„Денес и реката Јордан преславно се радува, кога од неплодната старица слушна за раѓањето на оној што, по живот, им беше рамен на ангелите, кој ги израмни патеките пред Господа, и ја крсти вселената“ (песна од канонот на Утрена на Иванден).
На 07.07.2015 година, во манастирот „Св. Јован Крстител - Бигорски“, по сеноќното бдение, а во чест на празникот Раѓање на свети Јован Крстител - Иванден, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на Митрополитот Брегалнички г. Иларион, Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф, архимандритот Партениј, игумен на манастирот, еромонасите, Доситеј, Макариј, Еразмо и Ефросиниј, свештениците Никола Христоски, Благоја Спироски и Миле Ангелоски, протоѓаконите Дени Насков и Николче Ѓурѓиноски и ероѓаконите Порфириј и Силуан. По завршувањето на Литургијата, беше осветено коливото, а Митрополитот Тимотеј се обрати пред мноштвото верници со пригодна беседа, која во целост ви ја пренесуваме.
Sport media | New Balance 991 Footwear
Митрополит Тимотеј
Во името на Отецот и Синот и Св. Дух.
Драги браќа и сестри,
Денеска, светата Православна црква, го прославува раѓањето на св. Јован Претеча и Крстител на нашиот Спасител Господ Исус Христос. Како што знаеме од светото Евангелие, неговото раѓање е невообичаено. Откако неговите стари родители почнале да ја губат надежта дека ќе имаат рожба, Ангел Господов, на првосвештеникот Захариј му објавува радосна вест дека ќе има син и ќе се нарече Јован. И покрај тоа што овој праведен првосвештеник имал силна и непоколеблива вера и го исполнувал законот Мојсеев, сепак, оваа вест не можел да ја прими и да ја разбере како Божји благослов, туку, во истата се посомневал. Затоа, Бог го казнил, со тоа што му го зел гласот и тој не проговорил сè додека не се исполниле зборовите на Ангелот Божји.
Откако Елисавета родила син, и откако Захариј напишал на штица дека Јован му е името, Бог му го одврзува јазикот за да може да Го слави и да Го прославува Севишниот и Семилостивиот Господ Бог. Од светото Евангелие гледаме дека животот на св. Јован бил трнлив, тежок и на крај, овоземниот живот, го завршува маченички. Бил ревносен изобличувач на секаков грев и порок, не гледајќи дали истиот го прават обичните жители на Палестина или, пак, тоа го прават силните цареви и нивни блиски.
Животот на овој Божји угодник нè поучува сите нас како треба и ние да го живееме нашиот овоземен живот, којшто е привремен. Но, св. Јован ни дава патоказ, којшто нè води во вечен и блажен живот. Нашиот живот во овој век не е ништо друго освен пат кон идниот век. Ние, на овој свет доаѓаме преку раѓање а го завршуваме со упокојувањето. Секој којшто живее на земјата е патник. За едни, тој пат е краток, за други е подолг, а за трети, пак, е ептен долг упокојувајќи се во длабока старост. Сите се раѓаме на еден начин. Затоа, на сите ни е познат денот и часот на нашиот почеток на тој пат. Но, денот, часот и начинот на кој ќе го завршиме не ни се познати и не знаеме кога ќе го завршиме нашиот од, во овој времен свет. Ние се раѓаме во овој свет за да преминеме во вечен живот. Нашиот Создател не нè има создадено за времен, туку за вечен живот. Затоа времениот живот не е ништо друго, а и не треба да биде, освен пат кон вечниот живот. Па затоа, животот тука треба да го живееме внимателно, бидејќи имаме многу непријатели кои сакаат да не оттргнат и да нè одделат од патот којшто води во вечен живот. Затоа и Синот Божји дојде на овој свет. За да ни ги отвори вратите на оној живот, кои ние со нашите гревови сме ги затвориле. Дојде за да ни го покаже патот по којшто треба да одиме, а ние од истиот тој пат сме се оддалечиле. Земниот живот е времен, но преку него се добива или се губи спасението. Според Христовите зборови, вечното спасение е единствено нешто коешто ни е потребно. Но, тука, за време на времениот живот, или се спечалува или се губи. Се добива со покајание и со силна и непоколеблива вера, а се погубува со нечесен и со непокаен живот.
Овој Божји угодник, кога ќе излезе на јавна проповед, својата проповед ја започнува со зборовите: „Покајте се, зашто се приближи царството небесно" (Мат. 3, 2). Човекот е создаден од Бога за да Го слави и прославува својот Создател и Промислител. Но, поради непослушноста, нашите прародители спечалија смрт, а преку нив, односно преку гревот, севкупниот човечки род ја изгуби првобитно создадената чиста природа. Но, Милостивиот Бог, ни дава многу начини и можности, како ние да си ја повратиме загубената чистота и да се соединиме со нашиот Бог за вечно и блажено живеење. Најпотребниот и најнеопходен начин да го постигнеме тоа, а светата Црква ни го препорачува и токму така нè учи, се зборовите на св. Јован Крстител и Претеча Господов „Покајте се". Овие зборови во себе содржат длабока мисла и длабока поука. Зборови кои бараат од секој еден од нас, коишто се нарекуваме христијани и почитувачи на законот на светата Црква, да се покаеме. Самиот збор покајание не е еден обичен збор, збор како: се извинувам, прости, згрешив и слично. Покајанието бара сецело изменување на начинот на нашето мислење, на нашето живеење, на нашето делување, поточно бара од нас да отсечеме секаков грев, секаква приврзаност кон овоземни преодни нешта. Да се угледаме на Божјите угодници. Да не калкулираме придобивки, лесни и ласкави, од овоземни моќници на сметка на вистината, правдата, верата, традицијата и на другите возвишени цели кои ни се зададени и кои се бараат од нас како следбеници на нашиот Спасител Господ Исус Христос.
Затоа, да се обратиме со искрена молитва кон св. Јован Крстител и Претеча Христов, чиешто раѓање светата Црква денес го прославува. Да се угледаме на неговиот свет испоснички и подвижнички живот, но, исто така и храбар изобличувач на секакви подлости, страсти и гревови, па и ние да отсечеме од нашата волја, ум и мисла, секаков грев и да одиме по патот кој го посочува светата Црква. Пат кој води во вечен и блажен живот. По молитвите на св. Јован, така нека биде. Амин!
Раѓање на св. Јован Крстител
07. 07. 2015 год.
Манастир „Св. Јован Бигорски"