивставува на луѓето, кога со нивниот ограничен ум, на разни начини граделе претстава за својот Творец и Создател. Но, Бог ќе благоизволи да ни се открие преку Својот Единороден Син, Господ Исус Христос. Оној Кој ќе прими човечко тело, и ќе биде сличен на нас во сè освен во гревот. Кој ќе живее со нас и ќе биде распнат, но, и ќе воскресне за да Го испрати Светиот Дух. Светиот Дух, Кој ќе раководи со светата Црква и со сè што е создадено за наше спасение.

Без Светиот Дух, и без Неговите енергии, сили, или како што ние црковно ја нарекуваме благодатта Божја, човечкиот род не ќе може објективно да суштествува и битисува во овој свет и живот. Ако сакаме да направиме една споредба на Светиот Дух и на Неговото делување, како благородно и спасоносно за човечкиот род, би можеле да Го споредиме со сончевата светлина и со дождот. Сите ние знаеме, кој повеќе кој помалку, дека сите ние имаме потреба од сончевите зраци. Не само ние луѓето, туку и сè живо што постои на Земјината топка. Иста таква потреба имаме и од дождот. Ние, како луѓе, имаме слобода и можност, да се ползуваме со овие Божји енергии и дарови. Затоа, некои излегуваат на сонце, се сончаат, уживаат во сончевите зраци, но, има и такви кои се кријат од сонцето. Се покриваат, влегуваат во темнина и не сакаат да го ползуваат овој Божји дар. Дар, кој изобилно им се нуди од Бога. Во Светото писмо за Бога вака се вели: „Зашто Тој со Своето сонце ги грее и лошите и добрите, и им праќа дожд и на праведните и на неправедните" (Мат. 5, 45). Така е и со благодатта којашто Духот Свет ја нуди на секој човек. Од нас зависи, дали ќе се подготвиме и ќе ги отвориме нашите срца и души, за благодатта, којашто светата Црква ја раздава на своите верници, и истата да ја воспримиме. Има поединци кои ги ползуваат овие дарови на Светиот Дух преку светите тајни и молитвословија, но, има и такви, кои не само што не ги примаат, туку ги порекнуваат. А некои, пак, се борат против нив. Со секој еден грев, со секој престап, со секоја лоша мисла ние правиме преграда и се оддалечуваме од благодатта на Светиот Дух. Со тоа, не дозволуваме тој дар да влезе во нашите срца и души и тогаш личиме на оние кои се кријат од сонцето.

Светата Црква е столб и тврдина на вистината. Тоа е така бидејќи Црквата е Божја творевина и Светиот Дух ја раководи. Затоа таа можела сите премрежија, страдања, борби, понижувања и гонења да ги преброди и да се сочува бидејќи вратите на пеколот нема да ја надвладеат (Мат. 16, 18).

И ние, денеска, спомнувајќи си за Светиот Дух и за Неговото дејствување во нашиот живот и воопшто во животот на сè што постои, да се обратиме со една молитва. Молитва којашто секој еден од нас треба да ја знае. Молитва со која се обраќаме кон Светиот Дух пред секое богослужение и пред секоја треба: Царе небески, Утешителу, Дух на вистината, Кој си насекаде и сè исполнуваш, ризницо на добрини и дарителу на животот, дојди и всели се во нас, и очисти нè од секаква нечистотија и спаси ги Благи, душите наши. Амин!

 

Втор ден Духовден

01.06.2015 год.

Храм „Св. Софија" - Охрид

 

vtorduh2015 1

vtorduh2015 2

vtorduh2015 3

vtorduh2015 4

vtorduh2015 5

vtorduh2015 6

vtorduh2015 7

vtorduh2015 8

vtorduh2015 9

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Јули 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
29 30 1 2 3 4 5
6 7 8 9 10 11 12
13 14 15 16 17 18 19
20 21 22 23 24 25 26
27 28 29 30 31 1 2