„Како светлозарно сонце го озаруваш сето создание со зраците на чудесата, преславен страдалнику Георгие. Празнувајќи го твојот спомен, просиме: Од секакви маки да се избавиме“ (светилен на Утрена на св. вмч. Ѓорѓи Победоносец).

 

На 09.12.2023 година, денот кога го празнуваме светиот великомаченик Ѓорѓи Победоносец и преп. Алимпиј Столпник, во храмот „Св. вмч. Ѓорѓи“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоереј-ставрофорите Никола Христоски, Сашо Богданоски, Димче Ѓорѓиески и Игор Никовски, свештениците Димче Азески и Горан Ставрески, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Марко Спасовски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон многубројниот верен народ со пригодна беседа, којашто интегрално ви ја пренесуваме.

 

Митрополит Тимотеј


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри,

Денешното свето Евангелие, што го слушнавме за време на светата Литургија, ни порачува љубов, и тоа безгранична. Самиот Господ Исус Христос претставува совршена воплотена љубов. Он, Кој ги засака своите ученици, и тоа до крај (Јн. 13, 1), Он им ја даде и заповедта за љубов: Оваа заповед ви ја давам: да се љубите еден со друг (Јн. 15, 17). Господ Христос им зборува за многу работи што треба да ги вметнат во нивното служење, но, всушност, Он објавува само едно, а тоа е да се сакаат едни со други.


Но, во светот постои и омраза, која е печат на антихристовото демонско царство, онака како што е љубовта печат Христов. Оние во кои престојува оваа омраза се деца од овој свет, за разлика од децата Божји. Тој свет го сочинуваат Јудеите и незнабожците, кои Му се спротивставуваат на Христа и на Неговите служители. Христос ги охрабрува Своите апостоли, но, во исто време, допушта во нив и „трн во телото“ (2. Кор. 12, 7), што значи прогонство и страдање заради Христа. На верниците Христос им дава служење исполнето со многу труд, жалости и маки, но, исто така, и утеха која сето тоа го надминува, утеха содржана во заповедта за љубовта. Кога од сите страни сме опкружени со непријатели, тогаш е потребно уште повеќе да се држиме и чуваме заедно.


Големо е непријателството во светот кон оние кои се Христови. Светот ги мрази и проколнува оние кои Христос ги благословува. Светот никогаш не гледа благонаклоно кон оние кои се наследници на небото. Ќе ве гонат, вели Христос. Сите, кои сакаат да живеат побожно во Христос Исус ќе бидат гонети (2. Тим. 3, 12). Христос ги праќа апостолите како јагниња помеѓу волци. Светот ќе ги отфрли затоа што не му припаѓаат. Ако биле од светот, според неговиот дух, светот би ги сакал. Но, бидејќи не се овој свет, а Христос ги избрал од овој свет – затоа светот и ги мрази (Јн. 15, 19). Светот ги мрази бидејќи нивниот живот е осуда на светот и навистина е опасно да се биде вистински побожен. Вистински е опасно да се насочуваме кон совршенство и кон повозвишени норми во животот од оние што сите ги поддржуваат. Да се сетиме на зборовите на св. Антониј Велики, кој вели: ќе дојде време кога ќе речат: ти си луд, бидејќи не сакаш да учествуваш во општото безумие. Но ние ќе те принудиме да бидеш како сите. Но, христијанинот е оној кој има храброст да не биде како сите, да не падне во атеизам или уште полошо – во сатанизам.


Светот ги мрази христијаните затоа што тие Му припаѓаат на Христа. Сето ова ќе ви го прават заради Моето име (Јн. 15, 21) – вели Христос. Гонењето на Црквата се вршело под секакви изговори, но во основата секогаш почивала омразата кон Христа и кон оние кои го носат Неговото име во овој свет. Св. ап. Петар вели: Ако и страдате за правда, блажени сте (1. Петр. 3,14). Св. ап. Павле, пак, вели: Само ако со Него страдаме, та и со Него да се прославиме (Рим. 8, 17). Ако светот толку Го замразил Христа, можеме ли ние да очекуваме дека кое и да е добро дело може да нѐ сочува од неговата злоба? Затоа и Христос им вели на Своите ученици: Помнете ги зборовите што ви ги реков Јас: ниеден слуга не е поголем од својот господар. Ако Мене ме гонеа, и вас ќе ве гонат; ако Моите зборови ги запазија, и вашите ќе ги запазат (Јн. 15, 20). Како што во почетокот на христијанството служењето било следено од малкумина, од оние малкумина кои ја примиле Неговата проповед, така и на крајот на црковниот пат ќе останат малкумина кои ќе ја сочуваат верата.


Во Светото писмо зборот свет е она од што христијанинот треба да се откаже. А светот и не може да има поголема причина за тоа одрекување од омразата кон Христа. И Господ зборува за тоа и ја зголемува нивната вина зашто го замразиле, како што вели: Да не бев дошол и да не им бев зборувал, грев немаше да имаат. Но, сега немаат изговор за својот грев (Јн. 15, 22). Секој човек знае, или треба да знае, дека на кого повеќе му се дава толку повеќе и се бара од него и толку поголема одговорност паѓа на него. Христос го разобличил гревот. Он покажал дека тоа е пат кон смртта. Со Својата крстна љубов објавил прошка на гревовите и го покажал патот кон вечниот живот. Но, тие Го замразиле за ништо. Дали нешто друго може да се спореди со таквиот грев? Оваа омраза се потврдува уште од самиот почеток на Христовата наука.


За ова ни сведочат и многубројните маченици и великомаченици, кои ги положиле своите животи за Христа и за Неговата блага вест. Еден од таквите е и св. вмч. Георгиј, чијшто спомен денеска го прославуваме. Овој млад и здрав војсководец го положил својот живот за Христа и Неговата наука, но од Христа не се откажал. Затоа Бог го наградил во Царството небесно, каде постојано Го слави и прославува Триединиот Бог. Бог му дал власт и моќ да се застапува пред Него со молитви и прозби, за помош на сите кои од него бараат помош и спасение. По неговите молитви, Бог нека ги прими нашите молби за наше спасение и вечен живот. Амин.

 

Свети Ѓорѓи - посен
Храм „Св. Ѓорѓи“ Охрид
09.12.2023 г.

svgjorgpos2023 1svgjorgpos2023 2svgjorgpos2023 3svgjorgpos2023 4svgjorgpos2023 5svgjorgpos2023 6svgjorgpos2023 7svgjorgpos2023 8svgjorgpos2023 9svgjorgpos2023 10svgjorgpos2023 11svgjorgpos2023 12svgjorgpos2023 13svgjorgpos2023 14svgjorgpos2023 15svgjorgpos2023 16svgjorgpos2023 17svgjorgpos2023 18svgjorgpos2023 19

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Јули 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
29 30 1 2 3 4 5
6 7 8 9 10 11 12
13 14 15 16 17 18 19
20 21 22 23 24 25 26
27 28 29 30 31 1 2