„Да го распнеме телото со воздржание, да бидеме будни во молитвите, како што е напишано, и да живееме по примерот на Оној Кој пострада и страстите ги умртви“ (песна од канонот на Утрена во Прва среда од Великиот пост).

 

На 01.03.2023 година, во Првата среда од Великиот пост, во храмот „Успение на Пресвета Богородица“ - Каменско во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија на Претходноосветени дарови, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, свештениците Атанас Казанџиски, Димче Азески и Васил Михајлоски, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Марко Спасовски. По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на светата Тајна покајание и исповед за свештенството од нашата Епархија, а потоа беше одржано и редовното свештеничко собрание. Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, којашто во целост ви ја пренесуваме.

 

Митрополит Тимотеј


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри,

Како што гладен човек брза кон лебот и го јаде со радост, така и ние христијаните треба да трчаме кон светата Црква и да ги слушаме со благодарност Божествените поуки. Зашто кога Бог ќе ја види нашата желба и усрдност, Он ја излива врз нас Својата благодат и ни дава големи дарови. Затоа ние свештенослужителите секогаш сме должни да ве поучуваме и поттикнуваме, а вие сте должни, пак, да го слушате словото и поуката со радост. Зашто како што лебот и храната е неопходна за телото за да го крепи, така и поучувањето е потребно за душата за да ја научи на добро и да ја укрепи против ѓаволските итрини и злоби.


Затоа е потребно секогаш да ја слушаме Божјата поука и да оценуваме дали сме кажале некој празен збор со устата, дали со ушите слушаме нешто што не приличи, дали со очите гледаме грешни нешта, дали со нашите мисли одиме кон нечисти и валкани работи? Кога ќе забележиме дека има нешто од овие работи, неполезни и штетни, потребно е веднаш да ги отстраниме од нас. Да не мислиме дека само ако не јадеме до вечера со тоа ќе примиме спасение туку потребно е да постиме како што заповедал Бог. А Бог заповедал да не постиме само со храна, туку треба да постиме и од сите гореспоменати гревови, да постиме телесно, но да постиме и духовно. Затоа секој кој пости треба да се пази и од сите зла. Како што Бог им има кажано на евреите: Цели седумдесет години за Мене ли постевте? Кога јадевте и пиевте, зар не јадевте за себе и не пиевте за себе? А сега судете праведно, имајте милост и сочувство кон својот брат, вдовици и сираци и придојдени и сиромав не злоставувајте и не мислете зло во срцата ваши еден против друг (Зах 7, 5-10). Откако Евреите не примиле никаква полза од постот, без споменатите добри дела, каква полза ќе имаме ние кога не сме направиле ниедно добро дело и каков одговор ќе дадеме на Бога кој ни заповедал да ги сакаме не само ближните туку и нашите непријатели? Ако така постапуваме, ако се молиме на Бога и имаме грижа за сите, тогаш најмногу ќе ни помогне Бог на својот праведен суд и ќе ни биде големо искупување за нашите направени гревови.


И покрај тоа што изгледа многу тешко човек да го сака непријателот, не е невозможно и затоа и наградата за него е многу голема. Бидејќи оној кој ја практикува таа добродетел приличи на милостивиот Бог, Кој дава дожд и сонце подеднакво како за добрите, така и за лошите (Мт. 5, 45). Затоа и ние не треба да ги сакаме само пријателите, туку и тие кои не нѐ сакаат, за кои ќе примиме од Бога многу поголема награда. Ако сакаме ние можеме да им одговориме на непријателите со зло и да им нанесеме уште поголема болка, но што добиваме со тоа? Отпосле кога ќе бидеме судени, ќе бидеме осудени на вечни маки како нарушители на Божјиот закон. Затоа треба да се воздржуваме од лоши дела, помисли, да го смириме гневот, секогаш да го имаме пред очи Страшниот суд и да си простиме и да се измириме со нашите непријатели. Потребно е да ги умртвиме телесните желби – гневот, среброљубието, омразата, а кога ќе ги умртвиме телесните грешни желби, тогаш настапуваат духовните плодови, односно љубовта, радоста, долготрпението, милосрдието, благоста, вераат, кротоста и воздржливоста (Гал. 5, 22-23). Токму по тоа може да се препознае вистинскиот христијанин и по тоа да се разликува од безбожникот. Ние не треба, пак, само да се фалиме со името христијанско туку потребно е да имаме и христијански дела, преку кои ќе примиме спасение. А кога ќе видат и другите луѓе дека постапуваме според Божјите заповеди и тие ќе Го прослават Бога и ќе имаат полза. Кога постапуваме така, животот ќе го живееме мирно и ќе го примиме небесното Царство преку благодатта на нашиот Господ Исус Христос. Нему нека Му е слава во сите векови. Амин.

 

Прва среда од Великиот пост
Храм „Пр. Богородица“ - Каменско Охрид
01.03.2023 г.

 

prvsreda2023 2 

 

prvsreda2023 2

prvsreda2023 3

prvsreda2023 4

prvsreda2023 5

prvsreda2023 6

prvsreda2023 7

prvsreda2023 8

prvsreda2023 9

prvsreda2023 10

prvsreda2023 11

prvsreda2023 12

prvsreda2023 13

prvsreda2023 14

prvsreda2023 15

prvsreda2023 16

prvsreda2023 17

prvsreda2023 18

prvsreda2023 19

prvsreda2023 20

prvsreda2023 21

prvsreda2023 22

prvsreda2023 23

prvsreda2023 24

prvsreda2023 25

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Март 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
23 24 25 26 27 28 1
2 3 4 5 6 7 8
9 10 11 12 13 14 15
16 17 18 19 20 21 22
23 24 25 26 27 28 29
30 31 1 2 3 4 5