„Тебе, отроковице, огнот никако не те изгоре, но ги изгоре беззакониците, а Христос тебе те запази неповредена, како што во она време, со моќната рака, ги спаси младите момчиња кои пееја“ (песна од канонот на Утрена на преподобномаченица Параскева).

 

На 08.08.2023 година, денот кога го прославуваме споменот на преподобномаченица Параскева - Петка и на св. свештеномаченик Ермолај, во храмот „Св. Петка“ во ман. „Св. Наум Охридски“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоерејот-ставрофор Никола Христоски и ѓаконот Марко Спасовски. По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, којашто во целост ви ја пренесуваме.

 

Митрополит Тимотеј


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри,


Нашиот Спасител, Господ Исус Христос, го проповедал словото Божјо. Он зборувал за Царството Божјо и севкупната проповед ја разоткрива вистината за тоа Царство. Навистина, пред сѐ, тоа е Царство небесно во кое владее Божјата волја. Него ќе го наследат оние кои се трудат да влезат во радоста на Господарот на животот.


Но, Царството Божјо е и треба да се оствари уште во сегашниот живот на луѓето. Тоа е Царство за иднината на сите народи кои ќе живеат во полна радост во новата земја и во новото небо. Тоа е судбината на секој еден човек, бидејќи самиот Исус Христос вели: Царството Божјо е внатре во вас (Лк. 17, 21). Тоа се открива во човечките души. Кога словото за Царството Божјо ќе се оплоди во него, тогаш самото Царство започнува да се пројавува во срцето и во мислите, и дејствува врз човекот. Тоа го опфаќа севкупниот негов внатрешен живот. Исус ни кажува дека Царството Божјо личи на квасец, кој го закиснува целото тесто (Мт. 13, 33). Тој квасец на тоа чудно Царство постепено го зафаќа целиот човек и ги претвора сите негови сили и дарби во нов живот. Тогаш тоа постанува вистина на животот, кое ги определува сите пројави на христијанскиот свет, сите благородни трепети на човечките срца и сите копнежи на човечкиот ум. Царството Божјо постанува пат по кој одат и срцето и мислата на животот, и сите срдечни стремежи, молитвени мисли и посакувани достигнувања.


Словото на Исуса, откако ќе се соединиме со Него и Он ќе заживее во нас, ни открива еден велелепен простор на душата, а тоа е самото Царство Божјо. Тогаш ние имаме сѐ што ни е потребно за нашето сопствено битисување. Христос ни вели пред сѐ да го бараме Царството Божјо и неговата правда, а сѐ друго ќе ни се придаде како плод на тоа барање (Мт. 6, 33). Гледаме дека Он го поставува Царството Божјо пред сѐ останато, пред нашите барања, пред сите копнежи на срцето, на човечките мисли и најсветлите наши стремежи. Така нѐ учи Христос кога ни порачува да го пазиме евангелскиот закон на Божјото Царство, на доброто и на љубовта.


Христијаните се нарекуваат синови на Царството Божјо (Мт. 13, 39). Такви се оние кои го бараат пред сѐ тоа Царство. Добриот син го бара тоа што законски е негово наследство. Тој не се откажува од наследството на својот Отец, а кога ќе го прими не го растура туку го умножува. Таква е Божјата волја, преку исполнувањето на заповедите се изградува Царството Божјо во одделните души во животот. Во тоа Царство има радост, затоа што раскривањето на човековата душа е радосно преживување. Тоа е како раѓање на денот, кога сѐ посилно започнува да пулсира животот на земјата. Најпрво се открива црвенилото, кое се појавува на исток, потоа се јавува силата на радосната светлина на сонцето, а потоа се јавува целосното мноштво на многуобразниот живот на природата и на луѓето. А со колку поголема силина изгрева во човековата душа, толку повеќе Царството Божјо го поставува во внатрешната хармонија целиот човечки духовен живот, и создава морално единство на човечката личност. Затоа и апостол Павле вели дека Царството Божјо е правда, мир и радост во Светиот Дух (Рим. 14, 17). Радост е затоа што е правда, односно хармонија и мир, т.е. единство на личноста, единство на мислата, на срцето и на волјата.


Токму овие добродетели што ги споменавме ја краселе душата на св. Петка Римјанка, чиј спомен денеска светата православна Црква го чествува. Св. Петка живеела во временски период кога Црквата Христова била жестоко гонета од страна на римските императори, но со нејзината силна и непоколеблива вера и останатите добродетели, со кои била украсена нејзината душа, таа смело и непоколебливо го словела словото Божјо, и за тоа платила и со својата глава, завршувајќи го својот живот маченички. Но, затоа, пак, Бог ја овенчал со непреоден и неовенлив венец и повеќе од ХVII века нејзиното име се прославува, а таа е помошничка на секоја христијанска душа која ѝ се обраќа за помош. Па и ние да се обратиме кон св. Петка, таа да биде наша молитвеница и наша патеводителка по Христовиот пат, за да го наследиме Царството небесно, сега и во сета вечност. Амин.

Света Петка
Параклис „Св. Петка“ –
ман. „Св. Наум Охридски“
08.08.2023 г.

 

svpetkalet2023 1svpetkalet2023 2svpetkalet2023 3svpetkalet2023 4svpetkalet2023 5svpetkalet2023 6svpetkalet2023 7svpetkalet2023 8svpetkalet2023 9svpetkalet2023 10svpetkalet2023 11svpetkalet2023 12svpetkalet2023 13svpetkalet2023 14svpetkalet2023 15svpetkalet2023 16svpetkalet2023 17svpetkalet2023 18svpetkalet2023 19svpetkalet2023 20svpetkalet2023 21svpetkalet2023 22svpetkalet2023 23svpetkalet2023 24svpetkalet2023 25svpetkalet2023 26svpetkalet2023 27svpetkalet2023 28

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Април 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
30 31 1 2 3 4 5
6 7 8 9 10 11 12
13 14 15 16 17 18 19
20 21 22 23 24 25 26
27 28 29 30 1 2 3