„Како пристаниште на спасението, сега достојно да ги восфалиме: Крстителот, апостолите, пророците и мачениците со испосниците, божествените учители и свештеници, соборот на патријарсите и доброславните свештеномаченици, богољубивите жени, преподобните и праведните“ (песна од канонот на Утрена на Недела на сите светии).
На 07.06.2015 година, денот кога ја прославивме Неделата на сите светии, во манастирот „Сите Светии“ во с. Лешани, Охридско, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на протоерејот Темелко Донески, еромонахот Вартоломеј, игумен на манастирот, свештеникот Никола Христоски и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а потоа беше осветена и новата камбанарија.
По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верните со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме.
Nike sneakers | Vans Shoes That Change Color in the Sun: UV Era Ink Stacked & More – Fitforhealth News
Митрополит Тимотеј
Во името на Отецот и Синот и Св. Дух. Амин!
Драги браќа и сестри!
Светата Православна црква, првата недела по Педесетница, ја посветува за чествување на Сите светии. Не е случајно така да започнува богослужбениот црковен круг, односно, со прославувањето на Сите светии. На Педесетницата, којашто се смета за роденден на Црквата, Светиот Дух слегува врз апостолите, ги утврдува во верата и ги облагодатува. Ги утврдува и облагодатува за да можат да ја зацврстат Црквата Божја, а преку тоа да го продолжат спасителното и искупителното дело на Господа Исуса Христа. Кога Светиот Дух ќе слезе врз членовите на првата Црква, Тој ќе ги охрабри, зацврсти и од нив произлезе плејада на маченици, исповедници, учители и подвижници коишто ја сочинуваат Црквата Небесна. Токму затоа и оваа недела им е посветена на сите Божји угодници од вселенската екумена, од еден крај до друг на Земјината топка.
Господ Исус Христос, пред Своето страдање, им ветува на Своите ученици, дека ќе им испрати Дух Свет, Оној Кој ќе биде обвинител на гревот. „А Тој, кога ќе дојде, ќе го изобличи светот за грев" (Јован 16, 8). Можеби некој ќе постави прашање, зошто Светиот Дух треба да дојде и да го изобличи гревот? Доаѓањето на Светиот Дух и изобличувањето на гревот му помага на севкупното членство на Црквата да ја запази и да ја сочува човечноста. Тоа, пак, значи да го сочува моралниот критериум кој ги одржува луѓето да бидат луѓе. Значи, Светиот Дух не слегува само врз апостолите, туку Он слегува и врз секој христијанин кој се крштева. Затоа, секој еден од нас е повикан, да го негува тој морален принцип во себе. Тоа подразбира, да разликува добро од лошо, вистина од невистина, правда од лага и слично. Таму каде што има Дух Свет, таму тој критериум се почитува и им помага на луѓето да се справуваат со овоземните пречки, престапи, гревови, слабости и страсти. Но, онаму, каде што нема Дух Свет, туку секој поединец сам за себе постанува критериум и расудува што е правда а што неправда, што е вистина а што невистина, често пати од човечка слабост, се прават грешки, па се заклучува спротивното. Односно правдата да биде лага, а лагата да биде правда, доброто да биде лошо а лошото добро.
Се поставува прашањето, зошто првата недела по Педесетница ги прославуваме Сите светии? Светата Црква го воведува овој празник за да нè утврди и нас во нашата вера. А тоа го гледаме од фактот, дека преку силата на Светиот Дух многу луѓе од грешници станале светии, поминувајќи од темнина во светлина. Никој од светиите не бил роден како свет. Сите тие биле слични на нас, со тело и крв, и со сите можни слабости. Но, тие дале свој труд, го отсекле гревот и страста од нивниот ум, од нивното срце и душа, и така го отсекле грешниот живот и постанале сотрудници и сосуди на Светиот Дух. Па така, во една синергија, односно взаемно делување на Божјата благодат и човечкиот труд, тие се издигнале до светост. Божјите угодници, односно светиите, како садови на Св. Дух, делувале уште додека биле на земјава. Делувале со поинакви принципи и можности, кои на нам грешните луѓе, честопати ни изгледаат неверојатни. Ќе наведеме два примери. Светиот Наум, Охридскиот Чудотворец, побарал, преку Светиот Дух, мечката да се впрегне и да го замени волот којшто го изела. И ова несловесно животно се покорува. Да земеме и еден друг пример на св. Александар Свирски, кој се подвизувал во Валаамскиот манастир, во една пештера. Ние знаеме дека Валаам е во северна Русија, каде мразот и студот траат повеќе од 8 месеци. А овој подвижник стоел бос на мраз. Но, благодатта Божја била во него и со него, па тој не го чувствувал ниту студот ниту мразот, и можел како сосуд Божји да Го слави и да Го прославува името Божјо. Неговото тело и денеска нераспаднато почива во Свирскиот манастир. А безбројни поклоници наоѓаат утеха, поткрепа и милост Божја преку овој Божји угодник.
Црквата е создадена и е повикана да му сведочи на овој свет за вистината и за правдата. Но, често пати, нејзиниот глас не се слуша. Таа е повикана, со смирение и без никаква сила, со тивок глас да сведочи дека таму каде што е Светиот Дух таму е животот. Онаму каде што нема Свет Дух, таму е погибелта. И токму денот на Сите светии се јавува како сведоштво и потврда на оваа вистина, каде што е Светиот Дух таму е вечниот живот, односно спасението. Затоа и ап. Павле ги советува Коринтјаните а преку нив и сите нас: „Вашето тело е храм на Светиот Дух, Кој живее во вас и ви е даден од Бога и дека не припаѓате само на себеси. Прославете Го Бога во своите тела и во своите души, кои се Божји" (1. Кор. 6, 19-20).
Прославувајќи ги денеска сите Божји угодници, да се обратиме со искрена молитва кон нив, тие да бидат наши помошници и сотрудници. Да измолат милост од Бога, а Он да ни ја зацврсти верата, да ни ја умножи љубовта, па да одиме по Христовиот пат. Да отсечеме секаков престап и грев во нашиот живот. Па и ние да постанеме сосуди Божји, и да Го славиме и величаме Триединиот Бог, сега и во сета вечност. Амин!
07. 06. 2015 година
„Сите светии"
Манастир „Си свети" – с. Лешани