На 08.11.2023 година, денот кога го славиме споменот на св. вмч. Димитриј Солунски, во храмот "Св. вмч. Димитриј Солунски" во Волонгонг, Австралија, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на Неговото Преосвештенство Епископот Сиднејски и Австралиско-новозеландски г. Георгиј од Руската задгранична црква, протоереј-ставрофорите Никола Христоски и Љупчо Двојаковски, игуменот Гаврил, протоереите Наум Деспотовски и Климент Џепароски, свештеникот Роберт Илијевски и протоѓаконите Николче Ѓурѓиноски и Мартин од Руската задгранична црква. Овој ден беше навистина торжествен за овој наш свет храм, кој стана дом на дел од моштите на светиот вмч. Димитриј Солунски, подарени од Епископот Георгиј, а кои беа свечено донесени пред светата Литургија. Како знак на благодарност кон нашиот ценет гостин, од името на Епархијата, Митрополитот Тимотеј му подари прекрасна панагија, а управата на храмот прекрасна икона од свети Георгиј. Епископот, пак, Георгиј се заблагодари за гостопримството и му подари на нашиот Митрополит прекрасен рачен крст. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниот народ со пригодна беседа, којашто ви ја пренесуваме во целост, а на самиот крај беше прекршен и празничниот колач. 

 

Митрополит Тимотеј

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Драги браќа и сестри,

Ние, како верници, честопати се молиме на Бога нешто да ни подари. Но, честопати нашата молба и не се услишува. Не ни се дава сѐ она што бараме. Се поставува прашањето: каде се наоѓа причината за тоа? Ако нашата желба не се противи на волјата Божја и ако не е на штета за нашето духовно здравје или на штета на нашиот брат, секако ќе ни се исполни преку топлата, усрдна и постојана молитва. Но, за да се исполни волјата Божја, може само тогаш кога нашиот живот во сѐ е во склад со прописите на законот Божји.

Светото Евангелие ни сведочи дека Господ Исус Христос секогаш и во сѐ ја исполнувал волјата Божја. Да се присетиме како се молел во Гетсиманската градина: Па откако ги приклони колената и се молеше, велејќи: ‘Оче, кога би сакал да ја тргнеш оваа чаша од Мене! Но, нека не биде Мојата волја, туку Твојата’ (Лк. 22, 41). И ова е еден доказ дека Исус ја исполнувал волјата на Отецот Небесен. Но, Отецот го испратил Својот ангел за да Го поткрепи и да Го потсети дека Он е „Јагнето Божјо“ припремено од почетокот на светот како Жртва за спасение на луѓето. И како Син Божји Он ја исполнил волјата Божја, го жртвувал Својот земен живот заради нас и нашето спасение, претрпувајќи понижување, плукање, шлаканици и трнов венец на Својата глава, и на крајот го испуштил и Својот дух на крстот.

Ако Господ Исус Христос, Синот Божји и второто Лице на Светата Троица, ја исполнил Божјата волја и страдал заради нас, тогаш многу повеќе ние луѓето треба да ја исполнуваме ако сакаме вечен живот, односно спасение на нашите души. Ние сме должни заради нашето добро во овој и оној свет и живот во сѐ и секогаш да ја исполнуваме светата волја Божја. Но, единствено со Божјата помош и застапништво можеме да ја исполнуваме волјата Божја. Според советот на св. ап. Павле, треба да умреме за гревот, да го очистиме своето срце и душата од престапите на законот Божји, и да се чуваме од секакво беззаконие. Апостолот Павле, пишувајќи им на Римјаните, им вели: Зашто гревот, поттикнат од заповедта, ме измами и преку неа ме умртви (Рим. 7, 11).

Многумина од нас христијаните сакаат да живеат според својот нагон, според желбата на своето срце, без Бога и што подалеку од Него. Сакаме самите да господариме со својот живот и да си обезбедиме мирен и спокоен живот. Но, Господ често нѐ опоменува дека не живееме според Неговата волја, и сака и бара да се поправиме и да живееме како деца Божји според Неговите закони. Затоа, како опомена за нас, некогаш допушта да нѐ снајдат разни болести, жалости, понекогаш и смрт на сакана личност и секакви искушенија, за да нѐ поправи во нашиот живот, да нѐ оттргне од беззаконијата и да нѐ врати на спасителниот пат.

Човекот, за да поживее на земјата според волјата Божја, а со тоа да го исполни својот животен долг и да ја постигне својата цел, односно Царството Божјо, потребно е да оди по Христа и со Него. Затоа и Он Самиот ни порачува: Ако некој сака да врви по Мене, нека се одрече од себе, нека го земе својот крст и нека оди по Мене! Зашто кој сака да ја спаси душата своја ќе ја изгуби; а кој ја загуби душата своја заради Мене, тој ќе ја спаси (Лк. 9, 23-24). Господ Исус Христос ни покажал ваков пример, бидејќи Самиот целосно се предал на исполнување на волјата Божја и ја испил до дното чашата на нашите гревови. Он принел жртва за нас, ја измил сета наша нечистотија од нашите срца и души со Својата Божествена крв, иако бил единствениот без грев.

Речиси сите луѓе имаат по некоја лоша особина. Најчесто полесно ни е да гледаме во животот на нашите браќа и сестри, да го видиме она што е гревовно и недостојно за Божјите чеда, но своите грешки не ги гледаме или, пак, не сакаме да ги признаеме. Вистина е и тоа дека нашата природа е повеќе склона кон зло, отколку кон добро. Истото ни го потврдува и ап. Павле во Посланието до Римјаните: Зашто не го правам доброто, што сакам да го правам, туку злото, што не сакам да го правам (Рим 7, 19). Во ваквата гревовна состојба, треба со сите наши сили да го олесниме гревовниот товар што нѐ притиска и обременува, бидејќи гревот во нас внесол силно влијание и пуштил длабоки корења. Телесно болниот човек оди кај лекар за да се утврди причина на болеста и да добие лекарства за лекување на таа болест. Истото е потребно и кога ќе почувствуваме болка и потешкотија од нашите гревови, и без колебање треба да отидеме кај Лекарот на душите, односно кај Господа Бога. Со искрено покајание да побараме од Него да ни помогне да се вратиме на патот Божји, на патот на верата и вистината, на љубовта и на сите добри дела. Зашто само кога живееме и дејствуваме според Божјиот закон, само тогаш докажуваме дека сакаме да живееме според волјата Божја. А на тоа нѐ повикува и ап. Павле: Преку Законот умрев за Законот, за да живеам со Бога. Се распнав заедно со Христос; и јас веќе не живеам, туку Христос живее во мене (Гал. 2, 19-20).

Слободно може да се каже дека Христовите апостоли ја исполниле волјата Божја. Имале голема љубов кон Бога и кон луѓето, и тоа го покажеле со маченичкото страдање заради Христовото Евангелие. Се радувале за тоа дека Господ ги удостоил со смрт заради Неговата наука, па затоа со право може да се каже дека тие ја исполниле волјата Божја. Св. вмч. Димитриј Солунски, чиј спомен денеска го чествуваме, најдобро ни покажува како ја исполнил волјата Божја со неговата маченичка смрт. И ние, денеска овде собрани за да го прославиме овој велик маченик и сведок Христов, да се обратиме кон него, тој да нѐ охрабри и зацврсти во исполнувањето на волјата Божја, та да спечалиме вечен и блажен живот. Амин.

Свети Димитриј Солунски

                                                            Храм "Св. вмч. Димитриј Солунски " Волонгонг 

                                                                08.11.2023 г.

 

20231108 092527 wGGeiFGC4G20231108 092543 kbAxu0Jv6620231108 093213 R7q6ByLm8A20231108 093544 mvIuzexq5x20231108 093752 mRo8jnI08m20231108 093806 4HbqHXRd0720231108 095635 B7uiHNpi3I20231108 100515 OUk4EK6f1c20231108 102844 MsLON2CA2Z20231108 103659 Xc0dzsHy5T20231108 103756 lfH1ly8h7g20231108 104955 61kHd50J1Q20231108 112102 7c6JgWOh6rIMG 1851 f6gCyf6h0mIMG 1858 ZPFGhH1Z9QIMG 1873 q0vIjKNv4G

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Февруар 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
26 27 28 29 30 31 1
2 3 4 5 6 7 8
9 10 11 12 13 14 15
16 17 18 19 20 21 22
23 24 25 26 27 28 1