„Кога ја прими од Бога светителската одежда и стана пастир охридски, чудесен (Клименте), со твоите божествени зборови и поуки, и со покажаните чудеса, ја преведе во верата цела Македонија. Затоа, сеславни, твојот сесвет спомен го почитуваме“ (хвалитна стихира на Утрена на свети Климент Охридски Чудотворец).
Празнувањето на споменот на светиот Климент Охридскиот Чудотворец и на светиот Климент Папа Римски, и оваа година торжествено се одбележа во Светиклиментовиот манастир на Плаошник во Охрид, почивалиштето на светите чудотворни мошти на нашиот патрон, покрстител и учител, светиот Климент, кој и многу време по своето блажено упокојување, не го остава својот народ, а преку своите дела, молитви и чудеса го исцелува од телесните и духовните немоќи, и го води на трнливиот пат кон спасението. Прославата на споменот на нашиот Охридски и Македонски светител започна ден претходно, на 07 декември 2023 година, во вечерните часови, кога беше отслужена празнична Вечерна богослужба, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоереј-ставрофорите Никола Христоски, Сашо Богданоски и Димче Ѓорѓиески, свештениците Горан Ставрески и Ѓорѓи Блажевски, еромонахот Никодим и ѓаконот Марко Спасовски. По завршувањето на Вечерната богослужба, со благослов на Митрополитот Тимотеј, свештеникот Ѓорѓи Блажевски се обрати кон верниот народ со пригодно слово.
Торжествата продолжија на 08 делември 2023 година, во истиот манастир „Св. Климент и Пантелејмон“ на Плаошник во Охрид, кога беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Митрополитот Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоереј-ставрофорите Никола Христоски и Кирил Јованоски, свештеникот Атанас Казанџиски, еромонахот Никодим, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Марко Спасовски. По завршувањето на Литургијата, беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, којашто ви ја пренесуваме во целост.
Митрополит Тимотеј
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри,
Евангелието е едно, но ние во него можеме да ги разликуваме заповедите на Христа, искажани во параболи, беседи, чуда и пророштва. Евангелските заповеди се нов сојуз на човекот со Бога, и тие главно се изнесени во беседата на Гората. Господ ни покажува два пата, пат на животот и пат на смртта. Он укажува на најразлични заповеди, но, истовремено, го покажува и внатрешното единство на заповедите од Стариот и Новиот завет. Доколку се спореди Светото писмо со скала која е поставена кон небото, тогаш Стариот завет е подножје на таа скала, а Новиот завет неговата висина, односно врвот. Параболите, пак, се мудри изреки кои го покажуваат истото, но на поинаков начин. Параболите и заповедите во нив, пред сѐ, се упатени кон волјата на човекот и кон неговата совест, и тие ни го откриваат морето на Божествената премудрост. Таа мудрост се обраќа кон човечкиот ум. Чудата, пак, се надеж. Во чудата се открива семожноста Божја, на која ѝ се покорува и Небото и Земјата. Чудата сведочат за семоќноста на славата Божја. Таа може да создаде вселена, да исцели смртно болен, да оживее мртовец и да го подигне паднатиот.
Ние денеска го прославуваме св. Климент Охридскиот Чудотворец. Во Евангелието ги слушнавме зборовите: Јас сум добриот Пастир. Добриот пастир си го полага живот свој за овците свои (Јн. 10, 11). Еве какви се добрите пастири. Тие ништо не жалат за своите овци, а добриот пастир го полага и својот живот за нив. Таков бил и св. Климент Охридскиот Чудотворец. Тој, покрај тоа што бил епископ, воопшто не се жалел и не внимавал на своето спокојство. Тој како да летал на крила за да им помогне на сите. Тој и ден и ноќ се заборавал во својот труд, само за да им се најде на сите во помош, учениците да ги поучи, стадото што му било доверено како на добар пастир, да го нахрани со духовна храна.
Таквите стануваат добри пастири, такви треба да станеме и ние. Добрите пастири се жртвуваат за своето стадо, а верниците, пак, треба да се жртвуваат еден за друг. Ние сме должни тоа да го правиме и ќе бидеме сочувани единствено ако се жртвуваме самите за нашите ближни и тоа ќе стане наш сигурен влог за идниот живот.
Токму она што им го даваме на другите никогаш нема да загине, и сето она што го правиме за нашите ближни ни се враќа со голема добрина. Ова може да се спореди со земјоделецот, односно со какви семиња ја посејува земјата, таков и плод ќе собере на крајот. Семињата што нема да ги посее и што ќе ги зачува само за себе, остануваат за него, но, истовремено, и пропаѓаат засекогаш. Слично се случува и со нас. Нашите ближни се таа земја во која ние како во ризница ги положуваме семињата за иднината, ризница во која сѐ се зачувува, сѐ што ќе жртвуваме и сѐ што ќе подадеме. Земјоделецот ако не ги собере плодовите ќе умре од глад, доколку, пак, земјата остане непосеана, семињата ќе пропаднат. Така и ние, ништо за себе нема да оставиме за иднината, доколку сите наши сили и сето свое богатство и достоинство ги употребиме само за себе, а ништо не сме направиле за ближните. Кога даваме нешто наше и правиме некоја добродетел на нашиот ближен, тоа не треба да нѐ обеспокојува туку да нѐ радува, зашто тоа не пропаѓа. Св. ап. Павле вели: А Оној Кој му дава на сејачот семе и леб за храна, Тој ќе го умножи и семето ваше, и ќе ви даде да изобилуваат плодовите на вашата правда (2.Кор. 9, 10). Доколку за нашите дела одлучуваат луѓето, тогаш ние и би можеле да се сомневаме во наградата за нив. Но, на нив гледа Самиот Бог, Кој ги чува нашите жртвувања, и може ли тие да не бидат сочувани? Самиот Бог ги полива нашите семиња, и можат ли тие да не израснат? Бог е гаранција дека тоа нема да пропадне. Нема да се заборави ниту една чаша студена вода подадена на ближен, ниту утешните зборови кажани на човек кој страда, или која и да е добродетел што сме ја направиле кон нашиот ближен.
Денеска го прославуваме св. Климент Охридски Чудотворец, кој ни дава прекрасен пример за добар пастир, но, пред сѐ, и за добар човек и христијанин, кој ги вложувал сите свои физички и духовни сили за доброто на повереното му стадо. Тој нека биде наш молитвеник пред престолот на Севишниот, да ни ја зацврсти верата православна, да ни ја умножи љубовта, па да одиме на вистинскиот пат и да измолиме милост од Бога за спасение на нашите души во Царството Божјо, сега и во сета вечност. Амин.
Св. Климент Охридски
Ман. „Св. Климент и Панталејмон“
Плаошник, Охрид
08.12.2023 г.