„Адот е ранет во срцето, кога Го прими ранетиот со копје во ребрата, и воздивнува согоруван од божествениот оган, за спасение на нас кои пееме: Избавителу, Боже, благословен си“ (песна од канонот на Утрена на Велика сабота).

 

На 14.04.2023 година, на Велики петок - вечер, кога го прославуваме светиот настан на Погребението Христово, во храмот „Св. вмч. Ѓорѓи“ беше отслужена Утрена богослужба на која со жални песни погребални беше воспеано Опелото Христово. На Утрената богослужба чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоереј-ставрофорите Сашо Богданоски, Димче Ѓорѓиески и Игор Никовски, свештеникот Горан Ставрески, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Марко Спасовски. По завршувањето на богослужбата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниот народ со пригодна беседа, којашто ви ја пренесуваме во целост.

 

Митрополит Тимотеј


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри,

Против Господа Исуса Христа денес станува сета ерусалимска толпа. Истите тие луѓе, пред не цела седмица, Го дочекаа Христа како цар, Кој ќе ги протера странците, а нив, Јудејците, ќе ги постави на првите места на престолот од Давида и Соломона. Му воскликнуваа на Христа: Осана на синот Давидов. Денеска, пак, истите тие разјарени луѓе викаат: распни Го, распни Го. Сега Христос стои помеѓу нив како јагне помеѓу волци, молчалив како овца на стрижење, исмеан и понижен. Народот велел дека Он не е тој кого тие го очекувале, и во кого се надевале, како што многумина зборувале со негодување. Затоа брзо се променило расположението на овој народ и истите барале смрт на овој Човек со зборовите: распни го, распни...


А претставник на предавниците станал Јуда, еден од апостолите; каква противречност во овој случај. Ученикот Го издава својот Учител. Го продал за пари својот Господ и добротвор. Толку време ревносно одел по Христа и бил сведок на многу Негови дела. Со свои очи видел дека со еден збор оздравуваат слепи, сакати, парализирани, глуви, па дури и мртви воскреснуваат. Но, Јудејците се радуваат на Неговата сила и моќ – на земната сила на својот Учител. Еве Го Месијата кој еден ден ќе нѐ постави на едно од елитните столици на племињата од Израилот. Така мислел и Јуда во себе, а кога видел дека тоа не се остварува така како што тој замислувал, тргнал кон последната корист што можел да ја добие – Го продава Христа за триесет сребреници. Јудиното, пак, друштво ќе помогне многу во Христовите страдања, натпреварувајќи се кој поголема болка ќе Му нанесе на Христа, а за да добијат поголема награда од нивните господари.


Против Христа стана уште еден човек, за кого никој не би се надевал дека ќе направи таков чекор. Тоа бил еден од двајцата разбојници, кој умирал на крстот заедно со Него. Се случило како што пророкувал пророкот Исаија: и Го вброија меѓу злосторници (Ис. 53, 12). Еден од разбојниците, и самиот исмејуван, се исмејува на Синот Божји: Зар не си ти Христос? Спаси се Себеси и нас! (Лк. 23, 39).


Така било на овој прв Велики петок, а така е и денес, по дваесет века. Разликата е во тоа што она што некогаш се случило на Голгота денеска се случува низ целиот свет. Денеска е проширено друштвото на фарисеи, Јуди, Пилати, Кајафи и други лажливци и клеветници. И денеска се исполнуваат пророчките зборови кои велат: наместо да ме сакаат, тие стануваат против мене... ми враќаат зло за добро, омраза – за љубов... Ги прободоа моите раце и нозе... ми дадоа жолчка да каснам, и кога зажеднев – со оцет ме напоија (Пс. 34, 12; 108, 4-5; 68, 21).


Се поставува прашањето зошто Господ Исус Христос имал толку непријатели тогаш, во Своето време? Зошто Христос има толку непријатели и денеска? Сѐ што сакал Христос било Себеси да се стави во служба на луѓето: ќе го земам од вашето тело каменото срце и ќе ви дадам срце од месо (Језек. 36, 26). Христос Кој ги љуби и непријателите, постојано доживува омраза од оние кои ги љуби. Он луѓето ги избавува и спасува, а луѓето постојано Го издаваат и продаваат за евтина цена. Тој им простува и на злочинците, а луѓето постојано Го распнуваат помеѓу злочинци. Поправеден е од правда, а постојано Го следи човечка неправда. Како да ја објасниме оваа противречност?


На Велики петок застанале целосно отворено, една против друга, вистината и лагата, доброто и злото, светлината и темнината. Победила вистината, доброто и светлината. Но, додека има во душите на луѓето квасец фарисејски, книжничко беззаконие, Јудина грабливост, сладострастие Иродово, Пилатова недоследност и несовесност, дотогаш Христос ќе има непријатели помеѓу луѓето. Дотогаш Он ќе биде осудуван, распнуван и убиван. Затоа Христос има толку непријатели на оној Велики петок, затоа ги има и денеска. Можеби и ние некогаш во нашиот живот сме биле во редот на таквите непријатели. Но, денес, на Велики петок, Господи Исусе Христе, искрено се каеме и побожно Те молиме како цариникот – Боже, биди милостив кон нас грешните! Амин.

Велики петок - опело
храм „Св. Ѓорѓи“ Охрид
14.04.2023 г.

 

 

velpetvec2023 1velpetvec2023 2velpetvec2023 3velpetvec2023 4velpetvec2023 5velpetvec2023 6velpetvec2023 7velpetvec2023 8velpetvec2023 9velpetvec2023 10velpetvec2023 11 

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Јуни 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
1 2 3 4 5 6 7
8 9 10 11 12 13 14
15 16 17 18 19 20 21
22 23 24 25 26 27 28
29 30 1 2 3 4 5