„Твојата свештена риза, со којашто си го покривала твоето свето тело, Чиста и Богоблагодатна, на сите верни си им ја дарила како облека на нераспадливоста; со љубов го празнуваме нејзиното полагање, и со страв ти викаме: Радувај се, чиста Дево, пофалбо на христијаните“ (кондак на Утрена на празникот Полагање на ризата на Пресвета Богородица во Влахерна).

 

Сенепорочната и единствена благословена, Пресветата Мајка Божја, која се покажа почесна од херувимите и пославна од серафимите, нѐ удостои нас грешните и недостојни раби, по долги години и поминати цели генерации, повторно да го видиме обновен манастирскиот храм во Заум, с. Трпејца, Охрид, посветен на празникот Полагање на ризата на Пресвета Богородица во Влахерна, на уште еден спомен на нејзините преизобилни чуда. Имено, откако пред неколку години беше возобновен манастирскиот конак во Заумскиот манастир, по молитвите на Мајката Божја, а со Божјиот благослов и благодат, оваа година засветли во сиот свој сјај и центарот на манастирот - Богородичниот преукрасен храм, кој после долги години осквернавеност и запуштеност, беше облечен во ново достојно руво. Откако беа завршени конзерваторските и архитектонските работи од страна на надлежните институции, со благослов на нашиот Митрополит Тимотеј, храмот беше и целосно внатрешно обновен, поточно беше поставен нов мермерен под, нов мермерен иконостас со нови икони, а беше поставен и нов престол. 

 

Ова беше и поводот, на 14 и 15 јули 2023 година, да се собереме во Богородичниот храм во Заум, и да го преосветиме ова наше духовно и културно богатство. Торжествата започнаа на 14 јули во вечерните часови, кога беше отслужена Вечерна богослужба, на која во молитвено присуство на Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, началствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Европски г. Пимен, во сослужение на протоерејот-ставрофор Никола Христоски, свештеникот Горан Ставрески и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. Утредента, на 15 јули, се изврши преосветување на манастирскиот храм, а потоа, според обичајот, беше отслужена и света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Митрополитот Тимотеј, во сослужение на Митрополитот Пимен, архимандритот Нектариј, протоереј-ставрофорите Никола Христоски и Димче Ѓорѓиески, свештеникот Атанас Казанџиски, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Марко Спасовски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон многубројниот верен народ со пригодна беседа, којашто подолу интегрално ви ја пренесуваме. На овој светол и долгоочекуван чин, присуствуваше и градоначалникот на општина Охрид, г-дин Кирил Пецаков, претседателот на советот на општина Охрид, г-дин Сашо Донев, претставници од општината, претставници од НУ Завод и музеј, како и многуброен верен народ, кој дојде да се помоли на нашата Владичица и Божја Мајка, таа секогаш да нѐ штити со нејзиниот чесен омофор. На сите кои зедоа учество во овој свештен чин, им благодариме од сѐ срце, и се молиме на Мајката Божја, таа да биде нивна и наша застапница пред нејзиниот Син и наш Бог. На многаја лета!

 

Во продолжение ви ја пренесуваме беседата на Митрополитот Тимотеј.

 

Митрополит Тимотеј


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри,

Денеска се собравме во овој свет манастир за да го преосветиме во чест и спомен на празникот Полагање на риза на Пресвета Богородица во Влахерна. Најпрво, и пред сѐ, би сакале да искажеме благодарност кон Бога, Кој нѐ удостои да го преосветиме овој древен храм од XIV век, којшто во голема мера беше обесветен од луѓе кои се нарекуваа „православни верници“. Со денешното осветување и со претходните интервенции, како внатрешно, така и надворешно, храмот ја врати основната дејност и цел за која и некогаш бил создаден од ктиторите.


Истиот ќе го прославува овој ден 15 јули секоја година, ден посветен во спомен на настан што се случил во средината на V век во Цариград. Двајца велможи од Цариград, по име Галвиј и Кандид, отишле во Ерусалим на поклонение и таму научиле за ризата на Богородица, и пројавиле голема желба оваа светиња да ја има престолниот Византиски центар. Тие ја пренеле во Цариград и најпрво подигнале свој параклис, каде што ја положиле ризата на Пресвета Богородица. Но, откако согледале дека големата светиња излива голема благодат Божја, одлучиле да му кажат на Цариградскиот патријарх Генадиј, а тој заедно со императорот Лав Велики (457-474) веднаш организирале свечена литија и ковчегот со оваа светиња бил однесен и положен во црквата „Св. Богородица“ – Влахерна, која се наоѓа на самиот брег на Босфор. Тоа се случило во 458 година.


Во денешното свето Евангелие за време на Литургијата го слушнавме Евангелието кое што се чита на сите Богородични празници (Лука 10, 38-42). Господ Исус Христос ги посетува двете сестри на Лазара во Витанија, и едната се зафаќа со приготвување на разни јадења, а сѐ со цел да Го угости Господа Исуса Христа што е можно поубаво и повкусно. Додека, пак, другата сестра Марија седнала при нозете Исусови и го слушала словото Божјо. И двете биле зафатени сестри, и Марта и Марија, но на различни полиња. Едната се занимавала со овоземни работи, подготвувајќи храна за телото, додека Марија црпела духовна храна за душата. Марија не седи покрај Христа туку смирено кај неговите нозе ги прима сите зборови што Господ Христос ги изговарал, поучувајќи за Царството Божјо и за спасение на душата.


Кога Марта ќе побара од Господа Христа Марија да се оддалечи од Неговите нозе и да ѝ помогне во кујната, Христос благо ја укорува со зборовите: Марто, Марто ти се се грижиш и се трудиш за многу работи. Но, само едно е потребно. Марија, пак, го избра добриот дел, кој нема да ѝ се одземе (Лк. 10, 41-42). Со други зборови, Христос не би ја укорил доколку таа не се обидела да ја оттргне од слушање на Словото Божјо, од она што е повредно, потрајно и вечно, а во корист на она што е времено и преодно, а тоа е грижата за нашето тело и за храната која го одржува истото. Но, Христос не ѝ вели на Марта: Марто не ми е потребно јадење и пиење, со што сака да каже дека и тоа му е потребно на човекот, но, сепак, духовното, трајното и вечното имаат предност. Евангелистот, посочувајќи дека Марија коленичи пред нозете на Господа Христа, кажува и дека таа се подготвува не само да го слуша, туку и да го созерцава, а тоа означува и движење кон добродетелите коишто се неопходни за стекнување на вечен и блажен живот. Затоа и Христос ја пофалува нејзината дејност, бидејќи тоа се скалилата по кои се искачува душата од земјата кон небото, а на тој начин и се облагородува, просветлува и осветлува, и постанува жител небесен. Како христијани да ги имаме на ум овие два примера, кои ни кажуваат дека е потребно да се грижиме и за нашето тело, но повеќе е потребно да посветуваме внимание за нашата душа, а тоа ќе го постигнеме со правење на добри дела, со слушање на Словото Божјо и исполнување на Законот Божји.


Да се обратиме со искрена молитва кон Пресветата Богородица, таа да биде наша молитвеничка и помошничка, па и ние да одиме по Христовиот пат и да измолиме милост за спасение на нашите души.


При оваа прилика, би сакал да искажам благодарност кон НУ Завод и Музеј Охрид, кои се погрижија да го уредат храмот преку поправката на покривната конструкција, како и да направат некои архитектонски зацврстувања, кои беа неопходни заради повеќегодишната негрижа, која што доведе до статичка попустливост. Исто така, искажуваме благодарност и кон изведувачот на овие работи, г-дин Перо Митан, како и надзорниот орган во изведувањето. Семилостивиот Господ да ги спомне сите кои вложија труд и знаење за заживување на овој манастир во ова прекрасно место на самиот брег на Охридското Езеро. За многу години. Амин.

Полагање на риза на Пресвета Богородица
Ман. „Св . Богородица“ – Заум, Трпејца
15.07.2023 г.

 

 

preosvzaum2023 1preosvzaum2023 2preosvzaum2023 3preosvzaum2023 4preosvzaum2023 5preosvzaum2023 6preosvzaum2023 7preosvzaum2023 8preosvzaum2023 9preosvzaum2023 10preosvzaum2023 11preosvzaum2023 12preosvzaum2023 13preosvzaum2023 14preosvzaum2023 15preosvzaum2023 16preosvzaum2023 17preosvzaum2023 18preosvzaum2023 19preosvzaum2023 20preosvzaum2023 21preosvzaum2023 22preosvzaum2023 23preosvzaum2023 24preosvzaum2023 25preosvzaum2023 26preosvzaum2023 27preosvzaum2023 28preosvzaum2023 29preosvzaum2023 30preosvzaum2023 31preosvzaum2023 32preosvzaum2023 33preosvzaum2023 34preosvzaum2023 35preosvzaum2023 36preosvzaum2023 37preosvzaum2023 38preosvzaum2023 39preosvzaum2023 40preosvzaum2023 41preosvzaum2023 42preosvzaum2023 43     

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Јули 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
29 30 1 2 3 4 5
6 7 8 9 10 11 12
13 14 15 16 17 18 19
20 21 22 23 24 25 26
27 28 29 30 31 1 2