„Кажете, беззаконици, што слушнавте од нашиот Спасител? Зар не го исполни законот и учењето на пророците? Како помисливте да му го предадете на Пилата, Бога Словото, Кој е од Бога, и Избавителот на душите наши?“ (осми антифон на Утрена на Велики Петок).

 

На 13.04.2023 година, на Велики четврток, во вечерните часови, во храмот „Св. вмч. Ѓорѓи“ во Струга, беше отслужена Утрена богослужба со читање на дванаесетте страдални Евангелија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоереите Васко Голабоски и Александар Димоски, свештеникот Христијан Костоски и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на богослужбата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, којашто интегрално ви ја пренесуваме.

 

Митрополит Тимотеј


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри,

Во антифонските песни што ги слушнавме вечерва, се зборува дека вода и крв потекле од ребрата на Исуса и се разделиле на четири извори, а тоа се, всушност, четирите Евангелија од кои ние дознаваме за животот и смртта на Господа Исуса Христа. Вечерва ние го прославуваме распнувањето на Господа на Крстот и ги слушаме последните зборови што Господ ги изговорил од Крстот. Првите зборови што ги изговорил претставувале молитва, која Господ ја произнесол кога војниците ги прободеле Неговите раце и ребра и кога бил распнат на Крстот. Христос се моли со зборовите: Оче, прости им, зашто не знаат што прават! (Лк. 23, 34). Во оваа молитва се содржи сета љубов што Господ ја има кон луѓето. Он ги љуби не само оние кои се верни кон Него и не само оние луѓе кои ги исполнуваат Неговите заповеди туку и сите непријатели, и сите Негови вековни распнувачи, и сите кои со своите гревови и со знаење или незнаење коваат клинци во Неговите раце. Дури и кога со своите гревови Му нанесуваме рани на Господа, Он и тогаш нѐ љуби и се моли на Својот Отец: Оче, прости им, зашто не знаат што прават!


Потоа од Евангелието слушаме како двајцата разбојници кои биле распнати заедно со Христа се подбиваат на Него. Но, едниот се предомислил и побарал да го спомене во Неговото Царство. Христос му одговорил: Вистина ти велам: денес ќе бидеш со Мене во рајот! (Лк. 23, 43). Овие зборови нѐ поучуваат дека колку и да е грешен човек, колку и да е оддалечен од Бога, дури и да бил разбојник и цел живот да бил против Бога и да Го распнувал, и да им правел зло на луѓето, доколку со покајание се обрати кон Господа може да ги отвори вратите на Царството Небесно. И ние, слушајќи ги овие зборови, веруваме дека и со нас ќе биде така. Ако ние бидеме подготвени да Го молиме Господа да биде со нас, ако ние пристапиме кон Него со вера, покајание и љубов, тогаш и Он ќе биде подготвен да ги отвори вратите на Царството Небесно.


Други зборови што ги слушнавме од Евангелието се оние со кои Господ се обраќа кон Својата Мајка и ѝ вели: Жено, ете ти син! (Јн. 19, 26), а на апостолот Јован му вели: Ете ти мајка! (Јн. 19, 27). Преку овие зборови не само што ја упатил Својата Мајка кон Јована, а Јована кон Мајка Си, туку сите нас нѐ упатил кон љубовта, закрилата и застапништвото на Пресвета Богородица.


Господ на Крстот воскликнал: жеден сум (Јн. 19, 28). Овие зборови на Господа сведочат дека Он преживувал маки на Крстот, реално како што преживува секој човек. Он бил распнат, тоа било страшно измачување и маченичка смрт, смрт која настапила брзо од истекувањето на крвта и од жед. Но, Господ не бил жеден само за материјална вода. Господ, пред сѐ, сакал спасение за луѓето. Он сакал Неговите страдања на Крстот да допрат до нашите срца и сето човештво да возврати на тоа Негово страдање. И тоа е Неговата молитва за сите нас, дури и за Неговите распнувачи. Господ го сака нашето спасение, и затоа и се искачил на Крстот, за секој од нас да се спаси, па како на неразумниот разбојник, на секој од нас да му се отворат дверите на Царството Небесно.
Кога се приближил часот на смртта, Он ги изговара зборовите: Се сврши (Јн. 19, 30). Овие зборови го означуваат крајот на Неговиот земен подвиг. Тоа преку кое требало да помине се исполнува, земното страдање завршува и настапува Неговата небесна слава. Кога Господ рекол се сврши, тоа значи дека нашето спасение е извршено, што значи дека вратите на рајот се отворени и за секого од нас, а, секако, и за тие кои се наоѓале во адот, зашто по Својата смрт Господ слегол во адот.


На крајот, Господ од Крстот со силен глас извикал кон Својот Небесен Отец: Оче, во Твои раце Го предавам Својот дух! (Лк. 23, 46). Потребно е да се замислиме преку што сѐ поминал Христос и што чувствувал при изнесувањето на овие зборови. Уште пред Неговите крстни страдања, Он се моли на Отецот со зборовите: Оче Мој, ако е можно, нека Ме одмине оваа чаша (Мт. 26, 39). Но, таа чаша не Го одминува. Господ Бог Отецот не одговорил на овој повик, затоа што така требало да пострада Исус Христос. И кога Господ се обраќа од Крстот: Боже мој, Боже мој зошто си ме оставил (Мт. 27, 46), тоа било час на мака поради разделбата со Отецот. Но, Господ умира помирен со Својот Отец. Он умира со доверба кон Отецот, Он умира со чувство дека тоа што се случило Он бил должен да го изврши. Он умрел не во состојба на богооставеност туку во состојба на присуство на Бога Отецот и умрел со доверба кон Отецот. Во Неговите зборови немало никаков укор, во Неговите зборови имало една бесконечна љубов и бесконечна доверба. Он се обратил кон Отецот како дете кое се обраќа кон својот родител: Оче, во Твои раце Го предавам Мојот дух. Тоа биле тие последни зборови што ги изустил Исус Христос од Крстот.


И вечерва, спомнувајќи ги сите настани, односно смртта на Господа Исуса Христа на Крстот, да запаметиме дека Господ му е близок на секого од нас. Он е толку близок како што бил близок и со неразумниот разбојник. Он нѐ сака сите како што ги сакал сите кои Го опкружувале тогаш, и Својата Мајка, и Своите ученици, и војниците кои Го распнувале, со еден збор сите, независно од нивното однесување кон Него. Да го паметиме тоа и да не забораваме дека колку и да бидеме оддалечени од Бога, Господ секогаш ќе биде близок до нас. Колку и да отстапиме од Неговите заповеди, Господ секогаш ќе нѐ сака. Дури и ние да Го оставиме, Он никогаш нема да нѐ остави. Но, потребно е искрено покајание и барање прошка, а Христос, пак, затоа и се издигнал на Крстот – за нашето спасение. Амин.

Велики четврток – 12 страдални Евангелија
Храм „Св. вмч. Ѓорѓи“ Струга
13.04.2023 г.

 

velcetvvec2023 1velcetvvec2023 2velcetvvec2023 3velcetvvec2023 4velcetvvec2023 5velcetvvec2023 6velcetvvec2023 7velcetvvec2023 8velcetvvec2023 9velcetvvec2023 10 

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Април 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
30 31 1 2 3 4 5
6 7 8 9 10 11 12
13 14 15 16 17 18 19
20 21 22 23 24 25 26
27 28 29 30 1 2 3