„Спасителу наш, кога се крсти во Јордан, ги освети водите, прифаќајќи еден слуга да ги положи своите раце врз Тебе, за да го исцелиш светот од страстите. Голема е тајната на Твоето јавување! Човекољупче Господи, слава Ти.“ (хвалитна стихира на Утрена на Свето Богојавление на Господ Исус Христос).

 

На 19.01.2023 година, денот кога го прославуваме светлиот празник на Светото Богојавление на Господ Бог и Спасител наш Исус Христос, Вистинската Светлина, Кој на сите им дарува просвештение, во храмот „Успение на Пресвета богородица - Каменско“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоерејот-ставрофор Никола Христоски, свештениците Димче Азески и Љупчо Бакрачески, еромонахот Никодим, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Марко Спасовски. По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Голем Богојавленски водосвет, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон многубројниот верен народ со пригодна беседа, којашто подолу во целост ви ја пренесуваме.

 

Откако заврши Литургијата, според одамна востановениот обичај, свечената Литија, предводена од Митрополитот Тимотеј, се упати кон водите на Охридското Езеро, кои беа осветени, а во нив се положи и светиот Крст, а оваа година Бог благоволи светиот Крст да дојде во рацете на Васко Довлев од Охрид. Овогодинешниот Богојавлеснки празник беше збогатен и со присуството на Претседателот на Владата на РСМ, г-дин Димитар Ковачевски, Министерот за внатрешни работи на РСМ, г-дин Оливер Спасовски, Градоначалникот на општина Охрид, г-дин Кирил Пецаков, како и на други видни гости. По завршувањето на церемонијата во Охрид, Митрополитот Тимотеј ги освети и водите на реката Црн Дрим во Струга и го положи Крстот, а истиот дојде во рацете на Јован Рафтоски од Струга. Во Струга присутна беше Министерката за одбрана на РСм, г-ѓа Славјанка Петровска, Градоначалникот на општина Струга, г-дин Рамиз Мерко, а присутни беа и свештеници од Албанската православна црква. На нашите верни чеда кои оваа година добија благослов од Бога да го фатат светиот Крст, им посакуваме успешна година, многу здравје и љубов од Бога, и за нив и за нивните семејства. Во продолжение ви ја пренесуваме беседата од Митрополитот Тимотеј.

 

Митрополит Тимотеј


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри,

Денеска прославуваме еден од големите Господови празници, поточно, Крштевањето на нашиот Спасител во реката Јордан. Денеска ги осветуваме водните пространства и влегуваме во благодатната стихија. По што се разликува светот по Христа од тоа што бил пред Него? И во тој свет имало праведници и грешници. Стариот завет ни дава една слика на светост, и една слика на гревовни престапувања. И во тоа време имало духовни пориви, имало искачувања, а уште повеќе паѓања, како што се случува и денеска во човечкиот живот.


Од гледна точка на човекот, во учеството во делото на спасението преку напредувањето во умствените, морални, па дури и физички сили, што се потребни за да се здобие Божјото благоволение, се нема изменето ништо. И тогаш и сега е потребно да се напредува, и со умствените и духовни сили, и со силата на волјата, за да се следи Божјиот закон. Но, има нешто што го карактеризира подвигот во тој живот до доаѓањето на Христа, и покрај тоа што, како последица на гревот, ништо помалку и денес е потребен истиот тој подвиг. Но, најголемата разлика ја прави Синот Божји, преку Неговото воплотување, преку Неговото страдање и смрт, Воскресение и Вознесение, зашто Бог толку го возљубил светот што го дал за светот – Својот Син, Синот Човечки. Како одговор на тој подвиг на луѓето кои Го примиле Христа и кои поверувале во Него како во Спасител, им ја дал Својата Божествена благодат.


И ние денеска сме едни од оние кои се наоѓаме пред искушенија, соблазни, лаги, тешкотии, како што биле луѓето во древноста. Но, со нас е Бог, и ако ние сакаме тогаш Бог влегува во нашиот живот со Неговата благодат и со Неговата сила и енергија. Тогаш Он ни ја дава нам, слабите, искушувани и грешни луѓе Неговата сила и благодат, и ни дава можност да го победиме гревот.


Како видлив пример на присуството на Божествената благодат во животот на луѓето се јавува Црквата и нејзиното дело кое се извршува преку светите Таинства. Таинствата на Црквата ги вклучуваат сите луѓе, независно каде и да се наоѓаат луѓето, а сѐ се завршува со и во Христа. Во Црквата, со силата на Светиот Дух, ние постануваме соучесници и во Рождеството, и во животот, и во учењето, и во страдањето и смртта на Спасителот, дури и во Неговото Вознесение на небото. Ние постануваме соучесници во Неговото второ доаѓање и Страшниот Суд, затоа што преку силата на благодата Божја се разрушува секое време и секое пространство. И ние грешните луѓе постануваме соучесници на Божјото Царство на видлив начин, а благодатта Божја слегува врз нас луѓето.


Така и на денешен ден, таа Божја благодат се јавува на симболичен, но и вистински начин, затоа што таа дејствено слегува врз нас на видлив начин преку осветување на водите. Водата која не ги изменува своите физички и хемиски својства, се пронижува со благодатната Божја енергија и постанува вода исполнета со благодатта на Светиот Дух. Тоа е голема светиња и затоа е потребно да се однесуваме со големо внимание и уважување кон Богојавленската вода. За жал, се случува некаде, кога ќе почне да се зема осветената вода да има турканица, па и непристојни слики кои најмалку приличат на религиозни луѓе. Црквата нѐ повикува да не се однесуваме непристојно, бидејќи во тој случај се лишуваме од светоста. Оној кој го турка другиот за прв да земе, не прима благодат туку осуда.


Многу луѓе кои денеска доаѓаат во храмовите Божји, во текот на годината одат многу ретко или воопшто не се појавуваат. Пораката од Црквата кон сите, а посебно кон таквите е: постојте подолго во храмот, не брзајте, размислете за вашите животи, за вашите роднини и блиски, за вашите деца и внуци, за самите себе и принесете силна молитва на Господа. Па силата и благодатта да се пројават преку воплотениот Син Божји, да се разрушат нашите човечки неправди, а Он да ги изгори нашите човечки гревови.


Многу луѓе, особено нашата младина, на денешен ден има желба да се капат во осветените води, без разлика дали во езеро или во реките, но потребно е да се знае дека не се влегува во обична туку во осветена вода. Пред да се влезе, препорака од страна на Црквата е секој еден да се прекрсти три пати со крстното знамение во името на Отецот и Синот и Светиот Дух. Истовремено помолете се за себе и за вашите блиски, па Господ Кој денес ни се јавува да ја наклони Својата милост кон вас, да ги очисти вашите гревови и да ве зацврсти на достоинствениот пат кој води кон вечен живот. Амин.

Водици
Храм „Св. Богородица – Каменско"
19.01.2023г.

 

vodici2023 1vodici2023 2vodici2023 3vodici2023 4vodici2023 5vodici2023 6vodici2023 7vodici2023 8vodici2023 9vodici2023 10vodici2023 11vodici2023 12vodici2023 13vodici2023 14vodici2023 15vodici2023 16vodici2023 17vodici2023 18vodici2023 19vodici2023 20vodici2023 21vodici2023 22vodici2023 23vodici2023 24vodici2023 25vodici2023 26vodici2023 27vodici2023 28vodici2023 29  

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Април 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
30 31 1 2 3 4 5
6 7 8 9 10 11 12
13 14 15 16 17 18 19
20 21 22 23 24 25 26
27 28 29 30 1 2 3