„Мироносиците, кои стоеја пред гробот на Животодавецот, Господа бесмртниот Го бараа меѓу мртвите и, кога од ангелот ја примија радосната вест, на апостолите им јавија дека воскресна Христос Бог, Кој на светот му дарува милост голема“ (ипакој на Утрена во Неделата на сите светии).

 

На 11.06.2023 година, во Неделата по Педесетница, посветена на сите светии, во манастирот „Сите светии“ („Си свети“) во с. Лешани, Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоерејот-ставрофор Александар Димоски, еромонахот Вартоломеј, свештеникот Драган Шуминоски и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, којашто интегрално ви ја пренесуваме.

 

Митрополит Тимотеј


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри,

Со Божја помош и оваа година ги прославивме големите празници и тоа: светлото Христово Воскресение, Вознесението на небесата, потоа денот на Света Троица и испраќањето на Светиот Дух врз апостолите од Бога Отецот. Оваа недела по Педесетница, светата Црква торжествено ги прославува сити светии кои од памтивек Му угодиле на Бога и се прославени од Него. Ова е ден во спомен на светиите на исток и на запад, север и југ, почнувајќи од создавањето на светот до сегашно време, светии прославувани на овој празник, знаени, но и многу чии имиња не се познати. Затоа и денеска ги прославуваме сите заедно, ги прославуваме нивните добродетели, за и тие да се соединат помеѓу себе со добродетелите и да не бидат разделени и во торжествувањето.


Денеска, на овој празник, светата Црква го одредува евангелското четиво во кое се изнесува учењето на Господа Исуса Христа за тоа кој пат треба да го врвиме, за да го постигнеме спасението на нашата душа и да наследиме вечно блаженство. Тоа учење подеднакво се однесува на секој еден од нас, затоа што сите ние сме повикани да се стремиме и да го достигнеме небесното Царство. Сите светии кои Црквата денеска ги прославува ни служат како силен пример за нашиот живот. Тие ни се како светило кое нѐ води низ темнината на гревот и нѐ издигнува кон горниот Ерусалим. Господ Исус Христос преку денешното евангелие сведочи дека сите светии биле исповедници на вистинската вера. Тие во името на Господа оставиле сѐ што ги оддалечувало од служењето на Него и од соединувањето со Него. Затоа и Господ Исус Христос ги спроведува светите пред својот Отец на небесата и преку устата на Црквата ги исповедува пред луѓето на земјата.


Господ ни заповеда да Го исповедаме и ни ветува вечно блаженство, додека оние кои Го порекнуваат ќе добијат вечни маки. Да се исповеда Исус Христос не значи само да се верува во Него и во Неговото учење туку секогаш и секаде да се исповеда. Но, ако Го исповедаме Исуса Христа само со уста, а со животот и делата не се сообразуваме, тоа не е исповедање туку лицемерие. Евангелието нѐ учи: Така треба да свети пред луѓето и вашата светлина, за да ги видат вашите добри дела и да Го прослават вашиот Отец, Кој е на небесата (Мт. 5, 16).


Ние денеска имаме можност да се поучиме од многуте житија на Божјите угодници, како да се бориме со страстите и гревовите, како да се каеме и исповедаме, и со солзи да ги измиеме нашите прегрешенија, и како да го носиме својот крст.


Денеска од нас не се бара да ги дадеме нашите животи за Христа. Но, ние на некој начин се јавуваме како мачители, затоа што со нашите гревови ние го раскинуваме Христовиот хитон, а и самите се раскинуваме со нашите гревови. Но, преку покајанието и плачот за нашите гревови, ние сме заедно со Христа, сострадуваме за таа Вистина која торжествува. Ако не денес, таа ќе торжествува утре, а без сомнение ќе се појави во сето торжество за време на Второто Христово доаѓање. Затоа секој христијанин кој сака да учествува во вечниот живот во Царството небесно треба да внимава на себе, на својот пат, на својот живот. Секој треба да знае по кој пат оди, дали по широкиот со сите можни задоволства или, пак, по трнливиот и тесен, кој е единствениот што води во вечен живот.


По зборовите на еден црковен исповедник, како што ѕвездите на небото ги просветлуваат краиштата на земјата и ги водат оние кои патуваат и пловат по морињата, така и подвизите на светиите светат духовно, го просветлуваат и осветлуваат патот на тие кои сакаат да се спасат. И да не допуштиме некој да нѐ оддалечува од нашето спасение, затоа што светиите сведочат дека луѓето од сите положби и полови, и од разни состојби и услови на животот, достигнувале вечно блаженство. Не го спасува човекот местото ниту условите туку само едно е потребно, да се трудиме и со нашиот живот да не го нарушиме барањето на совеста и на законот Божји. Од светите Божји угодници ние сме должни да се учиме на секое христијанско совршенство и потребно е нив да ги имаме за наши патеводители во нашиот секојдневен живот. Амин.

Недела на сите светии
Манастир „Сите Светии – Си Свети“ с. Лешани
11.06.2023 г.

 

sisveti2023 1sisveti2023 2sisveti2023 3sisveti2023 4sisveti2023 5sisveti2023 6sisveti2023 7sisveti2023 8sisveti2023 9sisveti2023 10sisveti2023 11sisveti2023 12sisveti2023 13sisveti2023 14

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Јули 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
29 30 1 2 3 4 5
6 7 8 9 10 11 12
13 14 15 16 17 18 19
20 21 22 23 24 25 26
27 28 29 30 31 1 2