„Сите оние што се собрале со љубов да го прославата твојот чесен спомен, и со вера стојат пред гробот на твоите свети мошти и набожно се поклонуваат, ослободи ги од болести и паѓања, од секаква опасност и неволји, од демонско искушение, од неправедни луѓе кои го сакаат злото, бидејќи за најтопол помошник те придобивме" (стихира на Господи повикав... на Вечерна на преподобен Наум Охридски Чудотворец).
Празнувањето на големиот подвижник, преподобниот и богоносен Наум Охридскиот Чудотворец, започна со свечена Вечерна богослужба, во манастирот на Белото Езеро, посветен на овој наш застапник. На Вечерната богослужба чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, игумен на Светинаумовата обител, свештениците Никола Христоски и Димче Азески и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Вечерната богослужба, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниот народ со пригодно слово, кое интегрално ви го пренесуваме.
Митрополит Тимотеј
Во името на Отецот и Синот и Св. Дух!
Драги браќа и сестри!
Вечерва се собравме во овој свет манастир за да го прославиме големиот Божји угодник, преподобниот Наум Охридскиот Чудотворец. Како што добро знаеме, тој бил ученик на сесловенските просветители, великите солунски браќа Кирил и Методиј, кои биле исполнители на волјата Божја и проповедници на Словото Божјо. Преподобниот Наум Охридски живеел на крајот од ΙΧ век и почетокот на Χ век, а како добар христијанин, правилно ги разбрал Христовите зборови, забележани од перото на светиот апостол Матеј, во десеттата глава од неговото Евангелие: „Кој љуби татко или мајка повеќе од Мене, не е достоен за Мене; и кој љуби син или ќерка повеќе од Мене, не е достоен за Мене" (Мт. 10,37). Преподобниот Наум ги сместил овие зборови на Спасителот во своето срце, а тие станале негов животен патеводител.
Светиот Наум презрел сè овоземно, а неговиот живот го исполнил со труд, молитва и подвизи. И покрај тоа што бил учен човек и талентиран поет, за што сведочат и многуте негови дела, сакајќи да ја зачува скромноста, тој повеќето од нив не ги ни потпишал. А и во оние што ги потпишал, тој зборува единствено за подвигот и скромноста, за послушанието и исполнувањето на Божјата волја, односно за добродетелите кои треба да го красат монашкиот живот. Овие добродетели го краселе животот на Преподобниот, кој сиот свој живот го посветил на Бога и на исполнувањето на Неговата волја. Затоа и нашиот Бог му ја испраќа Својата благодат, за да може да ги помине сите препреки и искушенија во својот живот, а пред сè, да ги победи гревот и страстите, кои уште од времето на нашите прародители, стануваат пречка на нашиот пат кон Царството Небесно. Овие оружја на сатаната особено се засилуваат против оние кои решиле да Му угодат на Бога и да ја исполнуваат Неговата света волја.
Исполнувајќи ја волјата на Бога и Црквата, а со тоа одвраќајќи ги и сите залудни сатански напади, преподобниот Наум Охридски, уште додека бил во тело и ја газел оваа земја, бил удостоен и обдарен од Бога со чудотворна моќ, со која им помагал на сите, кои се обраќале кон него за помош и го барале неговото застапништво. Неговите застапништва стануваат уште посилни по неговото преселување во Царството Небесно, од каде ги слуша и ги пренесува молитвите на сите кои искрено и со вера се обраќаат кон него и ја бараат неговата помош. Се разбира, зборуваме за моливите кои се полезни за нас и кои значат доближување до Бога и Царството Небесно.
И ние, денеска, собрани во овој свет манастир, изграден од неуморните раце на преподобниот Наум Охридски, а посветен на светите небесни бестелесни сили, да се обратиме кон Севишниот Бог, Он да ги услиша нашите молитви, но само оние кои се корисни и спасоносни за нашите души и тела. Зашто и Самиот Спасител, доаѓајќи пред Голгота, каде неправедно требало да ја испие горката чаша, како послушен Син на Својот Отец, се моли: „Оче Мој, ако е можно, нека Ме одмине оваа чаша; но, не како Јас што сакам, туку како Ти" (Мт. 26, 39). И нашите молитви нека бидат како овие Христови зборови, и да Го молиме Бога, секогаш нека биде според Неговата волја, а Он да ни подари сè што е корисно и спасоносно за нашите души и за нашето спасение. Нека ни е честит денешниот празник и нека е за многу години! Амин!
04.01.2015 година
Вечерна на преподобен Наум Охридски
ман. „Св. Наум Охридски" Охрид