„Да го воспееме сите врвот на апостолите, божествените Петар и Павле, светилници на вселената, проповедници на верата, труби на Божјата наука, толкувачи на учењата, столбови на Црквата и разорители на лагата“ (светилен на Утрена на празникот на св. апостоли Петар и Павле).

 

На 12.07.2023 година, денот кога ги празнуваме светите славни, сефалени и првоврховни апостоли Петар и Павле, во храмот „Св. Петар и Павле“ во Кичево, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, свештениците Александар Матески и Александар Крстаноски и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон многубројниот верен народ со пригодна беседа, којашто интегрално ви ја пренесуваме.

 

Митрополит Тимотеј


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри,

Овој свет и живот полни се со спротивставености од најразличен вид. Тие спротивставености постојано доаѓаат до израз во секој човек. Човекот е телесен и духовен, смртен и бесмртен, праведен и неправеден, слаб и силен, добар и злобен, и сето тоа во исто време.


Спасителот на светот, Господ Исус Христос, бил во исто време и Бог и Човек – Богочовек. Небесен Цар, Кој владее со сите светови, и Човек роден во сиромаштво, во пештера и јасли. Он е и најдобар Лекар, Кој ги лекува сите духовни и телесни болести. Но, во исто време Он бил и најголем маченик, Кој претрпел најстрашна смрт, и тоа смрт на крст на Велики Петок. Со Својата смрт Он ја победил смртта, воскреснувајќи од гробот, на третиот ден по Неговото страдање. Зборувајќи за овие спротивставености, апостолот Павле ги запишал боговдахновените зборови: ...нѐ сметаат за измамници, а ние сме вистинити; за непознати, а добро сме познати; нѐ држат како да сме на умирање, а еве – живи сме; како казнети, а неумртвени; нѐ нажалуваат, а ние сме секогаш весели; нѐ сметаат за бедни, а мнозина обогатуваме; како ништо да немаме, а сѐ имаме (2. Кор. 6, 8-10). Посебно е неразбирливо кога човек живеејќи умира, и умира живеејќи. Св. ап. Павле вели: секој ден умирам (1. Кор. 15, 31). Се поставува прашањето, како тоа човек секој ден умира? Човек телесно започнува да умира многу порано од што конечно ќе затропа смртта на неговата врата. Умирањето започнува со првите бели влакна, попуштање на првите млади сили, знаење и вештини. Така се случува да живеејќи – умираме.


Со попуштање на духовните и моралните сили, човекот побрзо духовно „живеејќи – умира“. Колку повеќе кај него отпаѓа љубовта, верата, надежта и добродетелта од секој вид, толку побрзо и повеќе опаѓа неговата животна сила и започнува побрзо да умира. И покрај тоа што се движи по земјата, работи, јаде, сепак, сѐ помалку е жив. И обратно, колку човек расте, преобразувајќи го својот лик во насока на добродетелите, поправајќи се со добра волја, толку во него растат духовните животни сили. Толку повеќе е жив, и толку повеќе кај него умира себичноста, омразата и злото од секаков вид. И во него се раѓаат сѐ повеќе животни сили, нови радости и добродетели. Во него се раѓа нов живот и он „умирајќи започнува да живее“. Големите светители биле умрени за гревот, односно гревовите умреле во нив, и затоа св. ап. Павле можел да рече – јас умирам секој ден (1Кор. 15, 31).


Денеска нашата света Црква прославува двајца првоврховни апостоли, св. ап. Петар и Павле. Тие живееле пред повеќе од дваесет векови, меѓутоа тие и денеска живеат на небесата и на земјата, како и овде помеѓу и со нас. Со нашето присуство во овој свет храм, денеска и ние докажуваме дека тие се живи, иако толку одамна се отидени кај Бога, како големи апостоли и маченици.


За нивниот живот тие оставиле сѐ и се посветиле на проповедање на Христовата наука. Пред сѐ, тие живееле со Евангелието. Постепено во нив умирале човечките слабости, беди и гревови, а се раѓале нови мисли, нови надежи, Христовиот нарав, Неговите начела и Неговата вистина. Биле умрени за гревот, а се раѓале во добродетелите. Умирале за овој свет, а се раѓале за небесно Царство. Затоа св. ап. Павле вели: и јас веќе не живеам, туку Христос живее во мене (Гал. 2, 20).


Живеејќи таков живот, овие двајца Христови апостоли уште за време на овоземниот живот ја почувствувале бесмртноста во себе. Со помошта Божја оствариле бесмртни дела. Кога човек ќе достигне таков степен на својот духовен развој, го надминува стравот од смртта и страдањата, бидејќи уште за животот на земјата започнува да живее со вечен живот. Тоа е причината што праведните свети луѓе лесно ги поднесувале страдањата и маките, па честопати и со голема радост ги жртвувале своите животи за Христа и за Неговата вистина. Токму меѓу таквите биле и денешните славеници, апостолите Петар и Павле.


Доаѓајќи денеска во овој свет храм, кој е посветен на овие големи апостоли Петар и Павле, да им се поклониме и да ги помолиме да ни помагаат со нивните молитви на нашиот животен пат, па и ние да Го прославиме Триединиот Бог, Отецот и Синот и Светиот Дух, сега и во сета вечност. Амин.


Свети апостоли Петар и Павле
Храм „Св. ап. Петар и Павле“ Кичево
12.07.2023 г.

petrovden2023 1petrovden2023 2petrovden2023 3petrovden2023 4petrovden2023 5petrovden2023 6petrovden2023 7petrovden2023 8petrovden2023 9petrovden2023 10petrovden2023 11petrovden2023 12petrovden2023 13petrovden2023 14petrovden2023 15petrovden2023 16

 

 

 

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Јули 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
29 30 1 2 3 4 5
6 7 8 9 10 11 12
13 14 15 16 17 18 19
20 21 22 23 24 25 26
27 28 29 30 31 1 2