На 12.04.2023 година, на Велика среда, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј,  во капелата во Митрополитската резиденција во Охрид, изговори пригодна беседа, упатена кон сите верни чеда, а истата Ви ја пренесуваме во целост.

 

Митрополит Тимотеј


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри,

Велика среда е посветена на споменот на жената блудница во домот на Симона Прокажениот, која излева скапоцено миро врз главата на Спасителот. Овој чин Јуда Искариотски го оценил како недомаќинство или расипништво, со коментар дека ова можело да се продаде и парите да се разделат на сиромаси. Но, Јуда тоа не го направил од жал за сиромасите туку затоа што бил крадец, а, истовремено, бил и чувар на ковчежето. И затоа, кога го видел овој чин, кај него се јавува голем немир со мисла како е можно така да се троши скапоцено миро. Но, Господ Исус Христос го презрел тоа, бидејќи знаел дека не е од сожалување кон сиромасите туку желба за некои други цели. За да го смири Јуда Он му вели: сиромасите ги имате секогаш покрај себе, а Мене Ме немате секогаш; таа, излевајќи го тоа миро врз телото Мое, Ме приготви за погреб. Но, Јуда не можел да го прифати тоа. Имено, делата на оваа жена станале последната капка од неговата преполнета чашка, по однос на незадоволството кон Христа и апостолите. И Јуда отишол кај првосвештениците и ги прашал: Што ќе ми дадете, па да ви Го предадам? И тие се согласиле (Мт. 26, 6-16).


Блудницата и Јуда се два образа на животот. Од една страна Јуда, апостол, близок до Спасителот, еден од дванаесетте апостоли, а од друга страна, пак, таа падната жена, која благочестивите луѓе ја презирале и отфрлале. Нечесно суштество без личен живот, без никаква иднина, јавна грешница. Но, во срцето на таа грешна жена се родило преобразено однесување. Пред лицето на Божествената светлина што се појавила во Христа, таа ја осознава севкупната нејзина грешност од нејзиниот живот. Сите пари што ги собрала во текот на нејзиното неморално живеење сега ги троши да купи драгоцен мирис, којшто се излевал само врз главите на царевите кога се крунисувале. Таа дала сѐ што имала. Извршувајќи ја оваа постапка, таа паѓа пред нозете на Исуса и го исповедува сиот свој грешен живот. И Господ ја прима таа жртва. Додека, пак, Јуда, кој со Спасителот долго време бил близок, и заедно со другите апостоли јадел и пиел од една чаша на една трпеза, Го предава Спасителот за пари.


Во историјата ние се сретнуваме со два света, два вида на живот, два мирогледа, две очигледни спротивставености – на Јуда и на жената која жртвува и дава сѐ што има. Ние православните христијани сме должни да го паметиме делото на пожртвуваноста, една одлика од главните религиозни показатели. Во материјалистичкиот свет, пожртвуваноста е неопислива и нејасна. Зошто јас треба да жртвувам нешто за друг? Сите ние живееме еден покрај друг и ние живееме свој пат, имаме своја задача и треба да се трудиме колку што е можно поубаво и поугодно да го поминеме нашиот живот. Зошто треба да го делиме ова со некој друг? Што ќе добиеме од тоа? На овие прашања безбожништвото и нерелигиозниот свет не даваат одговор, а и такви одговори кај нив и не можат да се најдат. За жал, и ние, кои се нарекуваме православни христијани, честопати живееме така како да Го нема Бога, слично на неверниците, кај кои нема што да ги поврзува со Бога. Пожртвуваноста е поврзаност со религиозниот образ на животот, но само доколку човекот не е формално религиозен, како што бил Јуда близок со Спасителот. Ако е вистински религиозен, тогаш тој лесно жртвува дел од своето време, средства и љубов за друг свој брат во Христа.


Од друга страна, животот на нерелигиозниот човек, животот Јудин, е живот без Бога. Па затоа и се поставува прашањето, во име на што да трошам средства? Зошто да ги дадам да ги троши некој друг? Конечно, грижата за бедните за кои зборува предавникот, не била вистина за него туку постапката на жената за него била нешто невидено и нечуено, и му се срушил целокупниот негов свет, визијата на неговиот поглед и мисла и на целокупниот негов живот. Всушност, Јуда е олицетворен лик на безбожниот свет во чиј центар се наоѓа човекот кој прави сѐ само за себе.


Денешниот ден нѐ задлабочува во овие два света. Светот на верата, што го претставува таа нечестива жена, и безбожниот, предавнички, егоистички свет, што го претставува Јуда. Црквата ја прославува оваа жена, за неа ние изговараме проповеди, ја спомнуваме, и покрај тоа што не го знаеме нејзиното име. Таа е прославена во историјата и на крај таа е со Бога. А Јуда сигурно не е со Него.


Токму овие два пата стојат пред нас. Ако го избереме животот со Бога, којшто секогаш е поврзан со готовност за пожртвуваност, да се помогне на ближен или, пак, другиот пат, односно да избереме живот без Бога, каде сѐ се прави за тоа самите да владееме. Доаѓајќи во црквата ние го избираме религиозниот образ на животот. Ова е многу важно и помош на нашиот пат, та никакви искушенија, соблазни и лоши внатрешни мисли да не го разрушат нашиот стремеж да бидеме заедно со Господа. Да живееме така како што Он заповедал и кога е потребно да се помогнеме еден со друг. Никогаш и на никого да не посакуваме лошо. Кога ние помагаме некому, треба да паметиме дека не даваме на човек туку на Бога; колку повеќе даваме толку повеќе добиваме. Бог никогаш не ни останува должен, а ние секогаш сме должни пред Него. Да го избереме патот на оваа грешница, и да добиеме опростување за нашите гревови како и таа (Лк. 7, 48). Амин.


Велика среда
Капела на Митрополитска резиденција
12.04.2023 г.

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Април 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
30 31 1 2 3 4 5
6 7 8 9 10 11 12
13 14 15 16 17 18 19
20 21 22 23 24 25 26
27 28 29 30 1 2 3