„Откако со Твојата смрт си ја умртвил смртта, Господи, си ги зел оние кои си ги возљубил, си се искачил на светата Маслинска Гора, и оттаму си отишол при Твојот Родител, Христе, носен од облакот“ (песна од канонот на Утрена на празникот Вознесение Христово - Спасовден).

 

На 25.05.2023 година, четириесет дена по славното Христово Воскресение, го прославивме празникот на Вознесението Христово - Спасовден на светата Маслинска Гора. По тој повод, во манастирот „Вознесение Христово“ („Св. Спас“) во с. Г. Лакочереј, Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоереј-ставрофорите Никола Христоски и Кирил Јованоски, свештениците Љупчо Бакрачески и Оливер Димитров, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Марко Спасовски. По завршувањето на Литургијата беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон мноштвото верен народ со пригодна беседа, којашто подолу во целост ви ја пренесуваме. На самиот крај, свештенството и народот, со свечена Вознесенска литија Го помолија Севишниот Бог за здравје и прошка на гревовите од изминатата година, за благовремени дождови и плодна година, исполнета со секоја благодат од Вознесениот Спасител. 

 

Митрополит Тимотеј


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри,

Денеска е четириесеттиот ден по славното и победоносно Воскресение Христово, и во овој ден го прославуваме Неговото славно Вознесение од земјата на небото. Ние сме среќни луѓе бидејќи имавме можност да го славиме Христовото раѓање и да зборуваме за Мајката Божја преку црковните песни. Ние се јавуваме и како учесници во Богојавлението, се јавуваме како сведоци на Воскресението Христово, а ги слушаме и проповедите што ни ги исполнуваат душите со радост дека Он ја разрушил смртта и повторно нѐ враќа во домот на Отецот Небесен, од каде по сопствена волја поради гревот беа истерани нашите прародители. И, еве, денеска сме учесници во славата на Вознесението Господово, но само ако самите не се направиме недостојни за тоа, зашто Он затоа и се вознесе на небото, за да приготви место за сите оние кои Го примаат Него и сите вистини искажани од Неговите следбеници. Затоа на Своите апостоли, а преку нив и на сите нас, ни вели: Одам да ви приготвам место. Кога ќе отидам и ќе ви приготвам место, пак ќе дојдам (Јн. 14, 2-3). Каде е вашето богатство, таму е и вашето срце. Вознесувајќи се од нас на небото и седнувајќи оддесно на Бога Отецот, Спасителот секогаш треба да биде настроение на сите наши мисли, желби и надежи.


Празникот Вознесение Господово уште еднаш сведочи за тоа дека Господ ни дал големи ветувања, и нѐ утврдил во познанието дека не сме само земни по природа туку сме и небесни жители. Божјиот Дух дише во нас, а преку Него ние сме живи души, нешто што сме го примиле од Бога со нашето создавање. Господ ни го покажал патот и покажал дека Отецот Небесен го очекува секој кој верува во Неговиот Син, Кого Он Го испратил на земјата заради нашето спасение. Верните нема да бидат отфрлени преку Христовиот суд туку со Неговото име, страдање, Неговата смрт и славното Воскресение ќе се искачат во тоа небесно блаженство во кое биле нашите прародители.


Многу може да се зборува за овој Господов празник. Но, секој христијанин кој верува во Исуса Христа како во Син Божји, и кој се смета за член на светата Мајка Црква, има надеж не само во воскресението туку и дека ќе седне од десната страна на Бога. Онака како што рекол Господ, сите кои ќе се удостојат да бидат со Него на Тајната Вечера ќе бидат и во Царството небесно и ќе се насладуваат со тие небесни благодети. За нас, православните христијани, Тајната Вечера со Господа е светата Евхаристија, моментот кога ние ги оставаме гревовите и се причестуваме со Телото и Крвта Христови.


Црквата примила најголема милост, и во неа Господ ги положил сите средства потребни за нашето спасение. Затоа ние сме должни да се изградуваме себеси и да се издигнуваме кон тоа торжество со благодарност кон Бога, затоа што Он ни ги отвора вратите на Царството небесно и не нѐ лишува од блажените мигови. Затоа и на земјата сите заедно да Го прославуваме и заедно да се вознесуваме со духот во Царството небесно. Секој христијанин е должен да се замисли за својот живот и за тоа каде ќе биде неговото место по земната смрт. Човекот може да ја сака земјава и да се приврзува кон неа, но не треба да заборави дека еден ден и ќе ја напушти засекогаш. Твоето место, христијанине, не е тука на земјава туку или на небото или во адот. Така, подобро е да ги употребиме сите сили и да ги поднесеме сите потешкотии, па да се покажеме подготвени за небото, и да не се вовлекуваме во разни соблазни и гревови, бидејќи поради нив ќе бидеме избркани од небото.


Ние сме должни да се вознесуваме со духот од овој земен грешен пат. Ние сме должни да ги заборавиме сите навреди и да се покаеме за нашите престапи и гревови и да ги оставиме, бидејќи тие наши гревови го рануваат срцето на Спасителот и повторно Го распнуваат на Крстот. Ние сме должни да владееме над нашите гревови и да паметиме што кажал Господ: И нема во Царството Божјо да влезе ништо нечисто... (Откр. 21, 27). Нам ни е даден залог и нема потреба да се сомневаме и да губиме надеж во тоа дека Господ е Милостив, Благ и Милосрден. Ако не беше така, Он не би ги измил нашите гревови со Неговата невина Крв.


Празнувајќи го денеска Вознесението на Господа Исуса Христа, да се потрудиме ова прославување да ни биде од полза. Почесто да ги насочуваме нашите мисли онаму каде што се вознесе нашиот Спасител, Господ Исус Христос. На тоа да ги поучиме и нашите деца. И вознесувајќи ги своите мисли, срца и души кон небото, нашиот Господ ќе го испрати Својот благослов врз нас и врз целиот наш народ. Амин.

Вознесение Христово
Манастир „Св. Спас“
с. Горно Лакочереј, Охрид
25.05.2023 г.

 

spasov2023 1spasov2023 2spasov2023 3spasov2023 4spasov2023 5spasov2023 6spasov2023 7spasov2023 8spasov2023 9spasov2023 10spasov2023 11spasov2023 12spasov2023 13spasov2023 14spasov2023 15spasov2023 16spasov2023 17spasov2023 18spasov2023 19 

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Март 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
23 24 25 26 27 28 1
2 3 4 5 6 7 8
9 10 11 12 13 14 15
16 17 18 19 20 21 22
23 24 25 26 27 28 29
30 31 1 2 3 4 5