„Како пастир најверен ти го одведе стадото на спасителното пасиште на писмата и како светилник го осветли мракот и како маченик претрпе гонења, а како преподобен ја умрти својата плот преку животните подвизи; затоа имајќи смелост пред Бога, спомни си за нас“ (стиховна стихира на Вечерна на св. Климент Охридски Чудотворец).

 

Празникот на светиот Климент Охридскиот Чудотворец, патронот на нашата света Македоснка православна црква - Охридска архиапископија, и нашиот постојан заштитник и молител пред Бога, и оваа година беше торжествено прославен во Светиклиментовиот манастир на Плаошник во Охрид, расадникот во кој нашиот Охридски светија се молеше и подвизуваше, поучуваше и учеше, и чудотвореше, а каде и денес го го остави своето тело, та и сите идни генерации да вкусат од таа небесна благодат. Празнувањата започнаа на 08.08.2023 година, во вечерните часови, кога бешеотслужена Празнична вечерна богослужба, на којашто чиноначалствуваше Негвото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоереј-ставрофорите Никола Христоски, Димче Ѓорѓиески и Игор Никовски, свештениците Горан Ставрески, Ѓорѓи Блажевски и Љупчо Бакрачески и ѓаконот Марко Спасовски. По завршувањето на Вечерната, Митрополитот Тимотеј се обрати кон неизбројниот верен народ со пригодна беседа, којашто подолу во целост ви ја пренесуваме. Во подоцнежните часови беше отслужен и Акатист на свети Климент Охридски.

 

Во продолжение ви ја пренесуваме беседата на Митрополитот Тимотеј.

 

Митрополит Тимотеј


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри,

Чудесен си Ти, Боже, во светоста Своја; Бог Израилев (Пс. 67, 35).


Овие зборови од псалмопеачот Давид се сведоци на еден неоспорен факт. Имено, дека величината Божја и Неговата сила, покрај другото, се огледуваат толку видно и сликовито преку животот и работата на Неговите угодници, праведници и светители. Со право се поставува прашањето: кои се тоа светители и зошто ги прославуваме?


Светителите на прв поглед може да се каже дека се обични луѓе, наши браќа по крв и тело, слични во сѐ на нас и можеби целосно слични како што сме ние. Но, ако детално и одблиску го запознаеме нивниот живот и работа на земјава ќе дојдеме до заклучок дека тие луѓе по многу нешто се разликуваат од нас обичните луѓе во начинот на работа, во однесувањето кон луѓето и кон Бога и Неговите возвишени принципи, а кои ни ги препорачува и науката на Божествениот Спасител, Исус Христос. Тие го поминале целиот свој живот на земјата посветувајќи го на Бога и го поминале нивниот живот во непрестајна и предана служба на Бога и на своите ближни како кон свои родени браќа. Според тоа, тие се покажале како послушни деца Божји. Во нивниот земен живот ги исполниле сите заповеди на законот Божји и живееле во сѐ според светата волја Божја. Тоа се луѓе кои ги презреле сите почести и земни слави од овој век и свет. Тие ги отфрлиле сите телесни желби, страсти и почести, и живееле само со една единствена желба, само на Бога да му угодат, а сѐ останато го сметале за безвредно, непотребно, ништовно и минливо. Сите земни богатства за нив не преставувале никаква вредност, па и тие како св. ап. Павле сметале и ценеле: Затоа, сметам дека и сѐ друго е загуба спрема преважното познание на Христос Исус, мојот Господ, поради Кого се одреков од сѐ, и сѐ сметам за отпад, само за да Го придобијам Христос (Фил. 3, 8).


Светителите се храбри и одважни војници на небесниот Цар, кои војувале добра војна, за да ја сочуваат верата и како заслуга да добијат живот вечен. Црковните поети, вдахновени од Светиот Дух, светиите ги нарекуваат „земни ангели и небесни луѓе“. Затоа што тие како луѓе со човечки слабости, со трпение и смирение, непрестајно постење и молитва, а и со благодатната помош Божја, живееле непорочен живот. Со нивното деноноќно бдеење во молитвите го спуштиле небото на земјата, а земјата ја издигнале на небото.


Светителите се луѓе кои преку бурата на животните страдања и искушенија ги испрале и очистиле своите души од гревовните нечистотии, па така постанале храмови на Светиот Дух. Покрај своето одрекување од сите телесни сласти и страсти, а преку благодатта на Светиот Дух, полека и постепено се искачувале по скалата на христијанските добродетели до светост, и така го постигнале евангелскиот идеал. Бидете совршени како што е вашиот Отец Небесен (Мт. 5, 48). Преку нив, Господ, како преку кристално чист орган, уште за време на нивниот живот на земјата правел чуда и ја покажувал Својата семоќ. Он ја искажувал и Божествената мудрост и ја потврдил вечната вистина дека Бог ги слуша и исполнува молитвите на праведниците, како што вели и св. ап. Јаков: И молитвата со вера ќе го исцели болниот, и Господ ќе го крене; и гревови ако направил, ќе му се простат (Јк. 5, 15).


Возвишениот, чист и богоугоден живот на светителите на земјава, нивните упорни трпења, многуте страдања и одрекувања, а особено чудотворните молитви на светителите се неспорен доказ на големината и семожноста Божја. Ние ги почитуваме и прославуваме тие луѓе бидејќи Бог ги има одредено тие да ни бидат правило и пример на нашиот живот и работа. Од светителите се учиме како треба да живееме, како да Му угодиме на Бога, како да им бидеме од корист на луѓето, а преку тоа да постигнеме и доверба кај луѓето и да постанеме вистински синови Божји.


Светителите се уште и наши посредници и застапници пред Бога, како угодници и пријатели Божји. Ние им се обраќаме со молба за застапништво, и тие ги пренесуваат на својот Отец Небесен своите молитви за исполнување на нашите молби, а Бог никогаш не ги отфрла нивните молитви како молитви на праведници.


Ние вечерва и утре го прославуваме нашиот покровител и заштитник на градот Охрид, на нашата Македонска православна црква и на многу повеќе просветни институции и установи - светиот Климент, Охридскиот чудотворец. Да се обратиме со искрена молитва кон него, а тој да се застапи пред Бога, Кој е Извор на живот и вечна радост, и на секое добро на земјата и на небото. Тој да измоли од Бога милост за градот, за Македонската православна црква, за сите православни луѓе и за секој човек кој со вера и молитва му се обраќа за помош. По молитвите на св. Климент, така нека биде. Амин.

Вечерна на Свети Климент Охридски
Ман. „Св. Климент и Пантелејмон“ - Плаошник
08.08.2023 г.

 

svklimletvec2023 1svklimletvec2023 2svklimletvec2023 3svklimletvec2023 4svklimletvec2023 5svklimletvec2023 6svklimletvec2023 7svklimletvec2023 8svklimletvec2023 9svklimletvec2023 10svklimletvec2023 11svklimletvec2023 12svklimletvec2023 13svklimletvec2023 14svklimletvec2023 15 

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Јули 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
29 30 1 2 3 4 5
6 7 8 9 10 11 12
13 14 15 16 17 18 19
20 21 22 23 24 25 26
27 28 29 30 31 1 2