„Денес радоснотворното раѓање Претечево стави крај на татковата тага, поради онеменоста, и на неплодноста мајкина, а ја навестува идната радост и веселие; затоа и сета твар светло го празнува“ (Светилен на Утрена на празникот Раѓање на св. Јован Крстител - Иванден).

 

На 07.07.2023 година, на празникот Раѓање на св. славен пророк, Претеча и Крстител Јован, во ман. „Св. Јован Крстител“ - Бигорски манастир, и оваа година торжествено беше прославен споменот на предвестителот на нашето спасение. Роденденот на светиот Јован Крстител беше прославен со сеноќно бдение и света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на Епископот Антаниски г. Партениј, игумен на манастирот, архимандритите Доситеј и Кирил, еромонасите Макариј, Еразмо и Григориј, свештениците Горан Ставрески и Павел Крцоски, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ероѓаконот Порфириј. По завршувањето на Литургијата, беше осветено празничното коливо, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниот народ со пригодна беседа, којашто интегрално ви ја пренесуваме. 

 

Митрополит Тимотеј


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри,

Го запрашале едно младо момче кое штотуку завршило основно образование, што сака да биде во неговиот живот? Без многу размислување, што е својствено за младите луѓе, одговорил дека сака да биде многу учен, да има богатство, да има најубава кола, стан, луѓето да го почитуваат и да биде над сите. Оваа особеност како да е присутна кај повеќе луѓе од овој свет. Ваква слична желба за владеење во овој свет покажале и браќата, синовите Заведееви, кога ги слушнале зборовите на Господа Исуса Христа, дека го приготвува Царството небесно. Тие побарале да седнат први до Него, едниот од лева, а другиот од десна страна, за да господарат заедно со Него. Но, Христос на тоа ќе им одговори дека не знаат што бараат, бидејќи Неговото Царство не е од овој свет, туку тој зборува за духовно Царство, Царство вечно, кое се остварува само со добри дела, а не со желби.


Затоа честопати нашите човечки судови се необјективни и пристрасни. Кога ги цениме своите вредности секогаш ги преценуваме, а додека, пак, кај другите ги потценуваме или не ги вреднуваме, и покрај тоа што со нив постојано живееме во овој свет. Па, затоа, честопати се случува честити луѓе исполнети со многу добродетели, и по душа и со тело, да бидат потценети или не вреднувани во овој свет, додека, пак, луѓе коишто немаат никакви добродетели да се вреднувани, величани и славени во овој свет. Но, сето тоа се случува обратно кај Господа Бога. Она што е славено и величано во овој свет е ништо пред Бога, ако нема добри дела, и обратно, она што е потценувано во овој свет, а е исполнето со добри дела, е вреднувано и прославувано во Царството небесно.


Денеска го славиме раѓањето на св. Јован Крстител, чие големо име може да нѐ потсети на фактот колку човек може да погреши, потценувајќи ја вредноста кај другите луѓе, а преценувајќи се себеси. Св. Јован Крстител не бил признат од целокупното водечко општество од неговото време – политичкото, интелектуалното, ерархијата. Дури го сметале за опасен член на човечката заедница, па го осудиле на смрт, а потоа и го убиле. Малкумина се тие што ја измериле неговата вредност со вистинската цена. Тоа биле главно сиромашни, неучени луѓе, но со големо срце и дух и големи пред Бога.


Историјата на Јовановото раѓање и живот е многу чудна. Пред 100 години од неговото раѓање, преку устата на пророкот Малахиј, Господ за него вели: И ете, Јас ќе го испратам ангелот Свој, и тој ќе го приготви патот пред Мене (Малах. 3, 1). Така однапред била одредена Јовановата служба. Родителите му биле стари, свештеникот Захариј и мајка му Елисавета. Тие во стари години од Бога измолиле син. Сѐ било необично и чудно. Денот пред Јовановото зачнување, кога Захариј служел пред Бога, според редот и дежурството, дошол кај Захариј ангел Господов и му кажал: Не плаши се, Захарија, зашто твојата молба е услишена и жена ти Елисавета ќе ти роди син и ќе му ставиш име Јован. И ќе ти биде радост и веселие... зашто тој ќе биде голем пред Господа... и ќе се исполни со Дух Свети уште во утробата на мајка си, и многу Израилеви синови ќе ги обрати кон нивниот Господ Бог (Лк. 1, 13-16).


Ветувањето се исполнило. Јован е роден и посветен на пророчката служба. Неговото раѓање зачудило многумина: што ли ќе стане од тоа дете? И раката Господова беше со него (Лк. 1, 66). Во тоа и се состоела тајната на неговата личност – раката Господова беше со него.


Јовановата личност ја имала раката Господова, како што уметникот вајар го обликува своето дело, а Јован постојано и цврсто се држел за раката Господова. За тоа најмногу придонеле неговите родители. Како што растел Јован, така и се ослободувал постепено од родителската рака и сѐ повеќе ја прифаќал Божјата рака, како што и постојано го учеле родителите. Неговиот татко бил боговдахновен свештеник. Елисавета, пак, тетката на Пресвета Богородица, била многу продуховена личност. Со нивната побожност и светост го вдахновувале Јована, го воспитувале во страв Божји и молитва. Родителскиот дом бил за Јована најголемо училиште и најпресуден воспитен показател. Затоа и се вели во Светото писмо: А детето растеше и крепнеше со Духот (Лк. 1, 80).


По смртта на неговите родители, Јован оди во пустина во близина на Мртвото море. Тоа било второто негово училиште. Тој често се молел на Бога. Пустината за него била универзитет без книга и професори. И кога ја почувствувал духовната сила во себе, односно кога станал полнолетен, излегол пред Израилот да ги подготвува патиштата Господови со зборовите: Покајте се, зашто се приближи Царството небесно (Мт. 3, 2).


За ликот на светиот Јован Крстител сведочи и Самиот Спасител: Вистина ви велам: меѓу родените од жена не се јавил поголем од Јован Крстител (Мт. 11, 11). Поминати се дваесет века, а тој останува и стои исправен како столетен даб, како кула – светилник која им го покажува патот на спасението на луѓето. Останува како високо ѕвоно на кое ништо не му наштетило низ забот на времето, и како звук на камбана кој ги буди заспаните совести. Св. Јован Крстител стои исправено и помага со своите молитви и со својот пример. Неговата историја е голема учителка во минатите времиња, ќе остане учителка и во наше време, но и во сите идни времиња.


Согласно кажаното и историјата на Јован Крстител, сега се поставува прашањето: дали ние ги воспитуваме нашите деца и дали правиме сѐ од наша страна што е потребно, па да биде и со нас и со нашите деца раката Господова, како што била со св. Јован? Дали и самите се држиме за десницата Господова, водејќи ги така и децата да се држат за десницата Господова, како што правеле родителите на св. Јован? Старите зографи честопати го сликале св. Јован Крстител како ангел со крилја. Со неговите крилја и силната молитва тој ги закрилува сите луѓе кои му се обраќаат за помош и со искрена молитва. Па и ние, кои денеска сме собрани во овој свет манастир да го прославиме неговиот роденден, да се обратиме со молитва кон него, и нас да ни помогне и заштити со неговите крилја. Амин.

Раѓање на Св. Јован Крстител - Иванден
Ман. „Св. Јован Крстител“ - Бигорски
07.07.2023 г.

 

 

 ivanden2023 1ivanden2023 2ivanden2023 3ivanden2023 4ivanden2023 5ivanden2023 6ivanden2023 7ivanden2023 8ivanden2023 9ivanden2023 10ivanden2023 11ivanden2023 12ivanden2023 13ivanden2023 14ivanden2023 15ivanden2023 16ivanden2023 17ivanden2023 18ivanden2023 19ivanden2023 20ivanden2023 21ivanden2023 22ivanden2023 23ivanden2023 24ivanden2023 25ivanden2023 26ivanden2023 27ivanden2023 28ivanden2023 29ivanden2023 30ivanden2023 31ivanden2023 32ivanden2023 33ivanden2023 34ivanden2023 35ivanden2023 36ivanden2023 37ivanden2023 38

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Јули 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
29 30 1 2 3 4 5
6 7 8 9 10 11 12
13 14 15 16 17 18 19
20 21 22 23 24 25 26
27 28 29 30 31 1 2