„Како голем храм, секогаш со чудеса украсуван, во кого што доаѓајќи постојано, чудесни Козмо и Дамјане, им давате здравје на оние што имаат потреба. Затоа достојно сте именувани блажени“ (песна од Канонот на светите Козма и Дамјан).
На 14.07.2015 година, кога го прославивме споменот на светите бесребреници Козма и Дамјан, во храмот посветен во нивна чест во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоерејот Димче Ѓорѓиески, свештениците Никола Христоски, Љупчо Симиџиески, Владо Недески и Љупчо Бакрачески, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Сашо Целески. По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон верните со пригодна беседа, која во целост ви ја пренесуваме.
Authentic Sneakers | Women's Nike Air Jordan 1 trainers - Latest Releases , Ietp
Митрополит Тимотеј
Во името на Отецот и Синот и Св. Дух.
Драги браќа и сестри,
Од преголема љубов кон човечкиот род, Предвечниот совет на Светата Троица одлучува, Второто Лице, да се воплоти, да се вочовечи, за да го спаси човечкиот род. Онака како што предвидел Предвечниот совет, така се реализирало. Второто Лице, односно Синот Божји, се раѓа од света Дева Марија, прима човечко тело, и станува во сè сличен на нас освен во гревот. Доаѓа од небесните височини на оваа земја. На земјата, којашто старозаветните мудреци ја нарекуваат долина на плачот. Живее помеѓу народот Божји, учи, проповеда, лекува секакви болести и прави безброј чуда. Сето тоа го прави со цел грешните луѓе да ги упати на правиот пат. Пат којшто води кон Бога, а со тоа кон правдата и љубовта, кон слогата и почитта, кон благородието и слично. На крај, и покрај тоа што ќе нема никаков грев ни престап, како Најправеден и Најсвет, поради злоба и пакост човечка, ќе претрпи понижувања, тепања, судења и распнување, како најголем престапник, на крст. За цело време, додека го живее овоземниот живот, Господ Христос нè поучува дека сме должни, и ние луѓето, да ја исполнуваме волјата Божја. Покрај што зборувал и поучувал, Господ Исус Христос тоа во практичниот живот го посведочувал. Го посведочувал како исполнител на волјата Божја. Од светото Евангелие знаеме, дека Господ Исус Христос пред Неговото страдање и издигнување на Голгота, се повлекол во Гетсиманската градина, молејќи Му се на Бога Отецот: „Оче Мој, ако е можно, нека Ме одмине оваа чаша; но, не како Јас што сакам, туку како Ти" (Мат. 26, 39).
Ние, како луѓе, често пати имаме потреба да се обраќаме со молитва кон Господа Бога. Во тие наши молитви, најчесто бараме Божја помош. Божја помош која може да се однесува на нас лично, на нашите блиски, пријатели, роднини и слично. Понекогаш се запрашуваме и доаѓаме до најразлични погрешни заклучоци. Често пати знаеме да се запрашаме: Зошто Бог, кога светата Црква учи дека Он е Многумилостив и дека секогаш е подготвен да му помогне на секој кој му се обраќа за помош, нашата молитва, нашиот повик не ги слуша, или поточно не ни излегува во пресрет да ни помогне? Треба да знаеме дека Бог ги слуша нашите молби и воздишки, но, дали ќе ги исполни тоа зависи од нас. Дали ние на Бога Му се обраќаме со искрена молитва, со цврста и непоколеблива вера, дека Он е Тој што може и сака да ни помогне, да нè избави и да нè спаси од секаков престап, грев и застранет пат? Но, доколку ние тоа го бараме само формално, по некоја традиција, без увереност во Божјата сила и во Неговата милост, тогаш нашата молитва ќе биде упатена напразно. Ќе биде напразно упатена бидејќи, ние истата не ја принесуваме онака како што од нас се бара од страна на светата Црква и од Господа Христа. Често пати, ние како грешници, упатуваме молитви и молби со желба да напакостиме на нашите блиски, соседи, или на нашите непријатели. Таквите „молитви" и таквите желби, Бог нема да ги услиши. Молитвите коишто се спротивни на волјата Божја, Бог не ги услишува.
Денеска светата Црква прославува двајца родени браќа, светите бесребреници Козма и Дамјан. Овие двајца Божји угодници се покажале како извонредни исполнувачи на волјата Божја. Како такви, добиле дар од Бога, односно благодатта Божја, да лекуваат секакви болести, употребувајќи разни билки како средства за исцелување на страдалниците. Нивниот свет и непорочен живот, нè поучува и нас, како треба и ние да ја исполнуваме волјата Божја. Како треба да го живееме нашиот живот како вистински христијани и така живеејќи да спечалиме живот вечен. Овие двајца бесребреници биле свесни дека благодатта што ја поседуваат не е нивна. Туку, милоста Божја е онаа којашто им ја дава. А тие, како орудија Божји, таа благодат, таа сила и енергија Божја, ја даваат врз болните и страдалниците и на оние кои им се обраќаат за помош и на оние кои милоста Божја ја бараат преку нив.
Лекарствата отсекогаш биле наплатувани. А оние, што ги поседувале овие вештини и знаења, добро ги наплаќале во целокупната историја на човечкиот род. Но, овие двајца свети луѓе, не се ползувале со овие принципи, туку, напротив, дарот бесплатно го добиле од Бога и бесплатно го делеле на сите луѓе коишто им се обраќале за помош.
И ние, како христијани, должни сме, даровите што ни ги дал Бог, да ги споделуваме со нашите блиски и познаници, манифестирајќи ја нашата вера преку правењето на добри дела. Бидејќи апостолот Јаков вели: „Зашто, како што е телото без дух мртво, така и верата без дела е мртва" (Јак. 2, 26). Некој ќе каже: Па ние живееме во едно многу сиромашно општество. Општество каде што на сите ни недостасуваат основни средства за егзистенција, па како ќе можеме да правиме добри дела? Ваквото размислување е погрешно. За да се направи добро дело, не секогаш е потребно да се има богатство и изобилие. Потребно е да се има желба и љубов, како кон Бога, така и кон луѓето кои нè опкружуваат и со кои го делиме доброто и злото.
Светите отци, често пати советуваат дека, добро дело може да се направи и со искрено проговорен збор, со подадена чаша вода, покажувајќи го патот на странецот итн. Тоа не значи дека само преку овие нешта можеме да се надеваме на исполнување на волјата Божја. Во нашиот ум, како во ум на христијани, потребно е постојано да ни одекнуваат зборовите од Господовата молитва нека биде волјата Твоја. Често пати, ние знаеме, нашата волја, нашите желби и барања, нашите престапи, да ги извитопериме и да ги окарактеризираме како исправни, пожелни, корисни. И така извитоперени да ги окарактеризираме дека не се во спротивност со волјата Божја. Но, таквите мислења и размислувања се штетни и погубни за секоја душа којашто се обидува, но, на погрешен начин, да ги насочи своите молитви и својот живот кон Бога, а од кои, пак, така насочени, нема да има корист.
Да се обратиме со искрена молитва кон светите бесребреници Козма и Дамјан, тие нека ги услишаат нашите прозби и молитви. Нека се застапат за нас пред лицето Божјо. Та Семилостивиот Бог да ни подари силна и непоколеблива вера попратена со добри дела. Па така да измолиме милост Божја и спасение на нашите души, сега и во сета вечност. Амин!
Св. бесребреници Козма и Дамјан
14. 07. 2015
храм „Св. Врачи" - Охрид