На 06.11.2023 година, во навечерието на празникот на св. мч-ци Маркијан и Мартириј, во храмот "Пресвета Богородица" во Њукасл, Австралија, беше отслужена Вечерна богослужба, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоерејот-ставрофор Никола Христоски, свештеникот Пецо Петровски и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Вечерната богослужба, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, којашто интегрално ви ја пренесуваме. 

 

Митрополит Тимотеј

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Драги браќа и сестри,

Човекот е создаден од Бога и е поставен во рајот за да биде во непосредна близина и да може да општи или комуницира со Бога. Но, поради гревот што го направиле нашите прародители, тие ја изгубиле таа благодатна состојба и дозволиле гревот да постане реалност во нивните животи. Оттогаш, па сѐ до денес, луѓето сѐ повеќе се оддалечуваат од Бога. Со тоа се потврдува дека гревот го зазема своето место, независно колку луѓето сакаат да го негираат постоењето на истиот. Ние можеме да го одрекнуваме, но, тоа е исто како да одрекуваме дека постојат болести, а лекарите ќе ни кажат дека има, и тоа многу различни.

Најважно, пак, е ние да се загледаме во себе и да видиме дали некоја болест се загнездила во нашите срца и во нашите души. Причината за човековото страдање се гревовите. Гревот го опфаќа и телото и душата на човекот. А нешто слично се случува и со гревот. Ние можеме да одрекуваме дека нема грев, но ако ги прашаме судиите, тие од името на законите ќе кажат дали има или нема, ќе го кажат со друго име, како нарушување на законите и прописите. Законите ќе кажат дали има убијци, крадци, прељубодејци, лажливци и сл.

Во древната историја се раскажува дека ѝ дошло на ум на Семирамида, жената на асирскиот цар Нона, да вкуси што е тоа власт. И таа почнала да го моли царот да биде само еден ден на царска власт. Тешка и непријатна желба. На почетокот царот не сакал да ја задоволи нејзината желба, и ѝ велел барај сѐ друго ќе ти дадам, само тоа не барај го, не можам. Но, таа почнала да прави сцени, да плаче, да преколнува, и царот одлучил да ѝ даде власт на еден ден. Откако седнала на царскиот трон, го зела скиптарот во рацете, круната на главата, и видела дека нејзините поданици ќе направат сѐ што ќе заповеда. Нејзината прва наредба била: врзете ги рацете и нозете на Нона, на царот и нејзин маж, и отсечете му ја главата. Страшната заповед била веднаш извршена. Нешто слично се случува и со гревот. Честопати ние не размислуваме што ќе се случи доколку му дозволиме на гревот само еден ден да царува во нас. Зашто ќе стане истото што стана со царот Нона, кој ја предаде власта на својата жена. И нас гревот ќе нѐ погуби, како што и царицата даде заповед да се отсече главата на својот маж.

А сега да кажеме неколку збора за силата на гревот, а прв меѓу многуте е гордоста. Се вели: секој кој се превознесува ќе биде понижен (Лк. 18, 14). Гордоста е почетен грев. Гордоста е одрекување од и на Бога, унижување на луѓето и мајка на осудувањето. Таа е корен на хулите, место на зло, облека која ги покрива гревовите, врата на лицемерието, подготовка за паѓање на човекот – гордоста е непријател на спасението. За тоа колку е душепогубна гордоста, треба само да си спомнеме на евангелската парабола за цариникот и фарисејот. Фарисејот правел добрини, два дена во седмицата постел, една десетина давал на сиромаси, а чувствувајќи се дека прави големи добродетели паднал во гордост. И кога застанал да се моли, не само што не се молел, туку се фалел и се гордеел со делата, и паднал во друг грев – во осудување: Боже, ти благодарам што не сум како други луѓе и како овој цариник (Лк. 18, 11). А, како што знаеме од евангелската парабола, цариникот излегол оправдан, а фарисејот осуден. Затоа се вели: кој се воздигнува ќе биде понижен, а кој се смирува ќе биде возвишен.

Гордоста нѐ оддалечува од Бога. Таа е најголем непријател на човекот. Гордоста е корен на сите зла во светот. Гордоста не ни дозволува да се запознаеме себеси. Таа ни ги премрежува очите. Затоа секогаш гледаме кај другите дека се полоши од нас. Но, ако ги тргнеме тие очила од нас, ќе видиме дека не сме такви за какви што се замислуваме и дека нашите блиски стојат многу повисоко од нас. Светителите добро се познавале себеси и се боеле да помислат за нивното достоинство, а не пак и да ги укоруваат другите дека се грешници. Св. ап. Павле вели: јас сум прв од грешниците (1. Тим. 1, 15) Ако ап. Павле за себе вели дека е грешен, тогаш можеме ли ние да се нарекуваме праведни и да осудуваме други дека не се добри како нас?

Горделивата душа е бесплодна. Таа изгледа на празен клас од жито, кој отскокнува таму повисоко од другите, но не дава никаков плод, а плодните квасови се наведнати надолу и се полни со зрна.

Да кажеме и еден пример од секојдневниот живот. Се прочуло дека некоја монахиња е светителка. Многу народ одел кај неа да прими поука. Така одлучил и еден монах пустиножител да отиде кај неа. Патувал долго време, и целиот прашлив и изморен стасал до неа. Народот што чекал веднаш му направил пат и го пуштиле да влезе. Тој седнал на столот спроти монахињата и ја замолил да му ги одврзе чевлите, бидејќи нозете му се потечени од долгото патување. Монахињата му одговорила: зошто да ти ги одврзам, јас не сум ти слугинка. Ти дојде и ми ја испраши собата и уште бараш да ти ги собујам обувките. Монахот станал, излегол во дворот, и му рекол на народот: браќа и сестри, не лажете се, монахињата која ја сметате за светица не е, затоа што не е смирена. Јас ја замолив да ми ги собуе обувките, а таа ми рече дека не е слугинка. А Господ Исус Христос на Тајната вечера ги измил нозете на апостолите, а таа не сака да ги собуе моите чевли. Таа е горделива, а гордоста оддалечува од Бога.

И ние да се угледаме на овие примери, да не дозволиме гордоста никогаш да нѐ обземе, а уште помалку да се всели во нашите срца и души, туку да дозволиме смиреноста и љубовта секогаш да ни бидат патеводители во нашиот христијански живот. И така, со нашиот живот да Му угодиме на Бога, да измолиме милост од Него, а за спасение на нашите души, сега и во сета вечност. Амин.

Вечерна богослужба во храм „Пр. Богородица“

Њу Касл, Австралија

06.11.2023 г.

 

 20231106 180626 JTAzQ4C29L20231106 181717 qIk0uAYu9t20231106 182744 bRSdbatK5A20231106 183135 CdLDRXos0O20231106 183209 pa0yeLSq9A20231106 183327 vJPIQK5S1420231106 183337 hKvjjNs10R

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Јули 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
29 30 1 2 3 4 5
6 7 8 9 10 11 12
13 14 15 16 17 18 19
20 21 22 23 24 25 26
27 28 29 30 31 1 2