„Почит да ѝ оддадеме на свештената двојка наши просветители, кои со преводот на Божествените Писма ни го дадоа изворот на Богопознание; црпејќи од него до денес неисцрпно, ве славиме вас, Кириле и Методие, кои стоите пред престолот на Севишниот и топло се молите за душите наши“ (кондак на Утрена на светите рамнапостолни Кирил и Методиј).

 

На 24.05.2023 година, денот кога ги прославуваме светите рамнапостолни браќа и сесловенски просветители Кирил и Методиј, во параклисот „Св. Кирил и Методиј“ во манастирот „Св. Наум Охридски“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, игумен на манастирот, протоерејот-ставрофор Никола Христоски и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, којашто ви ја пренесуваме во целост.

 

Митрополит Тимотеј


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри,
Христос Воскресе!

Во денешното Евангелие за време на Литургијата, го слушнавме продолжетокот од прочуената беседа на Господа Исуса Христа на Гората на блаженствата. Оваа беседа во целост се наоѓа само кај ап. и ев. Матеј, додека делови од неа се наоѓаат и кај ап. Лука, но не целосно. Беседата е многу важна затоа што ја содржи сета суштина на Евангелието Христово. Еврејскиот народ бил горд затоа што е избран народ и долго време Го очекувал Месијата, Кој требало да дојде и да ги избави од непријатностите што ги имале како поробен народ од страна на Римската власт. Но, очекувајќи Го Месијата, тие имале погрешна претстава за дејноста и улогата на Месијата Кој треба да дојде. Тие очекувале Месија Кој ќе ги ослободи од Римското ропство и сите богатства од светот ќе ги насочи кон нив, а нив ќе ги постави на најзначајните места, облечени во пурпур и свила, збогатени со сребро и злато и со скапоцени камења. И сите народи ќе им служат, а тие ќе господарат во овој свет. Но, Христос, во оваа своја беседа на гората, во корен ја уништува оваа нивна горделивост и нивното очекување, објавувајќи дека Тој нема да биде земен цар, времен и минлив, туку ќе биде проповедник и учител за вечното, неминливо и духовно царство.


Во Евангелието според Јован ги слушаме Христовите зборови: Јас сум светлина на светот; кој врви по Мене нема да оди во темнина, а ќе ја има светлината во животот (Јн. 8, 12). Самиот Христос за Себе вели дека е светлина на светот и оние кои ќе веруваат ќе ја примат таа светлина и ќе го пренесуваат тој одраз во светот, и тие ќе постанат светлина на светот. Ова особено се однесува на апостолите и нивните наследници, пастирите на Црквата, чија улога се состои во тоа да светат со светлината Христова. Тие се должни да живеат така, да Го прославуваат Бога, та другите да го видат тоа во нивните дела.


Господ Христос, имајќи намера да ја ублажи горчината на фарисеите, садукеите и книжниците, додава дека не е дојден да го погази Стариот завет туку да го исполни. Па, можеби некој ќе постави прашање, како тоа Христос ги помирува двата завета? На тој начин што Христос доаѓа да ги исполни сите кажувања во Стариот завет за Месијата, а не онака како што го толкувале тогашните духовни водачи. Христос исполнил сѐ, но во права смисла, а не како што учеле книжниците и фарисеите. Христос повикува на исполнување на суштината на законот, додека, пак, духовните водачи на Еврејскиот народ ја почитувале формата, која немала никаква реалност со вистинското значење на заповедите Божји. Ги делеле гревовите на големи и на мали, а Христос вели: Јас дојдов да ги исполнам Законот и Пророците... и ниту една јота или црта од Законот нема да се измени, додека не се исполни сѐ (Мт. 5, 17-18). Потоа Христос и дополнува: Оној што ќе наруши една од тие најмали заповеди и така ги научи луѓето, ќе се нарече најмал во Царството небесно (Мт. 5, 19). Затоа Христос на повеќе места ги изобличува фарисеите и садукеите за нивната лажна побожност и формализам, којшто не води никаде, а најмалку, пак, во Царството Небесно.


Ние денеска ги прославуваме светите сесловенски просветители и учители Кирил и Методиј. Овие двајца браќа се основоположници на севкупната словенска писменост и култура. Тие се наши и просветители и учители. Учители, бидејќи нѐ воведуваат во писменото и словесно стадо Христово, со останатите културни и просветени народи. Но, во исто време, тие се и наши просветители, бидејќи нѐ просветуваат и препородуваат со Евангелската светлина, со словото Божјо, кое нѐ учи и води кон Царството Божјо. Затоа, не само нашата света Црква туку и сите словенски народи ги прославуваат и чествуваат како основоположници на нивната култура, писменост, вера, наука и на сето она што нѐ издигнува и вбројува во големото христијанско семејство на просветени и писмени народи. Да се обратиме со искрена молитва кон св. Кирил и Методиј, тие да не вмудрат и просветлат со нивните свети молитви, па да одиме по патот Христов и да го исполниме законот Божји. Да бидеме и ние со нашите постапки светлина на светот како вистински христијани и да се надеваме на милоста Божја, да го заслужиме Царството Небесно, сега и во сета вечност. Амин.

Св. Кирил и Методиј
ман. „Св. Наум Охридски“ Охрид
24.05.2023 г.

 

 svkirimet2023 1svkirimet2023 2svkirimet2023 3svkirimet2023 4svkirimet2023 5svkirimet2023 6svkirimet2023 7svkirimet2023 8svkirimet2023 9svkirimet2023 10svkirimet2023 11svkirimet2023 12svkirimet2023 13svkirimet2023 14svkirimet2023 15svkirimet2023 16svkirimet2023 17

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Март 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
23 24 25 26 27 28 1
2 3 4 5 6 7 8
9 10 11 12 13 14 15
16 17 18 19 20 21 22
23 24 25 26 27 28 29
30 31 1 2 3 4 5