„На огнена колесница, на облак се вознесе и во светловидна страна премина, Илие Тесвиќанецу, откако ги посрами безбожните пророци. И, како што небото со збор го врза, така разреши ги и нашите гревови, со твоите молитви кон Господа, и спаси ги нашите души“ (стихира по Евангелие на Утрена на празникот на св. пророк Илија).

 

И оваа година, во нашата Епархија торжествено беше прославен нашиот голем верски и национален празник на светиот пророк Илија - Илинден и на светите Пречистански преподобномаченици Евнувиј, Пајсиј и Аверкиј, а според традицијата, централното празнување се одржа во манастирот „Пресвета Богородица Пречиста“ во Кичево. Празнувањата започнаа на 01 август во вечерните часови, со празнична Вечерна богослужба, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоерејот-ставрофор Никола Христоски, еромонахот Макариј, свештениците Александар Матески и Александар Крстаноски и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Вечерната, беше отслужен и парастос за сите кои ги положиле своите животи во сите буни, востанија и војни, а за одбрана на нашата Татковина и за светата православна вера.

 

Торжествата продолжија утредента, на 02 август, со света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Митрополитот Тимотеј, во сослужение на протоереј-ставрофорите Спасе Стефановски и Никола Христоски, протоерејот Сашо Додевски, еромонахот Макариј, свештениците Александар Матески и Александар Крстаноски и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, беше осветено празничното коливо, а потоа беше прочитано и Илинденското послание, испратено од Неговото Блаженство Митрополитот Скопски и Архиепископ Охридски и Македонски и на Јустинијана Прима г.г. Стефан, заедно со членовите на САС на МПЦ-ОА. Истото ви го пренесуваме во продолжение во целост.

 

 

† СТЕФАН
ПО МИЛОСТА БОЖЈА,
АРХИЕПИСКОП ОХРИДСКИ И МАКЕДОНСКИ,
ЗАЕДНО СО СВЕТИОТ АРХИЈЕРЕЈСКИ СИНОД,
ДО СВЕШТЕНОСЛУЖИТЕЛИТЕ, ДО МОНАШТВОТО
И ДО СИТЕ ЧЕДА НА
МАКЕДОНСКАТА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА
– ОХРИДСКА АРХИЕПИСКОПИЈА,
А ПО ПОВОД ИЛИНДЕНСКИТЕ ПРАЗНУВАЊА,
ИСПРАЌА МИР И БЛАГОСЛОВ ОД БОГА

„Радувај се, Илија, голем пророку
и славен претходнику
на Второто Христово пришествие!“1

Возљубени празникољупци,
Старозаветните пророци биле Божји избраници – ревнители за вистината и за правдата. Тие, како гласноговорници и исполнители на Божјата волја, го поучувале и го поттикнувале народот кон покајание и кон богобарање, презирајќи го идолопоклонството како недостојна замена за Бога. Впрочем, пророците ги подготвувале срцата на луѓето за пресрет на ветениот Месија, па затоа сите нивни повици и пророштва биле насочени кон Него, кон Христа – Спасителот на човекот и на сето создание.


Ете, токму таков – ревносен по нарав, богољубив по душа и огненоверен по срце – бил и светиот пророк Илија. Тој, борејќи се против идолопоклонството2, станал вистински поборник за верата, надежта и љубовта во Бога, па затоа неговата севкупна благотворна дејност е за подражавање, а неговиот богопосветен живот – за следба.


Возљубени во Господа,
Врз плеќите на времето во коешто живееме, како никогаш досега, е натоварено неподносливо гревовно бреме, причинето од нашата самодоволност и нашата отуѓеност од Бога. Затоа, потребно е постојано да се угледуваме на светиот богозерцател Илија, па како што тој ја посведочи славата Божја – бидувајќи очевидец при преображенската светлина3– така и ние да се удостоиме да ја видиме истата таа слава, така што постојано ќе бидеме во покајание, ќе напредуваме во добродетелите и ќе ги исполнуваме Божјите заповеди, втемелени врз богољубието и човекољубието4. На тој начин ќе се ослободиме од душевниот товар, којшто е последица на грев­от; ќе се ослободиме од сите тегоби, коишто го отежнуваат нашето катадневие и ќе ги раскинеме сите окови, коишто нè попречуваат да врвиме по вистинскиот пат.


Меѓу другото, не треба да бидеме рамнодушни ни кон сите надворешни влијанија кои­што, на секакви можни начини, се обидуваат да Го оддалечат и да Го искоренат Бога од нашите животи, туку да се закитиме со верата, надежта и љубовта – со коишто беа украсени пророците и апостолите, мачениците и исповедниците и сите богољубиви души – и евангелски да им се спротивставиме, покажувајќи дека да се љуби Хрис­та, значи да се живее рамномаченички живот, живот во кој ќе се сведочи Неговото неизмерно човекољубие.


Всушност, нашево време – времето во кое­што ние сме повикани да Го сведочиме Христа – е, несомнено, најплодородната почва врз којашто треба, подобно на светиот пророк Илија, да ги посееме семињата од нашата вера во Него, од нашиот подвиг заради Него и од нашата благодарност кон Него. Зашто, токму во ова време ќе ги вкусиме и плодовите од сеидбата; токму во овој миг од вечноста ќе го обереме оној плод којшто ќе нѐ преобрази во вистински христољупци и христоносци – во вечни жители на Царството небесно.


Возљубени потомци на славните илинденци,
Годинава одбележуваме 120 години од славното Илинденско востание во 1903-тата и од загинувањето на еден од најголемите идеолози и борци за слобода на Македонија − Гоце Делчев. Истовремено, пак, си припомнуваме и за нашата општонародна вековна борба за слобода, за оној внатрешен порив, внедрен кај секој родољубец, непоколебливо да се спротивстави на сите неп­равди и негирања, а сето тоа само со една цел: доследна грижа и преданост кон сиот црковен и национален аманет, оставен од предците.


Впрочем, и во родољубивата свест на храбрите илинденци биле вгнездени ваквите слободарски идеали и тлееле копнежите за овој исконски дар од Бога. Токму затоа Илинден е најбележитиот национален празник за нас, Македонците, зашто преку него – благодарение на сплотеноста и едномисленоста – е постигнат највисокиот дострел на македонската борба за слобода.


Возљубени родољупци,
Славните илинденци ни се светол пример и поттик за тоа колку треба да ја љубиме Родината, како треба да го негуваме и да го чуваме сето доверено наследство и зошто е потребно, во најтешките мигови, да се обѕрнуваме кон Бога и да ја бараме Неговата помош и закрила. Кон овие славни јунаци да се обгледуваме пос­тојано, за и во нас да се вкорени силниот стремеж за слобода и за заштита на сопствениот црковно-национален бит.


На овој ден да се потсетиме и на Свештеничкиот собир, одржан во Издеглавје, во 1943 година, како и за учесниците на сите црковни собори, и за сите коишто го чуваа споменот за нашата древна Црква, и чиишто желби и заложби минатата година конечно се исполнија. Исто така, молитвено да си приспомниме и за жртвите во сите војни, буни и востанија – комити и војводи, партизани и бранители – и за сите кои­што паднале во борбата за слобода и одбрана на Македонија.


Меѓутоа, притоа никогаш да не забораваме дека вистинската слобода – онаа со којашто Христос нѐ ослободи5– ќе ја достигнеме само ако ја положиме сета наша надеж во Него 6, ако потполно Му се довериме7 и ако сиот наш живот Нему Му го предадеме. Зашто, само во Хрис­та и со Христа сме потполно слободни; и само преку заедница со Христа можеме да се ослободиме од гревот и од смртта – нашите најголеми поробувачи.


Возљубени чеда на Мајката Македонска Црква,
Македонското црковно и национално минато било бранувано од разни искушенија и предизвици, како и од бројни поробувања, предавства и неправди. Но нашиов народ ги урнал сите поставени пречки, имајќи заштита и крепост од Бога, од Кого никогаш не отстапил и кон Кого секогаш ги упатувал своите молитви и немоќи. Всушност, сиот опстој на македонскиот народ низ вековите, па сè до денес, е, неоспорно, Божји дар. Зашто, само оној народ и само онаа Црква коишто се потпираат на Божјата милост и ја положуваат сета верба и надеж во Него – ќе опстанат довека.


Така, со Божја помош и по молитвите на свети Климент, патронот на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, и ние се удостоивме да ги собереме плодовите од подвизите, од молитвите и од долготрпението на нашите претшественици. Благодарение на нив, Бог благоволи и ни ја дари најголемата радост во изминатиов период – радоста изнедрена од канонското и евхаристиско единство и признатата и прифатена автокефалност од помесните Православни Цркви. Зашто, само преку еднодушноста и преку едномислието стануваме вистинско Тело Христово – стануваме Црква, за каква што се застапуваа и каква што ја посакуваа сите наши црквољубиви претходници.


Според тоа, сите годишнини не се само бегло сеќавање на минатите собитија, на чиишто челни места се нашле многумина наши национални или црковни дејци, туку се спомендени во коишто секојпат одново узнаваме дека без сплотеност и еднодушност, без страв Божји и без верба во Него – секој наш подвиг е залуден.


Нека ни е вечна нашата Македонска Црква и Татковината – Македонија! Нека ни е вечен Илинден и нека им е вечен споменот на сите борци за духовна и за национална слобода на Македонија! Амин!

[1]   Од Акатистот кон светиот пророк Илија.

[2]   Види: 3 Цар 18, 20–40.

[3]   Види: Мт 17, 3; Мк 9, 4 и Лк 9, 30.

[4]    Сп. Мт 22, 37–39.

[5]    Сп. Гал 5, 1.

[6]    Сп. 1 Јн 3, 3.

[7]   Сп. Ефес 3, 12.

† СТЕФАН
АРХИЕПИСКОП
ОХРИДСКИ И МАКЕДОНСКИ
заедно со членовите на Светиот архијерејски синод
на Македонската Православна Црква
– Охридска Архиепископија
† ПЕТАР, Митрополит Преспанско-пелагониски и
администратор Австралиско-новозеландски
† ТИМОТЕЈ, Митрополит Дебарско-кичевски и
администратор Австралиско-сиднејски
† НАУМ, Митрополит Струмички
† АГАТАНГЕЛ, Митрополит Повардарски
† ЈОВАН, Митрополит Крушевско-демирхисарски
† МЕТОДИЈ, Митрополит Американско-канадски
† ПИМЕН, Митрополит Европски
† ИЛАРИОН, Митрополит Брегалнички
† ЈОСИФ, Митрополит Тетовско-гостиварски
† ГРИГОРИЈ, Митрополит Кумановско-осоговски
† ЈОАКИМ, Епископ Дељадровско-илинденски
† МАРКО, Епископ Делчевско-каменички

Илинден, 2023-то лето Господово

 

  ilinden2023 1ilinden2023 2ilinden2023 3ilinden2023 4ilinden2023 5ilinden2023 6ilinden2023 7ilinden2023 8ilinden2023 9ilinden2023 10ilinden2023 11ilinden2023 12ilinden2023 13ilinden2023 14ilinden2023 15ilinden2023 16ilinden2023 17ilinden2023 18ilinden2023 19ilinden2023 20ilinden2023 21ilinden2023 22ilinden2023 23ilinden2023 24

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Декември 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
30 1 2 3 4 5 6
7 8 9 10 11 12 13
14 15 16 17 18 19 20
21 22 23 24 25 26 27
28 29 30 31 1 2 3