„Дева Марија и Богородица, денес навистина ни засветли како облак на светлина и од праведните (родители) се раѓа за слава наша. Адам повеќе не се осудува, а Ева од оковите се ослободи. Поради тоа, со смелост ѝ се обраќаме на Единствената Пречиста, и викаме: Твоето раѓање ѝ навестува радост на целата вселена“ (седален на Утрена на празникот Рождество на Пресвета Богородица).

 

Торжествата во чест на Богородичното раѓање продолжија на 21.09.2023 година, во ман. „Пресвета Богородица“ - Пречиста во Кичево, кога беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенаство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на Неговото Преосвештенство Епископот Антаниски г. Партениј, архимандритот Доситеј, протоерејот-ставрофор Никола Христоски, свештениците Горан Ставрески, Александар Матески, Љупчо Бакрачески и Павел Крцоски, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Марко Спасовски. По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, којашто интегрално ви ја пренесуваме.

 

Митрополит Тимотеј


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри,

Речиси на сите Богородични празници за време на светата Литургија го читаме евангелието од Лука, кое на прв поглед нема никаква врска со Божјата Мајка, Пресветата Богородица. Се чита евангелието во кое се кажува дека Господ Исус Христос бил во домот на Марта и како нејзината сестра Марија седнала до нозете на Исуса и го слушала Неговото слово, додека, пак, Марта се зафатила со други работи, трудејќи се да Го угости саканиот Учител. На крајот од ова читање се присоединува уште еден дел од друга глава, каде што се споменува Божјата Мајка, но не се спомнува ништо за нејзиното раѓање, ниту, пак, за нејзината слава. Таму Господ, според Неговото гледање, не обрнувал големо внимание кон восклиците на некоја жена која извикувала: Блажена е утробата што Те носела, и градите од кои си се хранел (Лк. 11, 27).


Но, овие текстови не се случајни. Во Марта и Марија се претставени двата пата, кои секогаш стојат пред секој христијанин во општеството. Или ќе се труди во светот во слава Божја или сецело ќе се посвети себеси на Бога. И на овој и на оној начин или пат можно е да се спасиме. Но, и за Марта и за Марија постои опасност, сметајќи го својот пат како единствено угоден на Бога. Тогаш е потребно да се согледа и оцени духовноста. Таа не е дадена на секого, и тогаш чашата на вагата на човечката слава обично се навалува на страната на надворешното. Затоа и Марта Му вели на Христа: Господи, зар не сакаш да знаеш дека сестра ми ме остави да служам сама? (Лк. 10, 40). Но, Господ ја укорил со зборовите: Марто, Марто, ти се грижиш и се трудиш за многу работи. Но, само едно е потребно. Марија го избра добриот дел, кој нема да ѝ се одземе (Лк. 10, 41-42). Дотогаш Господ ништо не зборувал и не ја осудувал работата на Марта и, несомнено, доколку Марија ја укорувала Марта, сигурно Господ би ѝ рекол: „ти седиш, а таа се труди“.


Пресветата Дева Марија се удостоила да послужи на човековата природа на Исуса Христа и воопшто на целокупното човештво. Таа се удостоила да Го носи во својата утроба, да Го храни со своите гради, и да стои пред Неговото Божество. За нашето, пак, спасение подеднакво се неопходни и спасувањето преку Божеството на Господа Исуса Христа, но и преку Неговата човечка пожртвуваност. И Господ не го потценил воскликот на жената која ги возвеличила само утробата и градите. Он едноставно ги урамнотежил работите и ги ставил на другата страна од вагата велејќи: Да, но блажени се и оние кои го слушаат словото Божјо и го пазат (Лк. 11, 28).


Тоа што го кажала жената и тоа што го кажал Господ, сецело се однесува на Пресветата Дева, затоа што таа од самиот почеток ги сочувала сите зборови во своето срце (Лк. 2, 51). А она, пак, што било невидливо за другите, станало видливо за Елисавета, која исполнета од Светиот Дух искажала торжествена пофалба за Божјата избраничка. Како одговор на оваа пофалба, Пресветата Го возвеличила Бога: Мојата душа Го велича Господа, и мојот дух се зарадува во Бога, Спасителот Мој (Лк. 1. 46-47).


И еве денеска ние го празнуваме нејзиното раѓање во светот, раѓањето на единствената во целиот свет која можела да соедини во себе две големини, овие две природи, Божественото и Човечкото. Затоа и се молиме: Пресвета Богородице, секогаш биди со нас и моли Го својот Син и наш Бог за нас грешните. Амин.


Рождество на Пресвета Богородица
Манастир „Пр. Богородица Пречиста“ Кичево
21.09.2023 г.

 

malabog2023 1malabog2023 2malabog2023 3malabog2023 4malabog2023 5malabog2023 6malabog2023 7malabog2023 8malabog2023 9malabog2023 10malabog2023 11malabog2023 12malabog2023 13malabog2023 14malabog2023 15malabog2023 16malabog2023 17malabog2023 18malabog2023 19malabog2023 20malabog2023 21malabog2023 22malabog2023 23malabog2023 24malabog2023 25malabog2023 26malabog2023 27malabog2023 28malabog2023 29malabog2023 30malabog2023 31malabog2023 32 

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Јули 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
29 30 1 2 3 4 5
6 7 8 9 10 11 12
13 14 15 16 17 18 19
20 21 22 23 24 25 26
27 28 29 30 31 1 2